ДАЛИ МОЕТО ДЕТЕ ИМА ДИСПРАКСИЈА?
Диспраксијата е развојно пореметување на координацијата на движењата на телото, и слабост или незрелост на движењата на телото. Детето се соочува со потешкотија да планира, организира и координира движења. Тоа резултира со моторни проблеми во фината и групата моторика како и можност за појава на говорни проблеми. Диспраксијата не ги погодува само моторните вештини, туку и ракописот, способноста за организација, сликата за себе, самодовербата и севкупната социјална интеракција. Со што се соочуваат децата со диспраксија? Потешкотија со планирање на движењето во просторот: децата со диспраксија имаат потешкотија со одржување на рамнотежа, често се заплеткуваат и препнуваат на предмети од околината, имаат лошо држење на телото и лесно се заморуваат. Перцепција: тешко проценуваат висина, време, брзина, тежина и оддалеченост што прави да делуваат неспретно. Имаат слаба визуелна перцепција, недостиг на свест за личниот простор, неадекватна смисла за насока и положба на телото во просторот. Латерализација: децата со диспраксија се збунети кога треба да одлучат која рака да ја употребат. Може да имаат проблем да одредат страна лево и десно без да се потсетат. Потешкотија во говорот: бавно учат да зборуваат и говорот може да им биде неразбирлив. Потешкотија со пишување: пишуваат со голем напор и споро, неуредно и нечитливо. Препишувањето на текст од табла на децата со диспраксија им претставува голема тешкотија. Губат или забораваат свои предмети. Потешкотии во концентрација и внимание: тешко им е да извршуваат неколку задачи истовремено и потребно им е многу време да извршат една задача. Непознавање на сопствените вредноси, искривена слика за себе, избегнувачко однесување во однос со соочувањето на негативни емоции. ВАЖНО е да се има во предвид дека не секоја неспретност претставува диспркасија. Децата не ја надминуваат диспраксијата, но со навремено детектирање, холистички третман на работа вклучувајки реедукација на психомоторика, професионалната терапија, терапија со спорт и физички вежби, говорна терапија и други алатки и стратегии можат да помогнат за подобрување на состојбата.
КАКО ДА ЈА ЗГОЛЕМАМ КОНЦЕНТРАЦИЈАТА КАЈ МОЕТО ДЕТЕ?
Концентрацијата е способност да се фокусира вниманието на една специфична работа, додека сè друго е занемарено и исклучено од полето на свеста. Претставува способност на една личност ефикасно да ги извршува посакуваните задачи, да ги филтрира само потребните информации и да ги неутрализира сите расеаности во морето на информации и стимули. Повеќето деца имаат потешкотија со концентрацијата. Нивното внимание често се расејува и тие не се во можност долго време да се фокусираат на една тема, што првично доведува до проблеми со учењето, а подоцна, поради недостаток на концентрација, децата можат да станат целосно демотивирани. 1.Обезбедете атмосфера што ја поттикнува концентрацијата. Местото за игра и учење е од исклучителна важност кога зборуваме за подобрување на концентрацијата. Обидете се да ги минимизирате надворешните влијанија кои што претставуваат дистрактор за вашето дете. 2.Сонот е од исклучителна важност Квантитетот и квалитетот на сонот е важен и за возрасните и за децата. Повеќето деца кои спијат помалку од потребниот сон според нивната календарска возраст имаат многу ниско ниво на концентрација. 3.Креирајте дневни рутини Охрабрете го вашето дете секогаш да учи во приближно исто време во текот на денот. Не заборавајте дека детето има потреба од слободно време, кога може само да игра и сонува. Навремено легнување и станување, одржување на хигиенски навики, средување на играчките и училишниот прибор се навики кои што се од голема поддршка и помош во создавањето на рутина. 4.Важноста на играта Преку игра, детето спонтано вежба и ги развива сите аспекти на развој-говор и комуникација, социјални вештини, когнитивен развој и развој на моторни вештини, следење на правилата и со тоа развој на концентрација. Одвојте заедничко време со вашето дете за игра и активности, тоа ќе придонесе за зголемување на концентрација. Еве неколку примери: детално цртање на цртежи со многу детали; вежба за гледање во една точка/предмет од 15 до 20 минути; составување на сложувалки; решавање едноставни мисловни задачи како што се игри за меморија, создавање на приказна од прикажани слики; игри со асоцијација додека се возите во вашиот автомобил; игри со класификација – од чорапи до категории животни, коцки, овошје или пак зеленчук; aктивности со дактиломоторни вештини (прецизни игри со прсти) – оставете ги да соберат играчки, затвараат и отвараат капачиња, нижат перли, редат коцки, играње во песок, игра со тесто или брашно. Чест проблем покрај концентрацијата, е и недостатокот на мотивација кај децата. Детето полесно ќе се концентрира и ќе го одржува фокусот на задачата кога е мотивирано. Објаснете му ги на детето причините зошто активностите од тој тип се од голема важност и обидете се да направите привлечни, интересни потребни материјали за игри кои ги зајакнуваат когнитивните способности на детето.