Neocortex

ДЕЦАТА НИЗ РАЗВОДОТ

Разводот создава емотивни предизвици и промени за целото семејство, но за децата, ситуацијата може да биде прилично застрашувачка, збунувачка и фрустрирачка. За некои деца, разделбата на родителите не е најтешкиот дел. Наместо тоа, придружните стресови и големи промени се оние што го прават разводот тежок. Промена на училиштата, преселување во нов дом и живеење со самохран родител кој се чувствува исцрпено, се само неколку од дополнителните стресни фактори кои го отежнуваат процесот. Финансиските тешкотии се исто така чести по разводот. За малите деца ќе биде особено тешко да разберат зашто мама живее на едно место, а тато на друго. Кај нив е можно да се јави страв и загриженост, дека ако нивните родители можат да престанат да се сакаат еден со друг, тие би можеле да престанат да ги сакаат и нив. Децата на школска возраст може да чувствуваат како разводот да е нивна вина. Тие може да се плашат дека  се однесувале лошо или направиле нешто погрешно што довело до тоа да нивните родители се разделат. Вината често го зголемува притисокот, и може да доведе до анксиозност, депресивност, стрес и други придружни здравствени потешкотии. Адолесцентите може да станат и лути во врска со разводот и промените што следат. Тие можат да го обвинат едниот родител за раскинување на бракот или може да им замерат и на двајцата родители за конфликтите во семејството.  Во одредени околности, детето може да чувствува олеснување ако разводот значи помалку расправии и помалку стрес, или и физичко насилство во некои случаи. Често се случува  децата поради стресот кој го чувствуваат, да имаат намалена концентрација, а со тоа и намалување на училишниот успех. Може да се појави и чувство на загуба кај децата, конфузија па дури и лутина кои придонесуваат и емоционална хиперсензитивност кај децата. Кај децата кои ќе бидат преплавени од различните чувства, поради неможноста да ги препознаат и соодветно да ги искажат, можно е да се јави и раздразливост, опозиционалност, па дури и гнев кој може да биде насочен кон родителите, но и себеси, другарчињата и останатите најблиски. Родителите играат голема улога во тоа како децата ќе се прилагодат на разводот. За родителите е важно да изградат еден пријателски меѓусебен однос и да го изедначат својот воспитен стил, како не би праќале двојни пораки на своите деца. Воспоставувањето на правила соодветни на возраста до кои доследно ќе се држат двата родитела, им помага на децата да не се чувствуваат збунето и несигурно. Да се бара од децата да изберат кој родител им се допаѓа повеќе, или да им се праќаат негативни пораки за еден од родителите е крајно несоодветно и непрепорачливо. Децата кои ќе се најдат фатени во средина, имаат поголема веројатност да доживеат депресија, вознемиреност и други долготрајни промени во нивната личност. Важно е да се знае дека здравата врска родител-дете помага децата да развијат поголема самодоверба, затоа е важно тие да поминуваат доволно квалитетно време и со двата родитела. Децата кои се сомневаат во нивната способност да се справат со промените, да се адаптираат и се чувствуваат како беспомошни жртви, имаат поголема веројатност да доживеат тешкотии во менталното здравје. Охрабрете ги вашите деца да кажат што мислат и што чувствуваат, уверете ги дека нивните чувства се важни, валидни и нормални и дека вие сте тука секогаш спремни за разговор. За време на овие разговори, избегнувајте  да влијаете на промена на чувствата на детето, наместо тоа, фокусирајте се на слушање и заблагодарете им се за нивната искреност. Научете го вашето дете како да управува со своите мисли, чувства и однесување на здрав начин. Можеби најдобро би било кога би почнале да зборувате за тоа дека и вие понекогаш чувствувате лутина, тага, страв. Кажете им конкретен пример како вие се справувате со одредена емоција. Исто толку е важно да ја кажете вистината. Ако, на пример, едниот сопружник се исели или го напушти семејството, опишете што се случило, на јазик разбирлив за нив, но не со премногу детали. Тајните можат да донесат големи повреди во иднина. Ако вашите деца ви поставуваат прашања, важно е да одговорите што е можно повеќе неутрално и вистинито. Стравот од напуштање и загриженоста за иднината може да предизвикаат голема вознемиреност, помогнете му на вашето дете да се чувствува сакано и безбедно. Доколку се чувствувате прeплaвeно со негативни емоции, имате дилеми во однос на постапките во целиот процес, кој во суштина трае многу подолго од формално-правниот дел на разводот, не се двоумете да побарате психолошка поддршка.  

РАЗВОД-ФАЗИ И ПРЕДИЗВИЦИ!

Одлуката за прекинување на бракот може да биде трауматична, хаотична и исполнета со контрадикторни емоции.  Не е невообичаено оној кој е иницијатор да се заврши бракот, да доживее страв, олеснување,  нетрпеливост, незадоволство, сомнеж и вина. Од друга страна пак оној кој е условно кажано оставен, често може да се соочи со шок, чуство на предавство, губење контрола, намалена самодоверба, несигурност, гнев, желба  за одмазда. Би било корисно да се знае дека браковите не се распаѓаат преку ноќ, разводот не е резултат на еден инцидент, напротив на тоа претходи емоционален процес и разни дисфункции кој траат извесен период. Вообичаено се среќаваат неколку фази во разводот. Прва фаза или појава на изразени фрустрации, конфликти, нарушена доверба. Проблемите реално егзистираат, но партнерите не ги признаваат односно ги негираат. Може да се појави чуство на страв, вознемиреност, лутина и тага. Во втората фаза се забележува изразено незадоволство, или пак амбивалентност кон партнерот. Можно е партнерите да побараат брачно советување или пак да се обидат самостојно да ги поправат меѓусебните односи, најчесто иницирајќи втор меден месец како последен обид. Од чуствата кои доминираат се забележува олеснување или пак напнатост, сомнеж, па дури и вина. Доколку во оваа фаза нештата не се поправат следи следната фаза. Третата фаза во која се создава еден емоционално дистанциран однос, па дури и меѓусебно омаловажување, до крајна нетрпеливост. Често се случува двајцата партнери да се најдат во улога на жртви, со измешани чуства на незадоволство, тага, гнев, вина. Во оваа фаза не се исклучува и можноста за вонбрачна врска, поради прекинатиот контакт и нарушената интимност подолг период. Во следната четврта фаза, се случува сепарацијата, односно отселување на еден од партнерите од заедничкиот дом. Тогаш започнува редефинирање на партнерскиот однос, се известуваат семејствата и пријателите за донесената одлука. Многу често се случува да се појави избор на страни и поделба на лојалност доколку постојат заеднички пријатели. Доколку станува збор за брак во кој има заеднички деца, не се исклучува можноста децата да се чувствуваат одговорни и да се однесуваат на начин да ги натераат родителите на повторна комуникација и зближување. Оваа фаза е доста трауматична за секој од семејството, проследена со страв и паника, вина па дури и чуство на срам. Како последна фаза следи прифаќањето, односно прилагодување на новата реалност. Прифаќање дека во бракот партнерите не биле доволно среќни и исполнети, враќање на чуство за моќ и контрола над сопствениот живот, креирање на план за иднината и откривање на нови ресурси. Во оваа фаза е многу значајно да се надминат вината и гневот, да се прости, да се прифатат новите улоги и да се изгради нов однос на почитување и договор помеѓу партнерите. Оние кои поминуваат низ процесот на развод честопати се чувствуваат емоционално повредено и исцрпено, па затоа е значајно да имаат големо разбирање, трпение и нежност кон себе. Разводот од една страна се доживува како загуба и крај на една семејна динамика и еден период, но од друга страна пак нов почеток и можност за истражување и пронаоѓање на нови интереси. Новите интереси го привлекуваат вниманието и помагаат да се биде во сегашноста, далеку од фокусот на минатото. Притоа, тие им помагаат на луѓето да започнат да мислат на себеси како истражувачи и донесувачи на одлуки, а не едноставно како жртви на околности кои се надвор од нивна контрола. Истражувањето на интересите придонесува за зголемување на чуството на среќа и исто така овозможуваат стекнување нови искуства и пријателства.