ШТО СЕ ДОБИВА ОД РАЗВОЈНАТА ПРОЦЕНКА?
Развојната проценка, раната дијагностика и интервенција, индивидуално следење на растот и развојот на секое дете е доста значајна тема кога зборуваме за ран и предучилишен здрав раст и развој. Развојот на децата е најинтензивен во првите години од животот, но исто така е многу познато дека секое дете своите развојни задачи ги исполнува индивидуално само за себе, па има разлика во време, начин од едно до друго дете, преминувајќи од една во друга развојна фаза. На пример, некои деца во првата година и пол имаат побогат вокабулар, се случува да некое од децата започнува да оди на 10-11 месеци, a некои деца се сеуште во фазата на лазење. Она што е важно и значајно за секој родител, како и воспитувач во градинка, е веднаш штом се забележи некое отстапување и веќе подолг временски период има неисполнување на задачите од развојната мапа, да се алармира и да се процени секој сегмент од развојот на детето. Што е индивидуална развојна мапа? Индивидуалната развојна мапа е преглед на основните пресвртници во менталниот и физичкиот развој на детето од раѓање до седумгодишна возраст. Ги опишува карактеристичните промени и можните отстапувања на разбирлив и едноставен начин. Детектирањето на отстапувања го прават и педијатрите, воспитувачите во градинка, па потоа даваат насоки да се направи развојна проценка од страна на стручно лице. Постојат мапи кои што се наменети и за родители со цел само-проценка и забележување на текот на развојот на своето дете, а секако тоа е основа за ориентација и следење на развојот на детето, како и организирање на неговите активности. Кога зборуваме за проценка и следење според развојна мапа, внимателно ги следиме следниве сегменти: – Психо-моторен развој – Социо-емоционален развој – Когнитивен развој – Развој на говор и комуникација Она што секојдневната пракса го покажува во нашиот центар, и е значајно во правењето на развојната проценка, е првото интервју со родителите. На првото интервју со родителите секогаш се детектираат позначајни моменти како семејните обрасци на однесување, стилови на воспитување, колку средината во која што расте детето е стимулирачка, посетување на градинка, историја на пренатален, перинатален и постнатален период. Кој е следниот чекор откако кај детето ќе се детектира неисполнување на развојните задачи? Доколку за време на развојната проценка и опсервација кај детето се забележат отстапувања во развојот, пораки кои што несвесно се праќаат до детето и влијаат на неговото однесување, следниот чекор е поставување на целите и на тоа што конкретно ќе се работи, со концизни и јасни насоки кон семејството, дополнителни задачи за работа дома, индивидуална поддршка на детето, но секако и поддршка на целиот семеен систем. Запомнете: Секое дете е своја едника вредна за почит, секое дете има право да биде разбрано и да го развива својот потенцијал на соодветен начин познавајќи ги неговите функционални можности. Секое дете има право да им верува на возрасните, и возрасните да веруваат во него. Секое дете има право на поддршка што ќе му овозможи да развие сопствени стратегии за размислување и превземање акција!
КОЈ Е ВИНОВЕН ШТО МОЕТО ДЕТЕ ОТСТАПУВА ОД РАЗВОЈНАТА МАПА?
Кога родителoт ќе забележи дека детето не се развива како што се очекува, тој честопати прво го поставува прашањето каде направил грешка во воспитувањето и грижата, а на ова прашање честопати следат мисли како на пример: -Зошто ова ми се случува мене/на моето дете? -Можеби не јадев доволно добро или се однесував несоодветно за време на бременоста? -Ова секако значи дека сме лоши родители и дека сум лоша мајка! -Секој ќе ми суди и ќе помисли дека сме невнимателни, незаинтересирани, неинформирани и дека не го сакаме (доволно) своето дете. Овие и слични мисли изгледаат целосно парализирачки, и ги прави родителите да се чувствуваат преплавено. Кога семејството е зафатено од тага, чувство на беспомошност, а понекогаш и меѓусебно обвинување, детето се наоѓа во ситуација да биде запоставено и лишено од потребното внимание, грижа и поддршка, а така ситуацијата дополнително се влошува. Кој е виновен? Ако има отстапување во развојот, причините обично се комбинација на различни околности и фактори. Ако членовите на семејството се фокусираат на расправија за тоа на кого припаѓа вината, многу е веројатно дека детето наскоро ќе почне да се чувствува лошо и виновно за семејните немири и раздори. Во исто време, додека се занимавате со грижа и вина, вашата енергија и ентузијазам не можат да бидат на завидно ниво, па затоа доаѓате во ситуација да немате доволно сила да му дадете на детето љубов и поддршка кои му се најпотребни. ЗАСТАНЕТЕ! Во моментот кога ќе забележите дека развојот на вашето дете не се одвива вообичаено, исполнувајќи ги развојните задачи од развојната фаза, важно е преиспитувањето и родителскиот страв да им отстапат место на стратешките одлуки кои ќе одат во насока на обезбедување соодветна професионална поддршка и не помалку важна – обезбедување емоционална поддршка на детето. Што е важно да се направи во овој момент? Првата најважна работа што можете да ја направите во овој момент е да ги запрете негативните мисли фокусирајќи се на целото знаење, искуства и што ги имате како индивидуи и како семејство. Токму овие ресурси ќе ви помогнат да го обезбедите потребното професионално охрабрување за детето и, како семејство, да се фокусирате на надминување на моменталната состојба на најдобар можен начин. Одвојте време за семејни активности во кои сите уживате, што ќе придонесе за поголемо чувство на блискост и семејна поврзаност, како и опуштење на напнатоста. Разговарајте. Чувството на поврзаност, меѓусебната блискост и чувството дека сте тим во кој сите сте тука едни за други, се скапоцени за сите членови на семејството во сите ситуации, особено во криза. Бидете свесни за тоа што се случува со детето во моментот, обидете се да бидете и објективни. Јасна слика, заедно со информации за силните страни на детето, ќе му бидат од голема важност на експертот да ја обликува работата со детето на најдобар можен начин. Обидете се да ги разгледате развојните предизвици на вашето дете што е можно пообјективно. Бидете свесни, но и истакнувајте ги силните страни на вашето дете. Детето веќе се чувствува различно од другите, не успевајќи целосно да се вклопи во своите врсници или да ги искаже своите мисли, желби и емоции. Поради тоа, тоа се чувствува фрустрирано, неразбрано, луто или тажно, може да се повлече од социјалните ситуации или да предизвика дополнителни неповолни ситуации со своето однесување, за што често се казнува. Од друга страна, кога ќе се фокусираме на тешкотијата со која се соочува детето, може да се случи чувството за постоење на проблемот да надвладее до степен до кој ќе се занемарат многу други аспекти на неговото функционирање, а кои се сосема соодветни. Наместо да се фокусирате исклучиво на проблемот и да и пристапувате на моменталната состојба од перспектива на страв, обидете се да го погледнете вашето дете реално и на тој начин да ги вклучите и вашите и силите на детето во вистинската насока. Свеста за доблестите на вашето дете ќе има корист и за вас и него, бидејќи се соочувате со развојни предизвици. Тоа ќе ви овозможи подобро да го разберете и почувствувате вашето дете и, според тоа, да се позиционирате што е можно подобро, без да очекувате премногу или премалку од него. Запомнете: Кога ги почитувате силните страни на вашето дете и успеете да ги потенцирате на искрен начин, и вербално и преку вашите очекувања од детето, му помагате да го задржи чувството на компетентност, чувство на моќ и гордост во сите други области, како и во групата врсници. Ова е многу важно да се има предвид, бидејќи тоа е силата на детето, она што тоа го знае и може да го направи, што ќе му овозможи на детето да го надмине постојниот проблем. Нагласувајќи го она што детето знае и може да го направи, испраќате многу важна порака до себе, другите и самото дете – дека неговото право на љубов и поддршка останува непречено.