Сеопфатна поддршка за вашето ментално здравје создадена да ве води кон
внатрешна рамнотежа, самодоверба и одржлив личен раст.
М-р Ивана Хаџиванова е лиценциран психолог, гешталт психотерапевт, EMDR практичар и семејно-системски советник. Дипломирала психологија на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, а подоцна магистрирала правни науки од областа на казненото право и криминологијата.
Во 2017 година го основа НЕОКОРТЕКС – Центар за психотерапија, психодијагностика, тренинг и едукација во Скопје. Како надворешен соработник на Клиничката болница „Аџибадем Систина“, учествува во мултидисциплинарни тимови за психолошка поддршка и третман на пациенти.
Во својата практика применува гешталт и семејно-системски психотерапевтски пристап и работи со возрасни, парови и семејства, како и со деца и адолесценти. Во работата создава безбеден и доверлив терапевтски простор, приспособен на потребите, животниот контекст и целите на секој клиент.
Сертифициран практичар е за EMDR психотераписка техника и третман на психолошка траума. Дополнително е обучена за ASSYST Method, како и за EMDR G-TEP и R-TEP протоколите. Има дополнителни едукации од областа на психодијагностиката, клиничката невропсихологија и невропсихолошка дијагностика, детската психодијагностика, прва психолошка помош, како и едукација за ЕФТ- Емоционално фокусирана терапија за парови.
Има долгогодишно искуство во бизнис и корпоративниот сектор, каде креира и реализира обуки и програми од областа на организациската психологија, управувањето со стрес, емоционалната интелигенција, комуникациските вештини, лидерството и личниот и професионалниот развој.
Како предавач и јавен говорник, придонесува кон унапредување на психоедукацијата и подигнување на јавната свест за значењето на менталното здравје преку стручни предавања, едукативни кампањи и јавни настапи.
Во текот на својата професионална кариера има остварено бројни национални и меѓународни соработки со институции и организации, меѓу кои ИОМ ОН – Меѓународната организација за миграции, здружението „ЕГАЛ“, каде стекнала искуство во психолошка поддршка и работа со лица од ЛГБТИК+ заедницата, и здружението „Живот со предизвици“ со поддршка на лица со ретки болести. Како повеќегодишен надворешен консултант на ИОМ ОН, била обучена од експерти од Универзитетот во Кембриџ за водење програми со млади во областа на превенцијата на насилен екстремизам, интегративната комплексност, критичкото мислење и емоционалната интелигенција.
Во периодот од 2012 до 2020 година работела како психолог во процесот на селекција на воени пилоти за хеликоптерските единици на Армијата и Полицијата на РСМ, каде спроведувала скрининг и психолошка проценка со цел селекција и обука на кандидатите.
Поседува посебна лиценца за вршење психолошка дејност во областа Психологија на здравје – психотерапија, издадена од Комората на психолози на Република Северна Македонија. Таа е една од основачите и член на Управниот одбор на EMDR North Macedonia Association, член на Европската асоцијација за гешталт психотерапија – EAGT и член на МНАГТ Контакт Скопје.
Психотерапевт Хаџиванова