Neocortex

Не секое дете со висoка енергија или импулсивност има АДХД

Што претставува АДХД? АДХД е една од првите работи за кои се сомневаме кога однесувањето на детето на час или перформансите на училишните задачи е проблематично. Дете кое не може да седи мирно, кое дава одговори на час без да крева рака, кое не ја завршува домашната работа, и се чини дека мечтае кога наставникот дава упатства, се однесувања кои најчесто се поврзуваат со АДХД. Претпазливоста е од есенцијална важност во донесувањето на заклучок дека станува збор за АДХД, затоа што ваквото однесување може да биде резултат на други фактори, од анксиозност до траума, или едноставно да станува збор за најмлад ученик во одделение со самото тоа и развојно помал. Карактеристики на АДХД Постојат три вида на однесување вклучени во АДХД: недостиг на внимание, хиперактивност и импулсивност. Потребно е да се има во предвид дека повеќето деца повремено имаат потешкотија да го одржат и насочат вниманието кон своите наставници и родители, да останат на своите места и да го чекаат својот ред. За АДХД зборуваме кога однесувањето се движи во големи екстреми во овие области за ралика од другите деца на нивна возраст. Некои деца покажуваат претежно невнимателно однесување, а други претежно хиперактивно-имуплсивно. Голем број од децата со АДХД имаат комбинација на симптоми од овие две групи, што дополнително го отежнува секојдневното функционирање. Симптоми на недостиг на внимание кај деца со АДХД: тешко следи упатства; има проблеми со организирање на задачи и работен простор; не обрнува внимание на детали, прави неповрзани грешки при извршување на училишните задачи; лесно се откажува; изгледа како да не слушна кога директнo му се обраќате на детето; избегнува задачи за кои што е потребен постојан ментален напор, вклучувајќи и домашна работа; често губи тетратки, книги, јакна, спортска опрема, ранец додека е на училиште; Симптоми на хиперактивност кај деца со АДХД: нервозен и загрижен додека седи; не може да предвиди опасност; секогаш се чини дека е „во движење“ како да е „управувано од мотор“; често имаат потешкотија доколку треба мирно и тивко да се вклучат во некоја игра или активност; трчаат и се качуваат на предмети што ги изложува во голема опасност; црта наоколу, допира или си игра со нешто од негова близина; често тресење со рака, нога или постојано вртење кон другите деца во училница; Симптоми на импулсивност кај деца со АДХД дава одговори пред да се постави целосно прашањето; екстремно нетрпелив, едвај чека да дојде на ред; постојано прекинува разговори или други активности; коментира несоодветно, ги покажува своите емоции без воздржаност; ВАЖНО е да се има во предвид дека не секое дете со висoка енергија или импулсивност има АДХД.  Не постои едноставен тест што може да дијагностицира АДХД, станува збор за комплексна постапка во која што се вклучени повеќе лица како психолог, специјален едукатор и рехабилитатор, психијатар, невролог. Најпрвин мора да се исклучат други можни причини за појава на вообичаените знаци  и симптоми на АДХД. Ваквиот модел на однесување потребно е да трае најмалку 6 месеци, секако многу битен фактор на која возраст е детето. Со цел навремено да се препознае синдромот на дефицит на внимание и хиперактивност и да се обезбеди соодветна поддршка на детето, од голема важност е да се едуцираат наставниците, родителите и стручните соработници. Нема волшебно стапче за овие потешкотии. А, и да го има, тоа би било составено од: смиреност, трпеливост, оптимизам и пофалби секогаш кога е можно, и за најмалиот прогрес!

ДИСЛЕКСИЈА-ПРЕДИЗВИК ЗА ДЕЦАТА И РОДИТЕЛИТЕ!

Дислексијата е специфична потешкотија во учењето која има невробиолошко потекло коешто се карактеризира со тешкотии во правилно и флуентно препознавање на зборовите, проблеми во спелувањето и проблеми со способности за декодирање. Потешкотијата кај децата со дислексија потекнува од неможноста да се воспостави конекција меѓу гласовите и пишаните симболи-буквите. Дислексијата е состојба при која мозокот различно ги процесира говорниот и пишаниот јазик. Улогата на родителот е од есенцијална важност во поддршката на детето со дислексија. Постојат голем број на активности кои родителите би можеле да ги изведуваат со цел да му помогнат на своето дете: Слушајте аудио книги и оставете го вашето дете да чита со нив. Бидете сигурни дека детето поминува некое време читајќи само, тивко и гласно. Прочитајте ги омилените книги неколку пати, на тој начин ја зголемувате самодовербата на вашето дете кога е во прашање учењето. Наизменично читајте на глас, тоа можеби да биде некој текст со интересна содржина, на тој начин детето создава позитивна слика за себе. Зборувајте за приказните што ги читате заедно и поставувајте прашања од типот: „Што мислиш дека ќе се случи следно?“ Обидете се домашните задачи да се спроведуваат во средина која е соодветна на стилот на учење на детето. Ако детето преферира музика, тогаш дозволете да учи со музика. Направете визуелен распоред за извршувањето на обврските во текот на денот. Охрабрете го вашето дете да се занимава со активности во кои ужива. Дозволете му на детето да избере активност што не вклучува пишување и читање, без разлика дали станува збор за музика, цртање или некој спорт. Помогнете му на детето да развива сопствени стратегии за учење. Доколку забележите дека детето е премногу под стрес поради учење, се соочува со ниска самодоверба, задолжително побарајте помош од стручни лица и во никој случај не го игнорирајте тој проблем. Честите грешки во читањето, пишувањето, и генерално во училишните активности, кои најчесто се прилагодени на останатите деца во одделението, прават децата со дислексија да не се чувствуваат рамноправно со другите деца во одделението. Тоа доведува до фрустрација и чувство на инфериорност кога се споредуваат со другите деца. Ако тоа трае подолг временски период, тие започнуваат да се перцепираат самите во негативно светло. Затоа е важно на децата да им се помогне да сфатат дека дислексијата не е негативна карактеристика, и треба да им се објасни дека тоа не е болест, туку едноставно дека нивниот мозок работи на поразличен креативен начин. Разговарајте со вашето дете на темата дека ниеден човек не може да биде способен за секоја задача или вештина и дека сите луѓе имаат одредени способности и слабости. Давајте им примери на други дислексични лица кои станале славни и успешни во одредени сфери и покрај нивната дислексија. Секогаш потенцирајте ги нивните способности, и имајте разбирање и поддршка во работата со нивните предизвици!