Како да израснеме деца кои нема да осудуваат
Ќе го отворам параграфот со една мудра мисла од Мајка Тереза, – Ако ги осудуваш луѓето, немаш време да ги сакаш. Сите ние во даден момент сме биле таму, ги осудуваме луѓето според нашите стандарди, морали, идеали и принципи – според тоа како се облекуваат и изгледат, каде живеат и работат, па се до начинот на кој го водат својот приватен живот и како го поминуваат своето слободно време. На прашањето, зошто луѓето им судат на другите, ќе добиеме одговор дека судењето е природен инстинкт, им судиме на другите луѓе околу нас бидејќи тие изгледаат, звучат или се однесуваат поинаку од нас. Тоа е примарен инстинкт да ја браниме нашата територија, при што реагираме со борба или со бегство, и ова можеби имало смисла за пештерските луѓе кои требало да ги заштитат своите области на живеење, но денес тоа оди на многу подлабоко ниво. Главните причини за судењето на другите се недостаток на разбирање, различни перцепциони гледишта од сопствено искуство или воспитување и недостаток на емпатија и сочувство. Перцепциони гледишта и недостатокот на емпатија се во голема мера научени и изградени врз однесувањето што произлегува од нашето детство и воспитување. Како родители и старатели имаме одговорност да ги учиме нашите деца за разликите, да ги едуцираме за другите луѓе кои според нешто се поразлични од нас, за да имаат вистинско разбирање и да ја изградат на цврсти темели својата емпатија, сочувство, прифаќање и отвореност на умот. Постојат различни начини како ние можеме да ги научиме нашите деца да не осудуваат. На пример, изложете ги на интеракција со луѓе и деца кои имаат поразличен животен пат од нивниот. Дозволете им на вашите деца да се запознаат со повеќе различни култури, употребувајте неосудувачки јазик, објаснете им ја разликата помеѓу вашето мислење и факти, разговарајте со децата за повеќе различности, за различни религии, култури, појави, болести, животни избори и начини на функционирање. Ако овие работи не им се непознати, тие ќе ги препознаат различностите и ќе ги перцепираат како дел од секојдневното нормално функционирање, а со тоа и нема да ги осудуваат сите кои се поразлични од нив. За да им помогнеме во целост да го отфрлат осудувањето и да израснат во толерантни, самоуверени, резилиентни и емоционално интелигентни деца, бара од нас да ги редефинираме работите кои ни се важни на нас, во сегашниот момент и во иднина. На крај, нели децата најдобро учат од примери и тие ќе имаат многу примери на својот пат, но токму вие сте примарниот и најдобар пример за нив. Бидете современи херои во очите на своите деца!
ЗОШТО МОЕТО ДЕТЕ ВОДИ ИНАЕТ?
Зошто тврдоглавоста се појавува кај моето дете на возраст од околу пет години? Вашето петгодишно дете веројатно ја поминало фазата со изливи на гнев, но покажува тврдоглавост кога ќе дојде момент за исполнување на некое ваше барање како родител. Одбива да дојде на вечера, игнорира да ги собере играчките, ве задева со тркалање на топката низ кујната, и покрај тоа што е воведено правилото дека во кујната нема играње со топка. Неколку совети како да постапите во моментите кога детето води инает. Што можете да направите во врска со инаетот? Имајте разбирање. Кога ќе го поканите вашето дете на ручек и тоа со лутина ви одговори дека не го сака тоа, обидете се да се ставите на негово место. Прегрнете го детето и кажете му дека сте свесни колку е тешко да се прекине играта, но ручекот е подготвен и време е за јадење. Идејата е да му покажите на детето дека сте од негова страна, без покажување на лутина и бес, нежни, но цврсти во ставот дека мора да дојде кога сте го повикале за ручек. Поставете граници На децата на оваа возраст им требаат јасни и цврсти граници. Затоа поставете ги и проверете дали вашето дете знае до каде се границите. Јасно ставете граница дека се јаде во трпезарија, не пред компјутер или во детска соба. Ако детето има проблеми со следење на правилата, работете на решението. Зборувајте за ситуацијата и обидете се да го дознаете изворот на инает. Можеби вашето дете секое утре избегнува да се облекува за во градинка затоа што чувствува некаков товар, нема добра конекција со наставничката или пак можеби е загрижено за грубиот однос од другарчето до него. Детето ќе почувствува дека работите заедно со него за да го решите проблемот, во тој случај големи се шансите да го промени неговиот став и инает. Обезбедете добро однесување Секојдневното одбивање за одење во градинка предизвикува кај вас да го повишите тонот, да го искарате вашето дете, но воздржете се од тоа. Кога детето не се однесува добро, тоа веќе се чувствува лошо. Идејата дека прво детето мора да се чувствува полошо за да се однесува подобро, не е добра. Сето тоа, ќе доведе до уште понегативно однесување. Наместо тоа, обидете се да го овековечите моментот кога детето се однесува добро и охрабрете го да продолжи така. Запомнете дека дисциплинирањето на вашето дете не значи вие да го контролирате, туку да го научите на самоконтрола. Казната може да доведе до тоа детето да се однесува добро, но само затоа што се плаши. Подобро е да се обидете да го мотивирате детето да се однесува добро затоа што неговиот ден ќе биде позабавен и ќе се чувствува подобро. Користете позитивен тајм-аут Кога детето е подготвено да води инает бидејќи работите не одат како што тоа има зацртано, помогнете му да се смири. Наместо да го испраќате во собата како казна, охрабрете го да седи на удобен кауч или во омилен дел од собата. Ако одбива да го користи тоа место за смирување, понудете му на детето да одите заедно и да разговарате. Почитувајте ги возраста и способностите на вашето дете Кога имате барања до вашето дете да си го постави креветот или да ги собере играчките, не заборавајте преку метод на демонстрација да му покажете како се прави тоа. Понекогаш однесувањето на детето можеби ви изгледа пркосно и водење на инает, но можеби станува збор за тоа дека детето не може да го направи она што сте го замолиле да го направи, затоа што не знае како.
ПРЕКИН НА ПАРТНЕРСКА ВРСКА, НОСИ БОЛКА КОЈА НЕ Е ЗА ПОТЦЕНУВАЊЕ
Прекинот на партнерска врска е едно од најболните емоционални искуства за луѓето. Болката воопшто не е за потценување, и голем број на луѓе бараат психолошка поддршка при овие животни раскрсници и преодни животни периоди. Ретко кој може да остане рамнодушен во овој процес, и самото преболување на личноста која сме ја изгубиле знае и да потрае. Тој процес е особено болен во почетниот период, кога остануваат навиките, но и голема празнина во денот, односно целокупното живеење. Во тие периоди многу е важно да се насочиме кон добра грижа за себе, разни активности и минување време со семејството и блиските пријатели кои го сочинуваат системот на поддршка. Разговорите со нив и споделувањето на емоциите, се често корисни и делотворни и помагаат во метаболизирање на случувањата. Често го добивам прашањето колку време е потребно да помине за болката да помине и некој да се преболи. Одговорот е дека времето е индивидуално, и зависи од многу фактори: од тоа колку време траела врската, од тоа колку многу се инвестирало во неа, од силината на емоционалната поврзаност која постоела, од личните капацитети и уверувања, од претходното животно искуство со вакви процеси, од начинот на кој се случува крајот, од причините за прекинот, од тоа дали можеби во врската имало психолошко или било какво друго насилство, од поддршката од околината и тн. При прекин на врска, најчесто личноста се соочува со бура на интензивни емоции и тоа тага, лутина, збунетост, несигурност, себеобвинување, преиспитување и премотување на „филмот’’, но и страв од тоа што би се случувало во иднината. Процесот на тагување по загубената личност, знае да има осцилирачки тек, во кој има добри денови, но и лоши, односно многу болни. Секако дека има примери и кога луѓето чувствуваат олеснување со самиот крај, доколку тие го посакувале и одлучиле, или врската ја чувствувале како товар, притисок или „затвор’’. Нешто што многу често го слушам од луѓе кои тукушто прекинале емоционална врска се типичните прашања кои лебдат, а се од типот – дали ќе најдам друг партнер, дали друг ќе ме сака и прифати, дали сексот ќе биде исто добар, дали моите родители ќе го прифатат другиот партнер, дали ќе најдам подобар човек и колку време ќе ми треба, и слично. Кај дел од луѓето, кои останале особено повредени од партнерската релација, и кај кои можеби имало токсично дисфункционално поврзување и неадекватен однос од партнерот, се јавува и интензивен страв да не се повтори истото во наредната релација. Долгото време потребно за емоционална регенерација од токсичната врска и стравот од иднината и од следни грешни избори, знаат да направат и емоционални блокади во личноста кои може да се во функција и на почетна заштита за неа, но ако не се надминат може да ја фиксираат личноста во една позиција на изолација и осама. Но, и покрај болните емоции кои се придружни на разделбите, не треба да се плашиме и спречуваме себеси повторно да сакаме со цело срце, бидејќи штитејќи се и избегнувајќи ги негативните емоции, ќе се лишиме и од сите најубави емоции кои ги носи љубовта.
Децата и технологијата: како да се ограничи времето пред екраните?
Во денешно време, омилена играчка на повеќето деца е паметен телефон, таблет или компјутер. Докажано е дека прекумерната употреба на екраните, особено кога тоа е случај пред петтата година од животот, кај одреден број деца доведува до зависност, недостаток на енергија и креативност, недостаток на социјални вештини, како и проблеми со физичкото здравје. Истово, секако дека има и големо влијание врз раниот детски развој. Сепак, факт е дека на некој начин сите сме ориентирани кон технологија во секојдневниот живот и комуникација и дека ни треба дигитална писменост. Денешното следење на наставата и училишните програми се исто така дизајнирани така што потребно е да следат настава онлјан или да подготвуваат разни проекти кај што неизбежно е користење на интернет и паметни екрани. Кое е оптималното време за седење пред екраните? Колку време пред екранот нема да влијае негативно на растот и развојот на детето? Можеме да истакнеме дека тоа првенствено зависи од содржината на која детето ќе и се посвети. Кога на пример станува збор за едукативна содржина, како што е подготовка на проект за училиште и детето одлучи да одвои два дена по 2-3 часа, е во ред. Секако, препорачливо е да се направи паузи за да ги одмори очите и да ги истегне мускулите. Но доколку детето поминува 2-3 часа секој ден гледајќи јутјубери или играјќи видео игри, притоа занемарувајќи ги своите обврски, потребно е да се воведат правила и ограничувања. Затоа е важно да се воспостави рамнотежа и да се постигне умереност и секогаш да се проценуваат придобивките и штетите од она што го прави детето. ОПШТИ ПРЕПОРАКИ: – за деца под 2-годишна возраст: посветете минимално време на гледање телевизија и пред екранот воопшто; – за деца од предучилишна возраст: максимум еден час на ден, најдобро за гледање цртани филмови наменети за оваа возраст или слушање детски песни; – за деца од 6 до 8 години: еден час на ден, исто така, цртање и слушање детски песни, и во ред е да воведете некои игри, најдобро логички; – за деца постари од 8 години: до 2 часа на ден, со контрола на содржината. Кај тинејџер, ако забележите дека покажува заинтересираност за програмирање, дизајн или нешто слично, не паничете ако го надмине дозволеното време – тоа веројатно ќе биде негово занимање за неколку години. Важно е само поради тоа да не трпат други обврски и социјален живот. Како што созрева, детето развива самодисциплина, ги дефинира своите интереси и ако не е неодговорно, треба да му се даде слобода да управува со своето време. Со цел од една страна да се намалат потенцијалните ризици, и од друга страна да се зголемат придобивките обезбедени од технологијата, обидете се да ги имплементирате следниве предлози. 1) „Забранета зона“. Воведете правило и јасно дефинирајте во кои ситуации е целосно забрането да имате екран пред вас – на пример за време на оброк, пред спиење, додека учи нешто што не бара употреба на интернет, кога доаѓаат гости или додека се возат во автомобил. Можете исто така да воведете правило дека мобилниот телефон, таблетот и компјутерот се користат само во дневната соба. 2) Поставување граници. Воведете правило дека мобилен телефон, таблет или компјутер, кога се користи во слободно време (не за училишни цели), се користи максимум 1 час на ден. Исто така, се препорачува ова да се смета за привилегија, односно времето да се продолжи на 2 часа на ден како награда за добро однесување, одреден успех и слично. Или, во друга ситуација, да се скрати и дури и да се укине за одреден временски период, како казна за неприфатливо однесување. 3) Поставување приоритети. Времето пред екранот не треба да биде приоритет во однос на учењето, дружењето со врсниците, физичката активност, домашните задачи. Кога овие ставки се завршени, времето пред екранот следи како награда. 4) Заеднички активности. Откријте кои игри можете да ги играте или кои видеа да ги гледате со вашето дете. Ова може да има позитивен ефект врз вашата врска, блискост и комуникација. 5) Социјални мрежи. Контролирајте што споделува детето на социјалните мрежи и привлечете го нивното внимание ако забележите дека споделува премногу информации (адреса, телефонски број) и / или објавува несоодветна содржина и фотографии. Секогаш објаснувајте зошто ова не е прифатливо. Препорачливо е децата да не отвораат сметки на социјалните мрежи (како што се Фејсбук, Инстаграм, ТикТок) пред 15-годишна возраст. 6) Контрола на содржина. Контролирајте што детето гледа на интернет. Соодветно можете да поставите правила – да речеме дека содржината што промовира насилство, прекумерно пцуење и слично е забранета. Наместо тоа, предложете му на детето содржина што има одредена воспитна карактеристика. Со ова не мислиме дека детето треба да се чува „под стаклено ѕвоно“. Напротив, потребно е детето да стекне социјален имунитет, и до одреден степен, да биде во тек со она што го следат повеќето врсници, но ако е заинтересирано да следи јутјубер кој поставува несоодветна содржина, охрабрете го детето да размислува критички – што сака и зошто, што не сака и зошто, дали нешто друго би можело да биде посоодветно, какво е вашето мислење за таа содржина и зошто.
ЗОШТО СЕ ВАЖНИ ГРАНИЦИТЕ ВО ВОСПИТУВАЊЕТО?
Крајната цел на развојот и воспитувањето на секое дете е формирање на зрела, независна, автентична личност. Како значаен дел од тој пат неопходни се здрави граници како и љубов, поддршка и разбирање. Во природата на човекот е да секој од нас проба да ги пробие границите. Ова особено е изразено во детството кога детето исклучиво се води од принципот на моменталното задоволство. Неспорно е дека љубопитноста е од круцијално значење за здрав раст и развој на секое дете, но детето во тие моменти ги усвојува правилата како на пример дека не смее да допира во приклучокот за струја или пак да не ја допира жешката рингла. Ова се првите ограничувања кои имаат безбедносна функција. Како што расте детето, потребно е да се комплицираат правилата со цел да се создаде и поддржи функционалното и да се минимизира нефункционалното однесување, како и пристапот на моментално задоволство, му отстапи место на принципот на реалноста. Како родители потребно е да поставите цврсти и стабилни граници, доколку не се постават одредени ограничувања кон вашите деца, тоа ќе оди во екстрем на нивна штета. Соодветно поставените граници имаат функција да му помогнат на детето да ги интернализира внатрешните морални вредности и општествени норми, да развие самоконтрола, да развие чувство на одговорност за тоа што зависи од него, да ја вреднува упорноста, трудот и работата, но и да создава доверба кон родителите. Попустливите родители прават грешки затоа што го негуваат егоцентризмот на детето и верувањето дека „сè е можно за него“, што ќе се рефлектира преку несоодветно однесување во групата врсници, во однос на авторитетите, како и на улица. И кога ќе порасне, таквата личност не знае како да се справи на социјално прифатлив начин во средина во која не му се исполнуваат сите желби. Во интеракција со други карактеристики на личноста, тие можат да манифестираат нарушувања во однесувањето, нарцизам, манипулативност. Слична е ситуацијата и кога станува збор за родителите кои се обидуваат да бидат пријатели со своите деца, бидејќи децата никогаш нема да ги доживеат како авторитет. Мора да нагласиме дека не е пожелна ниту спротивната крајност. Строгите правила и воената дисциплина, исто така не се сметаат за посакувани начини на образование. Правилното воспитување подразбира љубов и топлина од една страна и дисциплина од друга страна. Родителите кои премногу ги штитат своите деца и ги чуваат „под стаклено ѕвоно“, извршувајќи ги сите должности во нивно име, ќе го поддржат развојот на несигурност, неодговорност и мрзеливост кај децата. Услуга со против услуга е кога родителите, на кои им е тешко да гледаат како нивното дете е тажно или фрустрирано поради тешка математичка задача, затоа што треба да ја среди собата или да направи проект за биологија, попушта и го решаваат проблемот на детето. Можеби звучи сурово, но не е добро децата секогаш да бидат среќни и задоволни заштитени од непријатни емоции. Непријатните емоции се исто така составен дел од животот, а детето сигурно ќе се сретне со нив во различни периоди од својот живот, па затоа треба да учи и да се справува со нив. Како возрасни, децата на презаштитнички родители ќе бидат многу зависни и неодлучни во донесувањето одлуки, чекајќи родителите да направат сè за нив.
КОЈ Е ВИНОВЕН ШТО МОЕТО ДЕТЕ ОТСТАПУВА ОД РАЗВОЈНАТА МАПА?
Кога родителoт ќе забележи дека детето не се развива како што се очекува, тој честопати прво го поставува прашањето каде направил грешка во воспитувањето и грижата, а на ова прашање честопати следат мисли како на пример: -Зошто ова ми се случува мене/на моето дете? -Можеби не јадев доволно добро или се однесував несоодветно за време на бременоста? -Ова секако значи дека сме лоши родители и дека сум лоша мајка! -Секој ќе ми суди и ќе помисли дека сме невнимателни, незаинтересирани, неинформирани и дека не го сакаме (доволно) своето дете. Овие и слични мисли изгледаат целосно парализирачки, и ги прави родителите да се чувствуваат преплавено. Кога семејството е зафатено од тага, чувство на беспомошност, а понекогаш и меѓусебно обвинување, детето се наоѓа во ситуација да биде запоставено и лишено од потребното внимание, грижа и поддршка, а така ситуацијата дополнително се влошува. Кој е виновен? Ако има отстапување во развојот, причините обично се комбинација на различни околности и фактори. Ако членовите на семејството се фокусираат на расправија за тоа на кого припаѓа вината, многу е веројатно дека детето наскоро ќе почне да се чувствува лошо и виновно за семејните немири и раздори. Во исто време, додека се занимавате со грижа и вина, вашата енергија и ентузијазам не можат да бидат на завидно ниво, па затоа доаѓате во ситуација да немате доволно сила да му дадете на детето љубов и поддршка кои му се најпотребни. ЗАСТАНЕТЕ! Во моментот кога ќе забележите дека развојот на вашето дете не се одвива вообичаено, исполнувајќи ги развојните задачи од развојната фаза, важно е преиспитувањето и родителскиот страв да им отстапат место на стратешките одлуки кои ќе одат во насока на обезбедување соодветна професионална поддршка и не помалку важна – обезбедување емоционална поддршка на детето. Што е важно да се направи во овој момент? Првата најважна работа што можете да ја направите во овој момент е да ги запрете негативните мисли фокусирајќи се на целото знаење, искуства и што ги имате како индивидуи и како семејство. Токму овие ресурси ќе ви помогнат да го обезбедите потребното професионално охрабрување за детето и, како семејство, да се фокусирате на надминување на моменталната состојба на најдобар можен начин. Одвојте време за семејни активности во кои сите уживате, што ќе придонесе за поголемо чувство на блискост и семејна поврзаност, како и опуштење на напнатоста. Разговарајте. Чувството на поврзаност, меѓусебната блискост и чувството дека сте тим во кој сите сте тука едни за други, се скапоцени за сите членови на семејството во сите ситуации, особено во криза. Бидете свесни за тоа што се случува со детето во моментот, обидете се да бидете и објективни. Јасна слика, заедно со информации за силните страни на детето, ќе му бидат од голема важност на експертот да ја обликува работата со детето на најдобар можен начин. Обидете се да ги разгледате развојните предизвици на вашето дете што е можно пообјективно. Бидете свесни, но и истакнувајте ги силните страни на вашето дете. Детето веќе се чувствува различно од другите, не успевајќи целосно да се вклопи во своите врсници или да ги искаже своите мисли, желби и емоции. Поради тоа, тоа се чувствува фрустрирано, неразбрано, луто или тажно, може да се повлече од социјалните ситуации или да предизвика дополнителни неповолни ситуации со своето однесување, за што често се казнува. Од друга страна, кога ќе се фокусираме на тешкотијата со која се соочува детето, може да се случи чувството за постоење на проблемот да надвладее до степен до кој ќе се занемарат многу други аспекти на неговото функционирање, а кои се сосема соодветни. Наместо да се фокусирате исклучиво на проблемот и да и пристапувате на моменталната состојба од перспектива на страв, обидете се да го погледнете вашето дете реално и на тој начин да ги вклучите и вашите и силите на детето во вистинската насока. Свеста за доблестите на вашето дете ќе има корист и за вас и него, бидејќи се соочувате со развојни предизвици. Тоа ќе ви овозможи подобро да го разберете и почувствувате вашето дете и, според тоа, да се позиционирате што е можно подобро, без да очекувате премногу или премалку од него. Запомнете: Кога ги почитувате силните страни на вашето дете и успеете да ги потенцирате на искрен начин, и вербално и преку вашите очекувања од детето, му помагате да го задржи чувството на компетентност, чувство на моќ и гордост во сите други области, како и во групата врсници. Ова е многу важно да се има предвид, бидејќи тоа е силата на детето, она што тоа го знае и може да го направи, што ќе му овозможи на детето да го надмине постојниот проблем. Нагласувајќи го она што детето знае и може да го направи, испраќате многу важна порака до себе, другите и самото дете – дека неговото право на љубов и поддршка останува непречено.
КАКО ДА ЈА ЗГОЛЕМАМ КОНЦЕНТРАЦИЈАТА КАЈ МОЕТО ДЕТЕ?
Концентрацијата е способност да се фокусира вниманието на една специфична работа, додека сè друго е занемарено и исклучено од полето на свеста. Претставува способност на една личност ефикасно да ги извршува посакуваните задачи, да ги филтрира само потребните информации и да ги неутрализира сите расеаности во морето на информации и стимули. Повеќето деца имаат потешкотија со концентрацијата. Нивното внимание често се расејува и тие не се во можност долго време да се фокусираат на една тема, што првично доведува до проблеми со учењето, а подоцна, поради недостаток на концентрација, децата можат да станат целосно демотивирани. 1.Обезбедете атмосфера што ја поттикнува концентрацијата. Местото за игра и учење е од исклучителна важност кога зборуваме за подобрување на концентрацијата. Обидете се да ги минимизирате надворешните влијанија кои што претставуваат дистрактор за вашето дете. 2.Сонот е од исклучителна важност Квантитетот и квалитетот на сонот е важен и за возрасните и за децата. Повеќето деца кои спијат помалку од потребниот сон според нивната календарска возраст имаат многу ниско ниво на концентрација. 3.Креирајте дневни рутини Охрабрете го вашето дете секогаш да учи во приближно исто време во текот на денот. Не заборавајте дека детето има потреба од слободно време, кога може само да игра и сонува. Навремено легнување и станување, одржување на хигиенски навики, средување на играчките и училишниот прибор се навики кои што се од голема поддршка и помош во создавањето на рутина. 4.Важноста на играта Преку игра, детето спонтано вежба и ги развива сите аспекти на развој-говор и комуникација, социјални вештини, когнитивен развој и развој на моторни вештини, следење на правилата и со тоа развој на концентрација. Одвојте заедничко време со вашето дете за игра и активности, тоа ќе придонесе за зголемување на концентрација. Еве неколку примери: детално цртање на цртежи со многу детали; вежба за гледање во една точка/предмет од 15 до 20 минути; составување на сложувалки; решавање едноставни мисловни задачи како што се игри за меморија, создавање на приказна од прикажани слики; игри со асоцијација додека се возите во вашиот автомобил; игри со класификација – од чорапи до категории животни, коцки, овошје или пак зеленчук; aктивности со дактиломоторни вештини (прецизни игри со прсти) – оставете ги да соберат играчки, затвараат и отвараат капачиња, нижат перли, редат коцки, играње во песок, игра со тесто или брашно. Чест проблем покрај концентрацијата, е и недостатокот на мотивација кај децата. Детето полесно ќе се концентрира и ќе го одржува фокусот на задачата кога е мотивирано. Објаснете му ги на детето причините зошто активностите од тој тип се од голема важност и обидете се да направите привлечни, интересни потребни материјали за игри кои ги зајакнуваат когнитивните способности на детето.
НАМЕТЛИВИ И ОПСЕСИВНИ МИСЛИ
Постојаните, наметливи и негативни мисли се едни од најчестите знаци и придружни појави на анксиозноста. Анксиозноста некогаш прави скоро да е невозможно да престанете да се фокусирате на работи, за кои не сакате да размислувате. Овие мисли ретко се позитивни, а често се поврзани со вашите стравови и вознемирувачки емоции. Во многу случаи, постоењето на мислата предизвикува зголемена вознемиреност. Може да имаат насилна и вознемирувачка содржина, да бидат од сексуална природа, или пак да се однесуваат на постапки кои се неприфатливи за личноста која ги доживува. Не треба да се заборави дека, ова сепак, се само мисли! Тие навидум се појавуваат од никаде и предизвикуваат вознемиреност, но немаат никакво значење во секојдневниот живот на личноста. Она што им дава моќ е всушност загриженоста на оној кој ги доживува, срамот кој го чувствува личноста, како и потребата да се сокрие ова доживување од другите луѓе. Сè додека личноста препознава дека се тоа само мисли и нема потреба да постапува според нив, тие не можат да и наштетат. Нивната содржина може да биде најразлична, но нешто што им е заедничко е тоа дека нивното присуство ја зголемува вознемиреноста кај личноста, и кај некои луѓе се јавува и потреба да превземат одредени дејствија како би се намалила анксиозноста. Овие дејствија се наречени компулсии. Тоа би можеле да бидат повторувачки ритуали или одбегнување на одредени ситуации. Бројни научни студии покажуваат дека кога премногу напорно се трудите да не размислувате за нешто, всушност тоа доведува до тоа се повеќе да размислувате на истото. Тоа е затоа што кога ќе се фокусирате на избегнување мисла, го потсетувате вашиот мозок дека мислата воопшто постои, наместо едноставно да заборавите на неа и да продолжите понатаму. Исто така, многу често се случува да штом успеете да отргнете една мисла, на нејзино место веднаш да дојде друга со слична вознемирувачка содржина. Како би можеле да си помогнете: Прво и најважно, треба да научите да ги прифатите вашите мисли и на нив да гледате како на симптом на вашата вознемиреност. Треба да престанете да се борите и да се обидувате да ги оттурнете. Прифаќањето е клучно. Ова е најчесто најтешкиот дел и понекогаш на личноста ќе и треба дополнителна помош од стручно лице. Обидете се да ги напишете вознемирувачките мисли во дневник. Вашиот ум може да се фокусира помалку на овие вознемирувачки мисли кога имате можност да ги обработите поинаку со тоа што ќе ги напишете. Компулсиите може да обезбедат навидум брзо решение за опсесиите, предизвикувајќи да ја избегнете анксиозноста. Од друга страна пак тие ја зајакнуваат опсесивната вознемиреност, затоа што не си дозволувате да ја преживеете анксиозноста и да си докажете себе си дека тоа е можно. Но, ако се спротивставите на компулсивното дејствие и си дозволите да бидете вознемирени некое време, честопати ќе откриете дека опсесиите ќе го намалат својот интензитет, предизвикувајќи малку помалку страв, бидејќи веќе знаете дека ништо нема да доведе до нивно исполнување. Друго нешто што можете да го испробате, со одобрение и поддршка од вашиот терапевт, е сами да ја предизвикате вознемиреноста, со други зборови, намерно да размислувате за она што ви предизвикува вознемиреност. На тој начин правите изложување чија крајна цел е десензитизација, односно намалување на силината на реакцијата која таа мисла ја предизвикува кај вас. Ако престанете да се борите со мислата и започнете да ја доживувате што почесто намерно, мислата на крајот ќе стане помалку стресна, можеби дури и досадна. Ако тоа е нешто што можете да го направите, како на пример, да ги извалкате рацете, да оставите светло, намерно да го оставите вашиот дом во неред и слично, тогаш направете го тоа за да се навикнете на чувството на вознемиреност и да научите да не се плашите од анксиозноста. Секако дека доколку перзистираат подолг период и го нарушуваат значајно вашето функционирање, од помош ќе е проценка и третман со соодветно стручно лице. Луѓето кои се соочуваат со опсесивни мисли може да почувствуваат огромна количина на страв, вина, длабок срам, себе-обвинување па дури и само-омраза. Обидете се да бидете љубезни и трпеливи кон себе. Запомнете дека секој доживува несакани мисли на моменти, и тие не се нешто за што се очекува да имате секогаш контрола. Би било од корист да ја препознаете наметливата мисла или чувство што го имате, но тоа не значи дека треба да се идентификувате со тоа. Откако ќе прифатите дека не можете целосно да ги контролирате мислите, можете да го освестите нивното присуство без да им дозволите да ја преземат контролата над вас. Објавените содржини се во психо-едукативни цели, а за професионална проценка и третман, остварете контакт со стручно лице од областа на менталното здравје. Задолжително означување на авторот и изворот, при превземање и цитирање на објавените содржини.
ЗОШТО МОЕТО ДЕТЕ ОДБИВА ДА ЦРТА И СЛИКА?
Родителите честопати се обраќаат кај нас кога нивното дете ќе наполни четири/пет години и одбива да црта и слика. На оваа возраст, овие активности се принудени во градинките и општеството воопшто, а децата кои не се доволно моторни квалификувани ги одбиваат или имаат значително полоши резултати од нивните врсници. Нашата работа е да ги бараме причините за проблемот со цел да направиме план за стимулација. Целта на стимулацијата не е развојот да се забрзува, поставувајки превисоки цели, форсирајќи го детето да исполнува задачи за кое не е подготвено. Напротив, потребно е да се препознае и охрабри потенцијалот на секое дете, да му се понудат предизвици и адекватни активности за зацврстување на иницијативата, учењето и себевреднувањето. Кога ги земаме анамнестичките податоци за деца кои имаат ваков вид тешкотии, скоро е правило дека овие деца немале искуство во тривијални животни ситуации. Овие деца не се облекуваат, не носат и не се хранат самостојно. Најчесто објаснување што го добиваме за оваа ситуација е дека децата се тврдоглави, тие нема да ги извршуваат споменатите активности самостојно, ќе се жалат и ќе плачат, а на родителите не им е тешко да го сторат тоа за нив. Овие детски игри се претежно пасивни, тие не посетуваат паркови и не играат на уреди како што се лизгалки, лулашки, бидејќи овие игри не се безбедни, може да бидат повредени и валкани. Тие не одат сами нагоре и надолу по скалите од истите причини. Кога ја објаснуваме ситуацијата на овој начин и даваме насока на гледање на развојот на моторните вештини, самите родители почнуваат да ги разбираат причините. Кога е детето подготвено за молив? Напишавме за важноста на секојдневните активности за развој на моториката. Кога детето вешто и лесно ги извршува горенаведените активности, тоа стекнува предуслов да земе молив во раката. Пред да започне да црта со молив, предлагаме да му понудите да црта со прстот. Пената за бричење е исто добра идеја, може да се шири лесно на подлогата за игра. Трагите можат да се нацртаат на неа со прстот. Со повторно размачкување, таа се враќа во првобитната состојба и играта продолжува. Залепете големо парче хартија на вратата на висината на очите на детето и понудете му на детето да направи траги со широки обележувачи. Осигурете се дека задачата не е премногу сложена за да започнете да цртате заедно. Една од идеите може да биде дожд од облаци, трева или нешто слично. Кога детето е подготвено, можете да седнете на маса и да нацртате поедноставни форми на хартија, прво со широк фломастер, а потоа со боички. Препорачуваме широки, триаголни фломастери и боички затоа што тие поттикнуваат правилно држење на пенкалото. Запомнете: Манипулирањето со молив бара многу прецизни моторни вештини на прстите и рацете. Имајте го ова на ум кога ќе му поставите барања и очекувања на вашето дете. Дете кое одбива да црта и слика, веројатно има причина за тоа, поради тоа обратете се на некој од стручните лица кои што вршат рана стимулација. Ако го зголемите притисокот, детето ќе го зголеми отпорот. Крајниот резултат на таквата ситуација нема да биде вежбање моторни вештини, туку уривање на самодовербата и повлекување пред задачата.
КАКО ДА ЈА ЗАЈАКНЕТЕ САМОДОВЕРБАТА КАЈ ДЕЦА СО СПЕЦИФИЧНИ ТЕШКОТИИ ВО УЧЕЊЕТО!
Современата училишна концепција е насочена кон когнитивните способности на детето, афективната и социјалната компонента се главно занемарени.Честа појава кај нас е тоа што лошиот успех на ученикот се изедначува со општата вредност на ученикот. За учениците кои што имаат специфични тешкотии во учењето и кои покажуваат помал успех од своите врсници во одредена училишна активност, кај нас многу ретко фокусот е на функционалните способности на детето и неговите позитивни особини, постојано се потенцира секој негов неуспех. Првите години во образованието се период кога детето ја гради сликата за себе и период кога се разрешува конфликтот помеѓу позитивната слика за себе и инфериорноста. Истражувањата покажуваат дека чувството на инфериорност особено се развива околу десетата година. После оваа возраст е многу потешко да се изгради позитивна слика за себе, а со тоа и самодоверба. Дете кое што нема специфични потешкотии во учењето кога ќе покаже успех на училиште, успехот го препишува на своите вложувања, кога ќе се соочи со одреден неуспех, грешка, тоа претставува мотив да се потруди повеќе. Кога детето кое што се соочува со специфични тешкотии во учењето покаже успех, тоа го препишува на среќни околности, наклонетост на наставникот кон него, а кога прави грешка тогаш се појавува голема фрустрација и често пати знаат да се наречат ,,Јас сум глуп/а“. Сликата за себе најмногу е под влијание на родителското воспитување, значајна улога во тоа има и наставникот. Способноста за позитивна комуникација кон децата е од огромно значење за нивната самодоверба и училишни достигнувања. За развој на самодовербата во детството, важни се две компоненти: чувството дека сме способни за нешто и чувството дека сме сакани. Родители, наставници, училишни соработници неколку совети за сите нас, како да ја подобриме комуникацијата и зајакнеме самодовербата кај лицата со специфични тешкотии во учењето: Оставете ги децата сами да ги завршат задачите за кои се способни. Нагласувајте и покажете ја безусловната природа на својата љубов и грижа. Внимателно со критиките! Ако детето добива критика и омаловажување, тоа влијае на неговата слика за себе. Родители, отворено разговарајте за емоциите со вашето дете. Секогаш користете контакт со очи кога го слушате или зборувате. Обидете се да не сте вознемирени кога детето ви зборува за неговиот проблем или потешкотија. Кажете му на вашето дете дека му верувате, дека се однесува добро и дека има прогрес. Постојат повеќе патишта за успех, не е само еден, секоја вештина треба да се вреднува. Секојдневно со вашето дете запишувајте ги неговите успеси во текот на денот, неговите позитивни карактеристики. Не дозволувајте да се заборават успесите и одликите од дневникот. Кога процесот на пишување е завршен, потребно е често да се препрочитуваат на глас, со цел да се зајакне меморијата за позитивните одлики. Вербата во себе како родител е значаен фактор во развивањето на довербата кај детето бидејќи детето чувствува дека личноста што се грижи за него во првиот период, има доверба во себе. Да се научи дете на самопочит, е најголемиот дар кој еден родител, наставник, едукатор може да го подари.