Neocortex

МОЕТО ДЕТЕ СЕ ОДНЕСУВА КАКО ,,МАЛ ГОСПОДАР“ И ПОВТОРНО НЕ Е ЗАДОВОЛНО ОД НИШТО

Родителите кои се придржуваат до моделот на воспитување во кој доминантна е љубовта, а недостига дисциплина, често живеат во постојан страв дека детето ќе престане да ги сака, и затоа му дозволуваат да се однесува како мал господар. Многумина знаат да кажат: Децата денес се единствената вредност за која луѓето би го дале својот живот. Се разбира, родителите треба да се откажат од многу работи во корист на своите деца, но секако мора да постои и  јасна граница помеѓу одрекувањето и создавање на жртва: ОДРЕКНУВАЊЕТО Е КОНСТРУКТИВНО, ЖРТВАТА Е САМОУНИШТУВАЧКА.  Многу родители се водат по „идеологијата на среќно дете“ затоа што веруваат дека нивното дете мора да има среќно детство по секоја цена, а тоа на некои од нив им значи дека мора тоа да добие се што ќе посака, за да прерасне во независна и ментално здрава личност. Континуирано исполнување на секоја желба, води кон претварање на вашето дете во „мал господар“. Ова доведува до тоа да родителите му се потчинуваат на своето дете, неговата волја и желби. Најчесто детскиот отпор при обид за дисциплина, и поставување на граници се дефинира како доживување на траума, па во истиот момент се повлекуваат родителските барања и на тој начин се преминува во стил на немоќни и попустливи родители. Се појавува феноменот на несебично жртвувње за детето во обидот да се задоволат сите негови барања и желби. Како изгледа „малиот господар“? Знаат да гребат, удираат, гризат или фрлаат со предмети по своите родители кога не се задоволни од улугата на својот родител. Гледајќи од страна, релацијата помеѓу детето и родителот изгледа како однос помеѓу мал гоподар и голем роб. И кога малиот господар ќе порасне, тој често станува голем господар. Иако пораснал, тој не сака да преземе одговорност за себе и за сопствениот живот. Наместо тоа, тој останува во симбиоза со родителите кои ги финансираат сите неговите желби и барања од се поголем карактер.  Погответе го вашето дете за самостоен живот Родителите кои што имаат потешкотија со поставувањето на здрави и цврсти граници, кои во секој следен чекор на детето гледаат голем ризик и се обидуваат да го заштитат, наместо самостални ги пренасочуваат своите деца кон станување ,,мали господари“. Но, што се случува подоцна? Овие деца остануваат во умрежен однос со своите родители, имаат голема зависност од нив, се плашат од тоа што се случува надвор од нивниот дом, остануваат пасивни, без социјални вештини. На самиот почеток родителот превзема целосна одговорност за чувствата на своите деца. Ако детето е несреќно, се чувствува тажно, дирекно се преминува на вториот чекор, а тоа е најчесто задоволување на материјална потреба, купување на нов плејстејшан, нова играчка без дискусија зошто детето е тажно. Водејќи се од мислата дека детето мора секогаш да е среќно и насмеано, со негација и неприфаќање на негативните емоции, не ја гледаат големата слика. Исполнувањето на секоја желба на свото дете и повлекувањето на секоја граница само за тоа детето да не плаче, всушност придонесува во тоа да своето дете го лишете од самостојност.  Како специјален едукатор кој што секојдневно се соочува со оваа проблематика, драги родители ве советувам: Самостојноста се учи од мали нозе, дозволете му на вашето дете да ги завршува задачите за кое е способно, бидете прецизни во тоа што може, а што не може. Охрабрете се вие, охрабрете го и вашето дете. Запомнете, позади секое дете што верува во себе, стои родител кој што верува во него.    

Различната сексуална ориентација кај адолесцентите

Која е разликата помеѓу сексуална ориентација и родов идентитет? Развојот на сексуалниот идентитет е сложен и мултидимензионален процес, во кој треба да се земат во предвид когнитивните, социјалните, емоционалните, семејните, културолошките аспекти и секако искуството на самиот поединец. Родовиот идентитет и сексуалната ориентација луѓето честопати ги мешаат. Родовиот идентитет ги опишува родовите, односно лица чиј родов идентитет одговара или не одговара со нивниот биолошки пол. Сексуалната ориентација пак се однесува на привлечноста кон другите луѓе, и тоа физичка, емоционална, сексуална и романтична привлечност. Тука разликуваме привлечност кон спротивниот пол, кон истиот пол или и кон двата пола подеднакво. Колку често кај младите се појавува збунетост околу сексуалната ориентација? Во текот на адолесценцијата повеќето млади ќе ја доведат во прашање својата сексуална ориентација на еден или на друг начин. Ова претставува еден мошне збунувачки период за младиот човек бидејќи е сосема можно да се биде емотивно привлечен од едниот пол, но физички од другиот. Во овој период исто така често се случува да чуствуваат привлечност и емотивна и физичка кон спротивниот пол, но да чувствуваат во исто време огромна привлечност кон една личност од истиот пол. Младите може да бидат збунети од ваквите спротивставени чувства, па оттука велиме дека е сосема очекувана оваа нивна несигурност или амбивалнтност во врска со нивната сексуална ориентација. Во овој период не е невообичаено да младите експериментираат во однос на својата сексуалност. Истражувањата покажуваат дека некои млади уште од најраната возраст биле свесни за својата сексуална ориентација, но голем е бројот на оние  чија сексуална ориентација воопшто не им била јасна за време на адолесценцијата и им биле потребни многу години да ја решат својата амбивалентност. Од друга страна пак голем е бројот на хетеросексуални возрасни кои може да се сетат на некои чувства на привлечност кон сопствениот пол за време на адолесценцијата. Што велат истражувањата во врска со сексуалната ориентација? Најновите истражувања покажуваат дека сексуалната ориентација е биолошки определена, но останува на поединецот да одлучи дали ќе ги потисне овие чувства или ќе ги реализира. Сепак е значајно да се каже дека потиснувањето или негирањето нема ниту да ја намали нивната моќ ниту пак ќе направи тие да исчезнат. Младите честопати како механизам на одбрана знаат да го користат негирањето или пак прикривањето на својата различна сексуална ориентација, што го зголемува ризикот за проблеми со менталното здравје како што е зголемената анксиозност, депресивност, суицидалност, злоупотреба на супстанци и сл. За адолесцентите кои пак се дел од етничкото малцинство ситуацијата е уште посложена. Тие имаат задача во исто време покрај сексуалниот да го развиваат и етничкиот идентитет, честопати соочени со стигматизација и критицизам на двојно малцинство.  Што е тоа со што се соочуваат оние адолесценти кои се несигурни во врска со нивната сексуална ориентација? Стравот од тоа како ќе бидат прифатени од врсниците, семејството и пошироката околина ја зголемува анксиозноста кај адолесцентите. Тука постои страв од булинг и неприфаќање од страна на врсниците па често се забележува социјална изолација како механизам на одбрана. Социјалната изолација во оваа развојна фаза во која адолесцентот го гради својот идентитет преку групата врсници на која и припаѓа и со која со поврзува, знае да направи сериозна штета врз индивидуата во нејзиниот понатамошен развој. Затоа е особено важно во овој период адолесцeнтот да најде барем една личност за подршка со која ќе може да разговара и од која ќе биде прифатен со својата различност. Каква улога игра семејството кај ЛГБТИ младите? Семејството претставува клучен фактор кој може да му помогне на адолесцентот полесно да се соочи со сите предизвици кои ги носи неговата различна сексуална ориентација. Родителите би можеле да најдат поголемо разбирање, прифаќање и сочуство откако ќе разберат дека родовиот идентитет и сексуалната ориентација не се нешто што нивните деца намерно ќе го изберат. За родителите е важно да знаат дека нивниот родителски и воспитен стил нема никако влијание врз сексуалната ориентација на нивното дете. Додека некои родители добро ќе се справат со новата ситуација, кај други ова може да предизвика најразлични реакции од  лутина па се до бес. Острите критики, неприфаќањето и обвинувањата служат само за создавање на дистанциран однос и отуѓување, а никако нема да направат промени во однос на сексуалната ориентација на нивното дете. Најдобро е ако родителите се обидат да најдат начин да ги стават настрана своите лични верувања и чувства со цел да им даваат на своите деца безусловна љубов и подршка во текот на овие чувствителни години.

СЕЛЕКТИВЕН МУТИЗАМ-ДОЛГОТРАЕН И МАКОТРПЕН ПРОЦЕС ЗА ЦЕЛОТО СЕМЕЈСТВО

Селективниот мутизам е сложено анксиозно растројство кое се јавува кај децата. Се карактеризира со неспособност на детето да зборува ефективно и да комуницира во некои социјални средини, како што се училиште или градинка. Децата со селективен мутизам можат да зборуваат и да комуницираат во средини каде што се чувствуваат безбедно и опуштено, како што е домот. Секое дете со селективен мутизам ја покажува вознемиреноста на свој специфичен начин. Некои деца имаат целосна комуникативна блокада, други се карактеризираат со тоа што пројавуваат комуникација во присуство на одредени блиски луѓе, во чија близина се чувствуваат безбедно. Помалку вознемирените деца може да „изгледаат“ опуштено, безгрижно и да се дружат со едно или повеќе деца, но не се во можност да разговараат со наставниците и повеќето врсници. Третман на лицата со селективен мутизам? Главните цели на третманот се да се намали вознемиреноста, да се зголеми самодовербата, да се потикне социјалната комуникација. Акцентот не е на „принудување на детето да зборува“ и сите очекувања за вербализација треба да се отстранат од терапевтските и други средини каде што детето не зборува. Со намалена вознемиреност, самодоверба и употреба на соодветни техники, комуникацијата ќе се зголемува како што детето напредува и преминува од една во друга животна фаза. Третманот треба да бидe прилагоден на потребите на секое дете, но повеќето деца се третираат со комбинација на терапија со игра, когнитивно-бихејвиорална терапија, a со консултација со психијатар понекогаш се вклучуваат и медикаменти. Она што е од есенцијална важност е релацијата на детето со терапевтот, и потребно е детето во присуство на терапевтот да се чувствува почитувано, безбедно, да почувствува разбирање и трпеливост во негово присуство. Во целокупниот процес важна е соработката со училиштето, како и голема поддршка на семејството и родителите. РОДИТЕЛИТЕ СЕ ВАЖНА АЛКА ВО ЦЕЛОКУПНИОТ ПРОЦЕС ПОРАДИ ТОА: Покажете трпеливост Селективниот мутизам е сериозно нарушување и потребно е време за да се видат резултатите. Не се откажувајте од третманот, бидејќи на тој начин испраќате порака дека се откажувате од детето, а детето ја усвојува идејата дека нешто не е во ред со него. Зајакнете ја самодовербата  Нагласете ги позитивните аспекти на вашето дете. На пример, ако детето е уметнички надарено, коментирајте позитивно и покажете ги неговите уметнички дела!  Бидете креативни, изложете ги неговите уметнички дела. На овој начин детето создава позитивна слика за себе, што ја потикнува вербализацијата кај детето! Поттикнете го дружењето Поттикнете колку што е можно повеќе социјализација, но внимателно без детето да чувствува притисок. Организирајте датуми за игра со родителите на другите деца, можеби да остварите мала група интеракција со врсниците што детето добро ги познава, во вашиот дом. Целта е да го поттикнете вашето дете да се чувствува удобно и да вежба да зборува. Градинка и училиште Потребна е дополнителна едукација и насоки за училиштето или градинката.Разговарајте со наставниците дека детето треба да чувствува дека е во ред да не зборува. Невербалната комуникација првично е прифатлива.  

ПРЕПОЗНАВАЊЕ НА РИЗИК ФАКТОРИ И ЗНАЦИ КАЈ ЛИЦАТА КОИ РАЗМИСЛУВААТ ЗА САМОУБИСТВО

Самоубиството претставува чин на одземање на сопствениот живот. Тоа е страшна трагедија како за поединците така и за нивните семејства. Луѓето без разлика на својот пол, етникум, возраст или социјален статус може да бидат подеднакво изложени на ризик. Самоубиствените мисли и однесување се сложени и не постои универзална и единствена причина за нивна појава. Постојат повеќе фактори кои може да го зголемат ризикот. Некои од нив се: Депресија или други ментални нарушувања особено доколку не се третирани Злоупотреба на алкохол или психоактивни супстанци Предходни обиди за самоубиство Семејна историја на ментални нарушувања, обиди за самоубиство или самоубиство Изложеност на семејно насилство во моментот или во минатото Сексуална злоупотреба во моментот или во детството Сериозна хронична или неизлечива болест, или изложеност на долготрајна интензивна болка Ненадејни стресни и трауматични ситуации како загуба на сакана личност Стресни животни ситуации особено доколку се долготрајни. Повеќето луѓе кои се изложени на овие ризик фактори нема никогаш да посегнат по сопствениот живот, но добро е да се знае и доколку се појават некој од предупредувачките знаци потребно е веднаш да се сфати крајно сериозно и да се интервенира. Не постои типичен модел на однесување карактеристичен за некој кој размислува да си го одземе својот живот, но постојат вообичаени знаци на предупредување. Разговори во кои се зборува за чувството на празнина, безнадежност и немање причина за живот Често зборување или размислување за смрт како и изразување на желба за истото Чувство на заробеност и неможност да се најде решение за ситуацијата Чуство на неподнослива емоционална болка Преголемо чувство на вина во секојдневни ситуации во кои не постои причина за истото како и чувство дека пречите или сте товар на другите Социјална изолација Разговори кои наликуваат на збогување Ризично и неодговорно однесување кое е животно загрозувачко. Други сериозни предупредувачки знаци дека некој може да биде изложен на зголемен ризик за да изврши самоубиство се: Невообичаени промени во однесувањето кои можеби не изгледаат поврзани со чувство на безнадежност или депресивност. Можно е да се забележи дијаметрално различно однесување од вообичаеното за некоја личност, како на пример некој кој предходно бил љубезен и смирен да покажува лутина и агресивно однесување или пак некој кој бил тажен и депресивен одеднаш да стане смирен и навидум среќен. Може да се сретнат и други промени како што е зголемена злоупотреба на алкохол или психоактивни супстанци како и чести нагли промени во расположението. Не е невообичаено да се сретнат промени во спиењето како прекумерно спиење и воопшто потешкотии во будењето од една страна или пак неможност да се заспие и да се влезе во длабок сон поради што личноста чувствува голем замор во текот на следниот ден. Емоционално дистанцирање односно повлекување од контактите со другите луѓе, рамнодушни реакции дури и во емотивни ситуации како и губење на интерес за вообичаени активности како и активности во кои претходно се чувствувало задоволство. Физичката болка исто така може да биде еден од симптомите на депресија. Често се сретнува  хронична болка во телото, главоболки или проблеми со дигестивниот систем без конкретна органска причина за истата. Семејството и блиските пријатели се вообичаено првите кои можат да ги препознаат предупредувачките знаци кои се јавуваат и тие се оние кои ќе го направат и првиот чекор кон помагање на саканата личност да побара третман за своето ментално здравje. Доколку се сомневате дека некој ваш близок размислува за самоубиство добро е да поразговарате отворено за вашата загриженост со таа личност. Разговорот може да го започнете поставувајќи прашања на неосудувачки, неконфронтирачки начин, без да се плашите и поставувајќи и директни прашања. Обидете се за време на разговорот да останете смирени со еден смирувачки тон и не се обидувајте да ги негирате или минимизирате нивните чувства. Понудете им поддршка и охрабрете ги да побараат помош. Ислушувањето и поддршката се и најдобриот начин за да помогнете.

ШТО СЕ ДОБИВА ОД РАЗВОЈНАТА ПРОЦЕНКА?

Развојната проценка, раната дијагностика и интервенција, индивидуално следење на растот и развојот на секое дете е доста значајна тема кога зборуваме за ран и предучилишен здрав раст и развој. Развојот на децата е најинтензивен во првите години од животот, но исто така е многу познато дека секое дете своите развојни задачи ги исполнува индивидуално само за себе, па има разлика во време, начин од едно до друго дете, преминувајќи од една во друга развојна фаза.  На пример, некои деца во првата година и пол  имаат побогат вокабулар, се случува да некое од децата започнува да оди на 10-11 месеци, a некои деца се сеуште во фазата на лазење. Она што е важно и значајно за секој родител, како и воспитувач во градинка, е веднаш штом се забележи некое отстапување и веќе подолг временски период има неисполнување на задачите од развојната мапа, да се алармира и да се процени секој сегмент од развојот на детето. Што е индивидуална развојна мапа? Индивидуалната развојна мапа е преглед на основните пресвртници во менталниот и физичкиот развој на детето од раѓање до седумгодишна возраст. Ги опишува карактеристичните промени и можните отстапувања на разбирлив и едноставен начин. Детектирањето на отстапувања го прават и педијатрите, воспитувачите во градинка, па потоа даваат насоки да се направи развојна проценка од страна на стручно лице.  Постојат мапи кои што се наменети и за родители со цел само-проценка и забележување на текот на развојот на своето дете, а секако тоа е основа за ориентација и следење на развојот на детето, како и организирање на неговите активности. Кога зборуваме за проценка и следење според развојна мапа, внимателно ги следиме следниве сегменти: – Психо-моторен развој – Социо-емоционален развој – Когнитивен развој – Развој на говор и комуникација Она што секојдневната пракса го покажува во нашиот центар, и е значајно во правењето на развојната проценка, е првото интервју со родителите. На првото интервју со родителите секогаш се детектираат позначајни моменти како семејните обрасци на однесување, стилови на воспитување, колку средината во која што расте детето е стимулирачка, посетување на градинка, историја на пренатален, перинатален и постнатален период. Кој е следниот чекор откако кај детето ќе се детектира неисполнување на развојните задачи? Доколку за време на развојната проценка и опсервација кај детето се забележат отстапувања во развојот, пораки кои што несвесно се праќаат до детето и влијаат на неговото однесување, следниот чекор е поставување на целите и на тоа што конкретно ќе се работи,  со концизни и јасни насоки кон семејството, дополнителни задачи за работа дома, индивидуална поддршка на детето, но секако и поддршка на целиот семеен систем.  Запомнете: Секое дете е своја едника вредна за почит, секое дете има право да биде разбрано и да го развива својот потенцијал на соодветен начин познавајќи ги неговите функционални можности. Секое дете има право да им верува на возрасните, и возрасните да веруваат во него. Секое дете има право на поддршка што ќе му овозможи да развие сопствени стратегии за размислување и превземање акција!

МЕНАЏИРАЊЕ НА ЛУТИНАТА И БЕСОТ

Лутината претставува нормална, здрава емоција, која не ја дефинираме ниту како добра ниту како лоша. Како и секоја емоција, таа се обидува да ни пренесе некаква порака, укажувајќи дека ситуацијата во која се наоѓаме е вознемирувачка, неправедна или заканувачка. Таа може да биде резултат на нешто што ни се случило, нешто што некој го кажал или направил, или нешто што го паметиме од минатото. Таа може да ни помогне или да повреди, во зависност од тоа како реагираме кога сме лути. Корисно е кога треба да се заштитиме или кога таа не мотивира да ги промениме работите кои не ни се допаѓаат. Но, кога таа преминува во бес тоа може да ве натера да изреагирате на начини кои се несоодветни и со тоа да си наштетите себеси или на некој друг. Можеби сте убедени дека покажувањето на  гневот е корисно и здраво, дека луѓето кои се околу вас реагираат премногу чувствително, дека вашиот бес е оправдан или дека понекогаш треба да го покажете својот бес за да добиете почит од останатите. Но, вистината е дека хроничното присуство на лутина и бес може да има сериозни последици за: -Физичкото здравје и да ве направи подложни на срцеви заболувања, дијабетес, ослабен имунолошки систем, несоница и висок крвен притисок. -Менталното здравје, бидејќи троши огромна количина на ментална енергија и може да резултира со потешкотии во  размислувањето, ја отежнува концентрацијата и го намалува уживањето во животот. Исто така, може да доведе до стрес, депресија, анксиозност и други проблеми со менталното здравје.  -Лутината може да предизвика потешкотии во односите со луѓето , па дури и оние кои ви се најблиски и најмногу ги сакате.  Да ги разниша пријателствата, и да влијае дури врз вашата кариера. Експлозивното покажување на  гневот им отежнува на другите да ви веруваат, да зборуваат искрено или да се чувствуваат пријатно во ваше присуство. Многу луѓе имаат мислење  дека менаџирањето или управувањето со лутината е да се научи како таа да се потисне.  Меѓутоа вистинската цел  не е да се потисне чувството на лутина, туку да се разбере пораката што стои зад емоциите , и да се изрази на здрав начин без да се изгуби контрола над своите постапки. Некои од техниките кои би можеле да помогнат се: Примена на техниката на абдоминално дишење Физичката активност како што е редовно вежбање е начин кој помага да го подобрите расположението и да се ослободите од напнатоста и лутината. Избегнувајте употреба на алкохол и психоактивни супстанци, бидејќи тоа може да направи да бидете помалку толерантни на фрустрации. Конзумацијата на овие супстанци и нивната злоупотреба, може да ги олабави вашите инхибиции за да кажете или да направите нешто што нормално не би го направиле. Побарајте поддршка од другите. Разговарајте за вашите чувства и обидете се да работите на промени во вашето однесување. Ако имате проблем да сфатите кога и од која причина се појавува лутината, водењето дневник може да помогне, да откриете што е она што ве тригерира во одредени ситуации. Обидете се да се ставите на место на личноста која ја потикнала лутината кај вас, на тој начин може да добиете поинаква перспектива. Научете се почесто да го користите хуморот како средство за менаџирање на лутината и бесот, особено хуморот на своја сметка. Научете активно да слушате. Слушањето може да помогне во подобрувањето на комуникацијата и може да изгради чувства на доверба меѓу луѓето. Оваа доверба може да ви помогне да се справите со потенцијално непријатните емоции. Корисна комуникациска вежба е да кажете некому: „Дали добро разбрав, она што ми го велите е…….“. Овој пристап може да помогне да се разјаснат недоразбирањата или погрешните заклучоци, кои можат да доведат до фрустрации. Научете да ги изразувате своите потреби, мисли и чувствата смирено и директно без да станете дефанзивни. Прогресивната мускулна релаксација исто така помага да се опуштат мускулите на телото кои се во грч кога чувствувате лутина или бес. Полека повторете мирен збор или фраза како што се „опушти се“ или „смири се“.Повторувајте го тоа во себе додека дишите длабоко и додека не се смири гневот што го чувствувате. Земете време за себе. Влезете во тивка просторија, затворете ги очите и обидете се да визуелизирате релаксирачка сцена. Фокусирајте се што е можно повеќе на деталите во замислената сцена. Совладувањето на уметноста за управување или менаџирање на лутината и бесот бара трпение, промени и упорност,но колку повеќе вежбате, толку повешти ќе бидете. Учењето да го контролирате вашиот бес и да го искажете на соодветен начин ќе ви помогне да изградите подобри односи, подобро да управувате со конфликтите во вашиот живот, да ги зајакнувате вашите односи, да ги постигнете своите цели и да водите поздрав, поквалитетен живот.

МОЕТО ДЕТЕ НЕ МЕ ПОЧИТУВА, НЕ ПОЧИТУВА ПРАВИЛА И НЕ ГИ ЗАВРШУВА СВОИТЕ ОБВРСКИ

Децата често проверуваат кои се вашите граници, тие пробуваат да се договорат со вас, се обидуваат да ги преминат границите или пак намерно ги кршат правилата. Работејќи во центарот, често родителите знаат да кажат дека нивното дете не ги почитува, постојано плаче и не сака да ги завршува задачите од училиште.  Задржете ја присебноста Запомнете дека понатамошниот однос на детето зависи од вашата рекација-дали ќе биде позитивна или пак негативна. Доколку немате поставено цврсти и јасни граници прекршувањето на правилата од страна на вашето дете постојано ќе е тука. Доколку сте пак премногу строги детето ќе се чувствува ограничено, под константен притисок, што подоцна ќе донесе проблеми во комуникацијата и релациите со другите од својата околина. Како и за повеќето работи, клучот за добар и здрав однос е во балансот. Кога детето го прекршува правилото, не ве почитува како родител, почнува да плаче, се тегне по земја, ве удира, a заканите и речениците од типот: Како се осмелуваш па јас сум твоја мајка!, дополнително ќе ја влошат ситуацијата. Потребно е да вдишете длабоко воздух, да броите до десет и да размислите дали она што во тој момент сакате да го изговорите има позитивно влијание во смирувањето на целата ситуација. Пронајдете ја вистинската причина Непочитување на родителите и не извршување на обврските во текот на денот не е секогаш одраз на моменталната состојба, a вистинската причина може да биде во нешто што не е поврзано со тоа. Можеби детето има проблеми со врсниците во училиштето, но се плаши да сподели со своите родители мислејќи дека ќе биде осудено дека вината е негова. Доколку причината е училишната средина, ќе забележите дека детето доаѓа нервозно од училиште, покажува отпор секое утро кога треба да се подготвуваат книгите и ранецот. Како родители разговарајте отворено со вашето дете, прашајте: дали нешто се случува во училиште, како го поминува денот кога е со своите другарчиња, која друштвена игра практикуваат да ја играат. Прифаќајте ги емоциите на вашето дете Вашето дете до вчера беше послушно, а денес тоa ви одговара: Тргни се од мојата собa, не сакам да разговарам! Можеби само го повторува тоа што го слушнал од своите врсници и не сфаќа дека таквото однесување е непристојно. Децата често слушаат како нивните другарчиња реагираат на нивните родители и сакаат да ги имитираат. Затоа, кажете му дека е во ред да каже дека е лут, уморен или пак можеби тажен. Но, нагласете дека викање и дрскост, не се опција за решавањето на проблемот. Зборувајте за тоа кои се последиците од непочитување на правилата Кога ќе му кажете на вашето дете дека таквото однесување и фразите кои ги користи се несоодветни, објаснете кои се последиците од таквото однесување. Поставете јасни правила и рутини, одредете точно време за спиење, навики за хигиена, спремање за училиште, пишување на домашна задача. Направете планер за неговите обврски и тоа многу полесно ќе се движи во текот на денот кога задачите и правилата се запишани. Бидете доследни, држете се до правилата, тоа е единствениот начин да покажете дека сте сериозни. Бидете внимателни што и како зборувате Важно е да вие како родители бидете позитивен пример за најмладите. Тие учат имитирајќи го она што го слушнале и виделе, особено дома. Ако родителите имаат остар и висок тон во разговорот, покажуваат непочит еден спрема друг, децата ќе мислат дека тоа е во ред и ќе го превземат таквиот образец на однесување. Обидете се да се однесувате со почит кон членовите на семејството, пријателите, соседите, дури и кога мислите дека детето не ве слуша, верувајте малите уши често слушаат сè. Кажете БРАВО за љубезноста Обрнете внимание на моментите кога детето е љубезно, благодарно и пристојно, не пропуштајте да го пофалите со образложение зошто е тоа за браво. Пример, доколку детето ги почитува и исполнува задачите од планерот за пишување домашна задача, пофалете го на следниот начин: Браво, домашната задача е завршена на време, тоа ти овозможува да имаш повеќе време за слободни активности и вечер да заспиеш порано. Со тоа, покажувате одобрување и поткрепа за таквото однесување, а децата се чувствуваат убаво кога ќе видат дека мама и тато забележуваат колку се добри.    

СИГУРНАТА ПРИВРЗАНОСТ ИМ ПОМАГА НА ДЕЦАТА ДА НАПРЕДУВААТ!

Едно од најчестите прашања што се поставуваат за градењето конекции е дали детето може да биде премногу поврзано со неговите или нејзините родители. Постои општ страв и мит дека ако се фокусираме премногу на градењето конекции со нашите деца, може да го попречиме нивното растење како независни и зрели луѓе. Напротив,  неможете да сакате премногу, сигурната поврзаност не го забавува растот, туку му дава гориво и го забрзува. Кога ќе ја погледнете големата слика, крајната цел во воспитувањето на детето е да им помогнеме да станат независни луѓе. Ние би сакале тие да имаат свој сопствен ум, да ги постават сопствените цели, да донесуваат свои одлуки, да размислуваат за себе, да ги знаат своите граници и да создадат насоки во кои сакаат да се развиваат. Она што ние навистина треба да се запрашаме е: Што треба ние да правиме за да се осигураме дека нашите деца растат на тој начин? Децата помлади од три години, се залепени како со лепак за своите родители или негуватели. Тие можат да трчаат по нив, да плачат кога не се во близина и да бидат несреќни кога мора да го споделат вниманието на својот родител со другите. Малите деца се гладни за приврзаност, бидејќи се зависни од давателот на грижа. До времето кога ќе стигнат до 5 – 7 години, треба да бидат способни да играат послободно сами со себе, да преземат одговорност за едноставни работи како да се облечат, па дури и да почнат да прават работи како што се раскревање на нивните играчки. Децата не може да се премногу поврзани, тие може да се недоволно длабоко поврзани. Поврзаноста е наменета да ги направи нашите деца зависни од нас за да може да ги водиме понатаму, секако до одредена возраст и мера. Токму нашата покана за конекција ги ослободува да престанат да бараат љубов и да се фокусираат на раст и развој. Кога децата можат да разберат дека нивните потреби за приврзаност ќе бидат исполнети, тие се ослободени да играат, да истражуваат, да замислуваат и да се движат слободно. Можеби звучи  парадоксално, но кога ги исполнуваме потребите на децата за зависност, всушност ги туркаме кон независност. Како што децата созреваат тие треба да станат способни за преземање на воланот во свои раце, а ние ќе можеме да се повлечеме во консултантска улога. Кога потребите на децата за приврзаност ќе бидат исполнети, тие веќе нема да бидат преокупирани со тоа да одат по нас. Децата кои не се веќе на предучилишна возраст, а сеуште се прилепени за нас го прават тоа поради несигурност. Токму чувството на сигурност во  поврзаноста ги ослободува децата. Непријателот на зрелоста не е поврзаноста, туку во несигурните конекции. Предусловот за раст на децата е во рацете на родителите или старателите. Со други зборови, децата не треба да работат за да добијат љубов. Начините од кои ќе забележите дека потребата на детето не е задоволена се: кога детето се обидува премногу да припаѓа, да се вклопи со останатите, кога се обидува да им угоди на другите за да им се допадне, кога премногу бара внимание, на пример кога е кловн во училницата или кога се труди да одбегнува детски лудории, однoсно се труди да е послушно и повеќе од умерено. Кога децата чувствуваат дека се важни такви како што се, не чувствуваат потреба да се менуваат себеси со цел да добијат љубов. Зборувајте им дека се најдобрите и најубави магични суштества на земјата, бидејќи во тоа што веруваат, тоа и ќе постанат.

ПАСИВНО-АГРЕСИВНО ОДНЕСУВАЊЕ

Пасивно-агресивно однесување е она кое вклучува индиректно агресивно дејствување, наместо директно. Пасивно-агресивните луѓе  покажуваат отпор кон барањата на други лица, често со одложување, или тврдоглаво постапување.  Негативните чувства суптилно ги изразуваат преку своите постапки, наместо да се справуваат со нив на отворен и директен начин. Ова делува конфузно за останатите, бидејќи постои несовпаѓање помеѓу она што го вербализираат со она како постапуваат. Тоа може да се манифестира на многу различни начини. Некој што е пасивно агресивен може да покаже отпор кога ќе биде замолен да стори нешто, најчесто преку одложување, несогласување или опозиционалност. Често се случува да одбијат да бидат емотивно отворени – дури и кога е очигледно дека се вознемирени,  ќе инсистираат на тоа да ве убедат дека се добро, завршувајќи го понатамошниот разговор. Често се случува да измислат најразлични изговори за да одбегнат средба со одредени луѓе. Интерсно е тоа дека тие ни самите не се свесни за своето однесување. Пасивно-агресивното однесување се смета за доста деструктивна форма на однесување која може сериозно да ги наруши  односите меѓу луѓето во семејното функционирање, љубовните релации, па дури и на работното место. Најчесто пасивно агресивните луѓе се сметаат за груби, тврдоглави, невнимателни, мрзеливи и манипулативни, но кога подобро би ги виделе можните причини за ваквото нивно однесување, можеби би имале и поголемо разбирање. Постојат неколку фактори што може да придонесат за ваквото однесување. Воспитувањето во средина  каде што директното изразување на емоциите било обесхрабрено или недозволено,  може да доведе до чувство на неможност или забрана за изразување на своите вистински чувства на поотворен и директивен начин, и тоа да доведе до изнаоѓање на алтернативи, пасивно да се експресираат лутината или фрустрацијата. Во одредени ситуации кога прикажувањето на одредени чувства не е социјално прифатливо, како на пример во работна атмосфера, се зголемува можноста да се одговори на прикриен, односно пасивен начин. Пасивното агресивно однесување обично се активира од желбата да им се допаднете на луѓето. Причините вклучуваат желба за зачувување на мирот, избегнување грешки, обид да се изгледа посамоуверено и поавторитативно, или пак поради присуството на стравот од одбивање или критика. Често е полесно да се препознае однесувањето кај другите, отколку кај себе. Ова би биле некои од прашањата кои ќе помогнат да го препознаеме и освестиме сопственото однесување: Дали честопати се наоѓате себеси како критикувате и озборувате кога сте незадоволни со некој? Дали избегнувате луѓе од кои сте вознемирени? Дали имате чувство дека не сте ценети доволно? Дали некогаш престанувате да разговарате со луѓе кога сте лути на нив, без да им кажете што ве навредило? Дали го одложувате извршувањето на задачите како начин да ги казнувате другите? Дали понекогаш користите сарказам и критика за да избегнете вклучување во значајни разговори? Доколку прпознавате дека имате тенденција да се однесувате пасивно агресивно, постојат чекори што можете да ги превземете за да го промените односот со другите. Еве неколку начини: Подобрете ја вашата самосвесност. Препознајте и разберете зошто сте вознемирени или што е она што чувствувате. Започнете да обрнувате внимание на она што се случува внатре во вас додека реагирате на различни луѓе и ситуации. Дајте си време да направите промени. Препознавањето на сопственото однесување е првиот чекор кон промена, но промената на вашите обрасци и реакции може да потрае некое време. Затоа бидете упорни и трпеливи. Вежбајте како да се изразувате. Разбирањето на вашите емоции и учењето соодветно да ги искажувате своите чувства е важен чекор кон ставање крај на пасивно-агресивно однесување. Понекогаш конфликтот е неизбежен дел од животот, но доколку знаете на асертивен начин да ги кажете своите чувства и да ги поставите своите граници, тоа би можело да донесе подобри резултати во иднина. Пасивно-агресивното однесување може да биде деструктивно, и голема е веројатноста на моменти секој од нас да препознае таков начин на однесување кај себе. Но, со подобро разбирање на нашите чувства и што е она што ги предизвикува, би можеле подобро да се справиме со нив и на тој начин да ги минимизираме потенцијалните штети врз нашите односи со другите.

РАЗВОЈНА ДИСФАЗИЈА ИЛИ АУТИЗАМ?

Развојната дисфазија е јазично нарушување на способноста за разбирање, изразување и формулирање на јазична мисла. Овие деца покажуваат значително јазично доцнење во однос на нивната календарска возраст и интелектуален капацитет. Степенот на сериозноста на тешкотијата може да биде различен и се движи од целосно отсуство на говор (алaлија) кај дете од две до три години до навидум нормален говор со потешкотии во читањето и пишувањето кај училишните деца. Кај некои деца, потешкотиите во говорот се поизразени, додека кај други се изразува недостатокот на разбирање за јазичните содржини. Развојна дисфазија или аутизам? Симптомите на овие две нарушувања често се преплетуваат, особено кога станува збор за развојна дисфазија од рецептивен тип. За двете состојби карактеристично е неразбирање, не одговара на сопственото име до две години, прекумерна активност и слабо внимание, недостаток на вербална комуникација, често повторување на јазичната содржина, нарушувања во однесувањето. Главната и најважната разлика е во тоа што развојната дисфазија е исклучиво јазично нарушување и има дефицит на вербална комуникација, додека невербалната комуникација и социјализацијата се релативно добри. Аутизмот е нарушување на вербалната и невербалната комуникација, како и нарушување на социјалниот реципроцитет. Карактеристично за деца со развојна дисфазија: Нормални социјални интеракции. Тие ги разбираат намерите и емоциите на другите. Ова се рефлектира во задоволството од создавање нови социјални контакти и со возрасни, и со деца. Прегратките и бакнежите им создаваат позитивни емоции. Тие реагираат нормално на насмевки. Тие покажуваат задоволство кога ќе добијат нова играчка. Тие имаат контакт со очите. Можеби нема да одговорат на повик по име. Учествуваат во играта „кобајаги“. Нивната игра е функционална и креативна. Тие сакаат да играат со разни играчки и со други деца. Нормална употреба на гестови или само мало отстапување во невербалната комуникација. Нивните социјални контакти се адекватни, тие го компензираат отсуството на говор со гестови, и немаат стереотипни обрасци на однесување. Нивните интереси се разновидни, немаат невообичаено однесување како „треперење“ на рацете, кршење прсти, одење по прсти и слично. Карактеристично за децата со аутизам: Оштетување во сегментот на социјалната интеракција. Тие не можат да донесат едноставни заклучоци за намерите на другите. Не можност за остварување на социјални контакти, изгледаат премногу мирни или дури пак „ладни“. Некои деца не реагираат на насмевки на другите и не обрнуваат внимание на гримасите на другото лице. Се случува да го фиксираат своето внимание на предмети околу нив. Децата со аутизам можат да бидат многу селективни при избор на блиски луѓе, избегнуваат контакт со своите врсници. Креативната имагинативна игра доцни или не постои. Децата со аутизам не се обидуваат да имитираат движења или звуци, не реагираат на сопственото име, карактеристичен е недостатокот на соодветен контакт со очи, имаат карактеристичен „стаклен поглед“.  Изостанување на невербалниот контакт, не го компензираат отсуството на говор со употреба на гестови. Употребата на јазик е стереотипна и се повторува. Тие често прозборуваат доцна, откако ќе ги изговорат првите зборови, може да се појави фаза на долга тишина. Постои тенденција да се повторуваат зборови или фрази од филмови, реклами, туѓи говори. Децата со аутизам имаат ограничени, повторливи и стереотипни обрасци на однесување, интереси и активности. Може да забележите повторувања на активности како што се вклучување и исклучување на светлата или отворање и затворање на славината и уредување на предметите по ред. Некои деца можат да одат на прсти, да скокаат, да мавтаат или да имаат повторувачки гримаси од возбуда. Може да имаат прекумерна или намалена чувствителност на дразби од околината (бучава, непријатност при сечење коса, избегнување валкање, пребирливост при избор на храна, силна светлина може да им пречи). Намален праг на болка. Сепак, мора да имаме во предвид дека секое дете е сложена индивидуа сама по себе и дека не е можно да се дијагностицира нарушување засновано на неколку препознаени симптоми. Низа на симптоми може да се пројавуваат, но не мора да значат дека детето има нарушување. Исто така, некои симптоми се појавуваат пред, а некои подоцна. Објавените содржини се во психо-едукативни цели, а за професионална проценка и третман, остварете контакт со стручно лице од областа на менталното здравје. Задолжително означување на авторот и изворот, при превземање и цитирање на објавените содржини.