Neocortex

МОЕТО ДЕТЕ СЕ ОДНЕСУВА КАКО ,,МАЛ ГОСПОДАР“ И ПОВТОРНО НЕ Е ЗАДОВОЛНО ОД НИШТО

Родителите кои се придржуваат до моделот на воспитување во кој доминантна е љубовта, а недостига дисциплина, често живеат во постојан страв дека детето ќе престане да ги сака, и затоа му дозволуваат да се однесува како мал господар. Многумина знаат да кажат: Децата денес се единствената вредност за која луѓето би го дале својот живот. Се разбира, родителите треба да се откажат од многу работи во корист на своите деца, но секако мора да постои и  јасна граница помеѓу одрекувањето и создавање на жртва: ОДРЕКНУВАЊЕТО Е КОНСТРУКТИВНО, ЖРТВАТА Е САМОУНИШТУВАЧКА.  Многу родители се водат по „идеологијата на среќно дете“ затоа што веруваат дека нивното дете мора да има среќно детство по секоја цена, а тоа на некои од нив им значи дека мора тоа да добие се што ќе посака, за да прерасне во независна и ментално здрава личност. Континуирано исполнување на секоја желба, води кон претварање на вашето дете во „мал господар“. Ова доведува до тоа да родителите му се потчинуваат на своето дете, неговата волја и желби. Најчесто детскиот отпор при обид за дисциплина, и поставување на граници се дефинира како доживување на траума, па во истиот момент се повлекуваат родителските барања и на тој начин се преминува во стил на немоќни и попустливи родители. Се појавува феноменот на несебично жртвувње за детето во обидот да се задоволат сите негови барања и желби. Како изгледа „малиот господар“? Знаат да гребат, удираат, гризат или фрлаат со предмети по своите родители кога не се задоволни од улугата на својот родител. Гледајќи од страна, релацијата помеѓу детето и родителот изгледа како однос помеѓу мал гоподар и голем роб. И кога малиот господар ќе порасне, тој често станува голем господар. Иако пораснал, тој не сака да преземе одговорност за себе и за сопствениот живот. Наместо тоа, тој останува во симбиоза со родителите кои ги финансираат сите неговите желби и барања од се поголем карактер.  Погответе го вашето дете за самостоен живот Родителите кои што имаат потешкотија со поставувањето на здрави и цврсти граници, кои во секој следен чекор на детето гледаат голем ризик и се обидуваат да го заштитат, наместо самостални ги пренасочуваат своите деца кон станување ,,мали господари“. Но, што се случува подоцна? Овие деца остануваат во умрежен однос со своите родители, имаат голема зависност од нив, се плашат од тоа што се случува надвор од нивниот дом, остануваат пасивни, без социјални вештини. На самиот почеток родителот превзема целосна одговорност за чувствата на своите деца. Ако детето е несреќно, се чувствува тажно, дирекно се преминува на вториот чекор, а тоа е најчесто задоволување на материјална потреба, купување на нов плејстејшан, нова играчка без дискусија зошто детето е тажно. Водејќи се од мислата дека детето мора секогаш да е среќно и насмеано, со негација и неприфаќање на негативните емоции, не ја гледаат големата слика. Исполнувањето на секоја желба на свото дете и повлекувањето на секоја граница само за тоа детето да не плаче, всушност придонесува во тоа да своето дете го лишете од самостојност.  Како специјален едукатор кој што секојдневно се соочува со оваа проблематика, драги родители ве советувам: Самостојноста се учи од мали нозе, дозволете му на вашето дете да ги завршува задачите за кое е способно, бидете прецизни во тоа што може, а што не може. Охрабрете се вие, охрабрете го и вашето дете. Запомнете, позади секое дете што верува во себе, стои родител кој што верува во него.    

ЗОШТО МОЕТО ДЕТЕ ВОДИ ИНАЕТ?

Зошто тврдоглавоста се појавува кај моето дете на возраст од околу пет години? Вашето петгодишно дете веројатно ја поминало фазата со изливи на гнев, но покажува тврдоглавост кога ќе дојде момент за исполнување на некое ваше барање како родител. Одбива да дојде на вечера, игнорира да ги собере играчките, ве задева со тркалање на топката низ кујната, и покрај тоа  што е воведено правилото дека во кујната нема играње со топка. Неколку совети како да постапите во моментите кога детето води инает.  Што можете да направите во врска со инаетот? Имајте разбирање. Кога ќе го поканите вашето дете на ручек и тоа со лутина ви одговори дека не го сака тоа, обидете се да се ставите на негово место. Прегрнете го детето и кажете му дека сте свесни колку е тешко да се прекине играта, но ручекот е подготвен и време е за јадење. Идејата е да му покажите на детето дека сте од негова страна, без покажување на лутина и бес, нежни, но цврсти во ставот дека мора да дојде кога сте го повикале за ручек. Поставете граници На децата на оваа возраст им требаат јасни и цврсти граници. Затоа поставете ги и проверете дали вашето дете знае до каде се границите. Јасно ставете граница дека се јаде во трпезарија, не пред компјутер или во детска соба. Ако детето има проблеми со следење на правилата, работете на решението. Зборувајте за ситуацијата и обидете се да го дознаете изворот на инает. Можеби вашето дете секое утре избегнува да се облекува за во градинка затоа што чувствува некаков товар, нема добра конекција со наставничката или пак можеби е загрижено за грубиот однос од другарчето до него. Детето ќе почувствува дека работите заедно со него за да го решите проблемот, во тој случај големи се шансите да го промени неговиот став и инает.  Обезбедете добро однесување Секојдневното одбивање за одење во градинка предизвикува кај вас да го повишите тонот, да го искарате вашето дете, но воздржете се од тоа. Кога детето не се однесува добро, тоа веќе се чувствува лошо. Идејата дека прво детето мора да се чувствува полошо за да се однесува подобро, не е добра. Сето тоа, ќе доведе до уште понегативно однесување. Наместо тоа, обидете се да го овековечите моментот кога детето се однесува добро и охрабрете го да продолжи така. Запомнете дека дисциплинирањето на вашето дете не значи вие да го контролирате, туку да го научите на самоконтрола. Казната може да доведе до тоа детето да се однесува добро, но само затоа што се плаши. Подобро е да се обидете да го мотивирате детето да се однесува добро затоа што неговиот ден ќе биде позабавен и ќе се чувствува подобро. Користете позитивен тајм-аут Кога детето е подготвено да води инает бидејќи работите не одат како што тоа има зацртано, помогнете му да се смири. Наместо да го испраќате во собата како казна, охрабрете го да седи на удобен кауч или во омилен дел од собата. Ако одбива да го користи тоа место за смирување, понудете му на детето да одите заедно и да разговарате. Почитувајте ги возраста и способностите на вашето дете Кога имате барања до вашето дете да си го постави креветот или да ги собере играчките, не заборавајте преку метод на демонстрација да му покажете како се прави тоа. Понекогаш однесувањето на детето можеби ви изгледа пркосно и водење на инает, но можеби станува збор за тоа дека детето не може да го направи она што сте го замолиле да го направи, затоа што не знае како.  

Децата и технологијата: како да се ограничи времето пред екраните?

Во денешно време, омилена играчка на повеќето деца е паметен телефон, таблет или компјутер. Докажано е дека прекумерната употреба на екраните, особено кога тоа е случај пред петтата година од животот, кај одреден број деца доведува до зависност, недостаток на енергија и креативност, недостаток на социјални вештини, како и проблеми со физичкото здравје. Истово, секако дека има и големо влијание врз раниот детски развој. Сепак, факт е дека на некој начин сите сме ориентирани кон технологија во секојдневниот живот и комуникација и дека ни треба дигитална писменост. Денешното следење на наставата и училишните програми се исто така дизајнирани така што потребно е да следат настава онлјан или да подготвуваат разни проекти кај што неизбежно е користење на интернет и паметни екрани.  Кое е оптималното време за седење пред екраните? Колку време пред екранот нема да влијае негативно на растот и развојот на детето? Можеме да истакнеме дека тоа првенствено зависи од содржината на која детето ќе и се посвети. Кога на пример станува збор за едукативна содржина, како што е подготовка на проект за училиште и детето одлучи да одвои два дена по 2-3 часа, е во ред. Секако, препорачливо е да се направи паузи за да ги одмори очите и да ги истегне мускулите. Но доколку детето поминува 2-3 часа секој ден гледајќи јутјубери или играјќи видео игри, притоа занемарувајќи ги своите обврски, потребно е да се воведат правила и ограничувања. Затоа е важно да се воспостави рамнотежа и да се постигне умереност и секогаш да се проценуваат придобивките и штетите од она што го прави детето.  ОПШТИ ПРЕПОРАКИ: – за деца под 2-годишна возраст: посветете минимално време на гледање телевизија и пред екранот воопшто; – за деца од предучилишна возраст: максимум еден час на ден, најдобро за гледање цртани филмови наменети за оваа возраст или слушање детски песни; – за деца од 6 до 8 години: еден час на ден, исто така, цртање и слушање детски песни, и во ред е да воведете некои игри, најдобро логички; – за деца постари од 8 години: до 2 часа на ден, со контрола на содржината. Кај тинејџер, ако забележите дека покажува заинтересираност за програмирање, дизајн или нешто слично, не паничете ако го надмине дозволеното време – тоа веројатно ќе биде негово занимање за неколку години. Важно е само поради тоа да не трпат други обврски и социјален живот. Како што созрева, детето развива самодисциплина, ги дефинира своите интереси и ако не е неодговорно, треба да му се даде слобода да управува со своето време. Со цел од една страна да се намалат потенцијалните ризици, и од друга страна да се зголемат придобивките обезбедени од технологијата, обидете се да ги имплементирате следниве предлози. 1) „Забранета зона“. Воведете правило и јасно дефинирајте во кои ситуации е целосно забрането да имате екран пред вас – на пример за време на оброк, пред спиење, додека учи нешто што не бара употреба на интернет, кога доаѓаат гости или  додека се возат во автомобил. Можете исто така да воведете правило дека мобилниот телефон, таблетот и компјутерот се користат само во дневната соба. 2) Поставување граници. Воведете правило дека мобилен телефон, таблет или компјутер, кога се користи во слободно време (не за училишни цели), се користи максимум 1 час на ден. Исто така, се препорачува ова да се смета за привилегија, односно времето да се продолжи на 2 часа на ден како награда за добро однесување, одреден успех и слично. Или, во друга ситуација, да се скрати и дури и да се укине за одреден временски период, како казна за неприфатливо однесување. 3) Поставување приоритети. Времето пред екранот не треба да биде приоритет во однос на учењето, дружењето со врсниците, физичката активност, домашните задачи. Кога овие ставки се завршени, времето пред екранот следи како награда. 4) Заеднички активности. Откријте кои игри можете да ги играте или кои видеа да ги гледате со вашето дете. Ова може да има позитивен ефект врз вашата врска, блискост и комуникација. 5) Социјални мрежи. Контролирајте што споделува детето на социјалните мрежи и привлечете го нивното внимание ако забележите дека споделува премногу информации (адреса, телефонски број) и / или објавува несоодветна содржина и фотографии. Секогаш објаснувајте зошто ова не е прифатливо. Препорачливо е децата да не отвораат сметки на социјалните мрежи (како што се Фејсбук, Инстаграм, ТикТок) пред 15-годишна возраст. 6) Контрола на содржина. Контролирајте што детето гледа на интернет. Соодветно можете да поставите правила – да речеме дека содржината што промовира насилство, прекумерно пцуење и слично е забранета. Наместо тоа, предложете му на детето содржина што има одредена воспитна карактеристика. Со ова не мислиме дека детето треба да се чува „под стаклено ѕвоно“. Напротив, потребно е детето да стекне социјален имунитет, и до одреден степен, да биде во тек со она што го следат повеќето врсници, но ако е заинтересирано да следи јутјубер кој поставува несоодветна содржина, охрабрете го детето да размислува критички – што сака и зошто, што не сака и зошто, дали нешто друго би можело да биде посоодветно, какво е вашето мислење за таа содржина и зошто.

ЗОШТО СЕ ВАЖНИ ГРАНИЦИТЕ ВО ВОСПИТУВАЊЕТО?

Крајната цел на развојот и воспитувањето на секое дете е формирање на зрела, независна, автентична личност. Како значаен дел од тој пат неопходни се здрави граници  како и љубов, поддршка и разбирање. Во природата на човекот е да секој од нас проба да ги пробие границите. Ова особено е изразено во детството кога детето исклучиво се води од принципот на моменталното задоволство. Неспорно е дека љубопитноста е од круцијално значење за здрав раст и развој на секое дете, но детето во тие моменти ги усвојува правилата како на пример дека не смее да допира во приклучокот за струја или пак да не ја допира жешката рингла. Ова се првите ограничувања кои имаат безбедносна функција. Како што расте детето, потребно е да се комплицираат правилата со цел да се создаде и поддржи функционалното и да се минимизира нефункционалното однесување, како и пристапот на моментално задоволство, му отстапи место на принципот на реалноста. Како родители потребно е да  поставите цврсти и стабилни граници, доколку не се постават одредени ограничувања кон вашите деца, тоа ќе оди во екстрем на нивна штета. Соодветно поставените граници имаат функција да му помогнат на детето да ги интернализира внатрешните морални вредности и општествени норми, да развие самоконтрола, да развие чувство на одговорност за тоа што зависи од него, да ја вреднува упорноста, трудот и работата, но и да создава доверба кон родителите. Попустливите родители прават грешки затоа што го негуваат егоцентризмот на детето и верувањето дека „сè е можно за него“, што ќе се рефлектира преку несоодветно однесување во групата врсници, во однос на авторитетите, како и на улица. И кога ќе порасне, таквата личност не знае како да се справи на социјално прифатлив начин во средина во која не му се исполнуваат сите желби. Во интеракција со други карактеристики на личноста, тие можат да манифестираат нарушувања во однесувањето, нарцизам, манипулативност. Слична е ситуацијата и кога станува збор за родителите кои се обидуваат да бидат пријатели со своите деца, бидејќи децата никогаш нема да ги доживеат како авторитет. Мора да нагласиме дека не е пожелна ниту спротивната крајност. Строгите правила и воената дисциплина, исто така не се сметаат за посакувани начини на образование. Правилното воспитување подразбира љубов и топлина од една страна и дисциплина од друга страна. Родителите кои премногу ги штитат своите деца и ги чуваат „под стаклено ѕвоно“, извршувајќи ги сите должности во нивно име, ќе го поддржат развојот на несигурност, неодговорност и мрзеливост кај децата.  Услуга со против услуга е кога родителите, на кои им е тешко да гледаат како нивното дете е тажно или фрустрирано поради тешка математичка задача, затоа што треба да ја среди собата  или да направи проект за биологија,  попушта и го решаваат проблемот на детето. Можеби звучи сурово, но не е добро децата секогаш да бидат среќни и задоволни заштитени од непријатни емоции. Непријатните емоции се исто така составен дел од животот, а детето сигурно ќе се сретне со нив во различни периоди од својот живот, па затоа треба да учи и да се справува со нив. Како возрасни, децата на презаштитнички родители ќе бидат многу зависни и неодлучни во донесувањето одлуки, чекајќи родителите да направат сè за нив.