Neocortex

Семејството како поддршка на лицата кои се соочуваат со депресија

Што е депресија? Депресијата е нарушување на расположението кое предизвикува постојано чувство на тага и губење интерес, нарушување во когнитивните процеси и однесувањето, и може да доведе до различни емоционални и физички проблеми. Депресивните знаци и симптоми  може да варираат од личност до личност, но постојат карактеристични симптоми за оваа состојба: чувства на тага, празнина, безнадежност, раздразливост или фрустрација, дури и за мали работи; губење интерес или задоволство за повеќето или за сите нормални активности, во кои личноста претходно уживала; растроено спиење, односно несоница, или хиперсомнија-премногу спиење замор и недостаток на енергија, па дури и малите задачи предизвикуваат дополнителен напор; промени во апетитот – намален апетит и губење на тежината или зголемена желба за храна и зголемување на телесната тежина; анксиозност, вознемиреност или психо-моторна агитираност; забавено размислување, зборување или движења на телото; чувство на безвредност или вина, фиксирање на минати неуспеси или претерано себеобвинување; когнитивни потешкотии, односно пад на концентрација, фокус, внимание и меморија; неодлучност и несигурност, и пад на професионалната ефикасност; психосоматски тегоби, болки во глава, грбот, згрченост на телото и слично; социјална изолираност и повлекување; суицидални идеации, односно, често или повторувачко споменување и размислување за бесмисленоста на животот, самоубиствени мисли, па дури и обиди за самоубиство. Многу често луѓето кои се соочуваат со депресија нема да може да ги препознаат знаците, мислејќи дека тоа што им се случува е сосема нормално или пак симптомите ќе ги препишат на некоја друга здравствена состојба. Исто така, често луѓето се чувствуваат засрамени од својата депресија и погрешно веруваат дека треба да можат да ја надминат самите без да побараат помош. Но, депресијата ретко се подобрува без третман од стручно лице, доколку станува збор за некоја од потешките форми и со продлабочена симптоматологија Соочувањето со депресија кај еден член во семејството ќе ги афектира сите останати членови. Можно е да се јават голем број на прашања и измешани чувства, како што се вина, лутина, страв, безволност, загриженост, паника и слично. Навистина е измачувачки да гледате како некој ваш близок минува низ тешки моменти, но добро е да се знае дека вие како блиска и важна личност во нивниот живот, можете да им помогнете да направат позитивни промени кои ќе ја подобрат нивната состојба. Што може да сторите? Разговарајте со личноста за промените кои сте ги забележале и зошто сте загрижени. Објаснете дека депресијата е медицинска состојба, а не личен недостаток или слабост – и дека се подобрува и успешно третира со соодветен третман. Предложете да побарате помош од професионалец за ментално здравје, како што е лиценциран психолог, психотерапевт или психијатар. Изразете ја вашата подготвеност да помогнете со закажување на преглед или сесија, одење заедно со нив и присуство на сесиите доколку тоа и одговара на личноста. Колку повеќе знаете за депресијата толку подобро ќе можете да помогнете, затоа би било од корист доколку се информирате од стручно лице во однос на дијагнозата, симптомите, третманот и прогнозата на вашиот близок. Вие може да играте клучна улога во третманот и закрепнувањето на личноста, бидејќе ја познавате добро и може да ги препознаете симптомите и да видите дали лековите и третманот помагаат, а потоа да го известите стручното лице за сите промени кои ќе ги забележите. Бидете подготвени да слушате. Покажете и на личноста дека сакате да ја разберете како се чувствува, ислушајте ја кога ќе сака да зборува, внимателно слушајте, но избегнувајте да давате совети, мислење и проценки доколку не ви се побарани и не сте сигурни во истите дека би помогнале. Само слушањето и разбирањето понекогаш можат да бидат моќна алатка за лекување.  Дајте позитивна рефлексија. Луѓето со депресија имаат тенденција да се престроги кон себе и да најдат грешка во сè што прават. Потсетете ги за нивните позитивни квалитети и колку таа личност ви значи на вас и на другите.  Понудете помош. Личноста која се соочува со депресија можеби нема да може добро да се грижи за одредени задачи. Дајте предлог да превземете дел од обврските. Создавање редовна рутина може да помогне личноста да чувствува помал стрес и поголема контрола над својот живот. Понудете да направите распоред за оброци, лекови, физичка активност и спиење, и помогнете во организирање на домашните работи. Направете заеднички планови. Иницирајте заедничка прошетка, гледање филм или некоја друга активност во која претходно личноста наоѓала задоволство. Но, не обидувајте се да ја присилите да прави нешто доколку не сака. Секое инсистирање може да доведе до зголемено чувство на вина и засилен отпор.  Бидете трпеливи. Симптомите на депресија се подобруваат со третманот, но тоа може да потрае. За некои луѓе, симптомите брзо се подобруваат по започнувањето на третманот. За другите, тоа ќе трае подолго.  Секогаш земете ги крајно сериозно изјавите поврзани со самоубиствени или самоповредувачки мисли и веднаш побарајте помош, дури и тоа да е спротивно со желбата на самата личност! Запомнете, присуството на некој покрај вас додека страдате и се борите, дава чувство на безбедност кое е од исклучителна важност во целиот процес на третман и лекување.

СОВЕТИ ЗА СТИМУЛАЦИЈА НА ГРАФОМОТОРИКАТА КАЈ ДЕЦАТА!

Графомоториката е способност за држење на молив и пишување. За да може детето успешно да ја совлада вештината на пишување, тоа прво мора да помине низ целосен моторен развој кој започнува најпрво со развој на груби моторни вештини: седење, ползење, одење, качување, трчање, игри со топка. Потоа овој процес продолжува со развој на фини моторни вештини на дланките и прстите. За да имаме комплетен развој на моториката потребно е детето да е опкружено со разни форми и конструкции, стимулативни предмети и материјали.  Секојдневните активности за кои можеби не сме ни свесни дека се поврзани со пишувањето имаат круцијална важност во развојот на графомоторните вештини. Aктивности како што се облекување, откопчување и закопчување копчиња, врзување чевли, прелистување книга, вклучување во кујна и подготовка на храна, се од непроценливо значење, посебно кога му е дозволено на детето да стори сé што може и сака САМО, а возрасните помагаат кога детето навистина не може да го направи тоа без нивна помош.  Со графомоторните вежби детето развива внимание и концентрација, ориентација, говор, спознавање. Претходно усвоените движења се користат во нови ситуации и размислувања. Ако забележите дека вашето дете нема интерес за држење на молив, цртање и пишување по сопствена иницијатива,  можете да му понудите разни активности како што се: Цртање на вертикални големи површини, не бел обичен лист (табла или хартија во боја залепена на ѕид, прозорец). Цртеж со показалецот на песок или брашно. Нижење перли. Сликање со различни материјали (пастели, фломастери, акварели и четки, темпера и сунѓери, креда, прсти, стаклени бои) и на различни подлоги (картонски кутии, стакло, бетон, парчиња дрво, топчиња од стиропор). Редење на сложувалка. Обликување на разни форми од пластелин. Сензорна кутија исполнета со зрнести материјали (да пронајде одреден предмет во неа). Вметнување сламки или стапчиња во мал отвор или глина. Со помош на пипета, детето префрла капка по капка вода од една чаша во друга. Со ова се развива сила на прстите и координација на движење. Воздржете се од тоа да го поправате она што детето го направило или да ги исправате неговите грешки. Со тоа само ќе го обесхрабрите па следниот пат нема ни да се обиде или ќе работи колку да се каже бидејќи ќе знае дека вие и онака ќе го завршите она што го почнало. Форсирајте пофалба и афирмативен говор со децата, тоа е неопходно за градење на добра и здрава слика за себе.

ПАНИЧНИ НАПАДИ И СПРАВУВАЊЕ СО НИВ

Што е паничен напад? Паничен напад е интензивено чувство на преплавувачки страв кој се јавува неочекувано, има силен интензитет и претставува исцрпувачко искуство за лицето кое го доживува. Честопати се појавува сосема неочекувано без јасна причина и предупредување. Може да се појави кога личноста одмара па дури и за време на спињето. Може да биде толку ненадејно и интензивно и да направи личноста да се чувствува беспомошно, неспособна да се движи или да размислува јасно. Симптоми на паничен напад  Зголемувањето на адреналинот може да доведе до низа на телесни симптоми меѓу кои: забрзана срцева работa, забрзано дишење, слабост и нестабилност во нозете и чувство на таканаречени ,,гумени нозе’’, вртоглавица, потешкотии со дишењето или глад за воздух поради спазам на мускулите на градите, честа е појавата на грутка во грлото, а поради можната хипервентилација може да дојде и до појава на дереализација или деперсонализација како пропратни феномени. Палетата на телесни симптоми е огромна и како резултат на тоа се јавуваат три доминантни страва и тоа: страв од смрт, страв од губење контрола или ,,полудување’’ и страв од губење на свеста. Нападот може да се јави ендократно или да има повторувачки епизоди на истиот. Во таквите ситуации често кај личноста се јавува еден исчекувачки страв односно ,,страв од стравот’’. Ваквиот круг во кој влегува личноста значително влијае на квалитетот на живот, бидејќи честопати се избегнуваат одредени места и активности кои го асоцираат лицето на првиот преживеан паничен напад. Неретко, кај многумина кои се соочуваат со панични напади доминира и потребата да не бидат сами, односно постојано да  имаат покрај себе некој близок. За оние кои се соочуваат со ова непријатно искуство можеби ќе биде корисно да знаат дека паничниот напад не е животно загрозувачки, симтомите својот најголем интензитет ќе го достигнат за десетина минути и потоа ќе почнат да се намалуваат. Постојат многу стратегии кои би можеле да помогнат во полесно справување со паничните напади -Техниката на абдоминално дишење односно вдишување преку носот притоа полнејќи го најпрво стомакот а потоа градите, задржување на воздухот и потоа издишување преку уста празнејќи ги прво градите, а потоа стомакот. Затворете ги очите додека ја правите техниката, тоа ќе помогне да се фокусирате на сопственото дишење без да ве дистрахираат останатите стимули од околината. Оваа техника ќе доведе до смирување и на телото и на умот. Практикувајте ја додека не почувствувате дека напнатоста почнува да опаѓа. -Потсетете се и препознајте дека станува збор на паничен напад, а не за животно загрозувачка ситуација како што е инфаркт или гушење, и дека ова за кратко ќе помине. Обидете се доколку е можно да се препуштите и да го прифатите ова чувство. -Обидете се со техниката на прогресивна мускулна релаксација, односно почнете најпрво од прстите на стапалата свесно да ги стегате колку е можно повеќе, а потоа свесно да ги опуштите. Од стапалата продолжете нагоре се додека не стигнете до мускулите на лицето. Ова ќе направи да ја тргнете згрченоста предизвикана од стресот, и да ја почувствувате природната опуштеност на вашето тело. -Пронајдете објект на кој ќе се фокусирате. Нешто што е во вашата непосредна близина и насочете го целото внимание на него. Станете свесни за бојата, формата, големината на предметот и неговата текстура се до најситните детали. Ова ќе помогне да се отргнете од интроспекцијата и да се насочите кон она што се случува околу вас. -Замислете го вашето сигурно и среќно место. Кое е за вас најрелаксирачкото место? Дали е тоа некоја плажа, некое поле покрај река или пак планина? Видете се таму и обидете се да се фокусирате на деталите што е можно повеќе. Ова место треба да биде тивко, мирно и релаксирачко. -Излезете на прошетка или направете неколку лесни вежби. Физичката активност, свежиот воздух и сонцето ќе помогнат да се излачат хормони кои ќе го подобрат расположението. – Методот 5-4-3-2-1 Паничните напади можат да направат личноста да се чувствува одвоена од реалноста. Ова е затоа што интензитетот на вознемиреноста може да ги надмине другите сетила. Оваа техника помага да се насочи фокусот подалеку од изворот на стрес. Погледнете 5 одделни објекти. Размислете за секој од нив кратко време. Слушнете 4 различни звуци. Размислете од каде потекнуваат и што е карактеристично за нив. Допрете 3 објекти. Размислете за нивната текстура, температура и која е нивната употреба. Помирисајте 2 различни мириси. Земете едно нешто кое ќе го вкусите. Забележете каков е вкусот. Грижата за себе е исто многу важна! Покрај стратегиите кои може да се применат, од особена важност ќе биде и грижата за себе и своето здравје, односно доволно квалитетен сон, здрава храна, намален внес на шеќер, кофеин, алкохол и секако никаква употреба на психоактивни супстанци. Доколку паничните напади се повторуваат и го нарушуваат квалитетот на живот, а личноста се чувствува нефункционално, се препорачува разговор со психолог со кој би се работело на разрешување на интрапсихичкиот конфликт кој можеби доведува до ваквата состојба.

ПОТТИКНЕТЕ ЈА ЕМОЦИОНАЛНАТА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА КАЈ ВАШИТЕ ДЕЦА!

Емоционалната интелигенција е многу важна во воспитувањето на децата, и честопати многу занемарена. Иако, многу внимание се посветува на знаењето и учењето на нови вештини, емоциите се оставаат настрана. Многу трендови во воспитувањето на децата се движат во насока на развој на емоционална интелигенција, и тоа со добра причина. Овие неколку совети можат да ви бидат од голема корист. 1.Погледнете го светот низ очите на детето Со други зборови, ставете се во негова позиција и обидете се да ја видите големата слика од страната на детето. Почитувајте ги чувствата и мислењата на детето. Ова не мора да значи дека се согласувате со него, туку дека го почитувате како личност. Доволно да го искажете чувството што го има детето во тој момент, да му дадете до знаење дека знаете што чувствува и размислува. Како ова и помага на емоционалната интелигенција: Кога детето се чувствува прифатено, тоа создава емоционални врски во мозокот што подоцна детето ги користи за да се утеши во тешки моменти. Децата развиваат емпатија (чувство за другите луѓе) учејќи од вас. Им помагате на децата да се справат со своите чувства и да ги запознаат. Дефинирањето на емоциите е многу важно за нив. 2.Дозволете му на детето да ги покаже своите емоции Прифатете ги емоциите на вашето дете наместо да ги игнорирате или да не ги забележувате. Ако не ги прифаќате неговите емоции, детето чувствува дека не се добри и се обидува да ги сокрие. Ако не му покажете на вашето дете дека се грижите за неговата тага или страв, тоа нема да престане да чувствува, но ќе ја потисне и тагата и стравот. Емоции кои се потиснати го оптоваруваат детето затоа што тоа не може да ги разбере. Затоа е важно да му дозволите на детето да ги покажува своите емоции и да го охрабрите да го стори тоа. Како ова и помага на емоционалната интелигенција: Вашето прифаќање му помага на детето да ги разбере сопствените емоции, што на долг рок го развива детето во емоционално зрела личност. Прифаќајќи ги емоциите на вашето дете, му давате до знаење дека неговите емоции не се лоши или негативни, туку спротивното – дека лесно може да се справи со нив, без разлика дали се позитивни или негативни. 3.Научете го вашето дете само да пронајде решение Научете го вашето дете да се справи со своите чувства без бурно реагирање. Кога децата се чувствуваат разбрани, полесно им е да ги надминат тешките мисли. Ова отвора простор за решавање на проблеми. Понекогаш децата можат сами да се справат со тоа, а понекогаш им е потребна и наша помош. Не се форсирајте да го решите проблемот со детето, бидејќи тоа може да испрати порака дека не му верувате. Верувајте му и бидете подготвени да помогнете кога ќе ве прашаат. Како ова и помага на емоционалната интелигенција: Децата мора да знаат како да се справат со емоциите, но мора да знаат и како да најдат конструктивно решение за проблем што ги мачи. Ова бара вежба и голема помош од вас како родители. Само прифаќањето на емоциите  на вашите деца не е секогаш доволно за да ги научите да се справат со нив, иако е прв чекор. Покажете им како да се справат со одредени емоции и како да ги толкуваат. Користете се себе за пример и модел. На секое дете му треба помош за да научи да се справува со емоциите без агресија кон другите. 4.Играта е од големо значење за секое дете Кога ќе забележите негативен тренд во однесувањето на вашето дете, сфаќате дека нешто веројатно го мачи. Понудете му да му помогнете. Не мора секогаш да е разговор, но можете да го решите преку игра. Претворете ја потенцијално тешката ситуација во игра и шега. Како ова и помага на емоционалната интелигенција: Децата полесно учат преку игра. Ова им олеснува да ги покажат своите чувства и да се справат со нив. Некои чувства тешко се изразуваат со зборови, дури и за нас возрасните. Но, со играта можеме да постигнеме многу. Можеме да го решиме проблемот и без да зборуваме директно и конкретно за тоа. Смеењето го стимулира лачењето на хормонот на среќата. Искористете го овој факт и смејте се колку можете повеќе со Вашите деца, направете позитивна атмосфера во домот.

ВАЖНОСТА НА РАНАТА СТИМУЛАЦИЈА ЗА ДЕЦАТА!

Најважниот период за развојот на детето е од раѓање до 6 годишната возраст, а во овој период раната стимулација има есенцијална улога. Потребно е на децата да им се дадат одредени стимулации кои ќе придонесат за нивен здрав раст и развој. Програмата за рана стимулација има за цел да го поттикне сензомоторниот, емоционалниот, социјалниот и интелектуалниот развој на детето и на тој начин да му обезбеди активно, поуспешно и независно учество во социјалниот живот. За детето да ги развие во потполност своите когнитивни потенцијали, најзначајно е да му се дозволи самостојно да манипулира со предметите, да истражува и учи од сопственото искуство. Децата инстинктивно го прават она што е важно за развој на мозокот, па се вртат во круг, скокаат, но се случува родителите да не дозволат такво однесување со цел да ги заштитат. Голема грешка при воспитување и едукација на децата е што децата се казнуваат кога ќе кажат нешто што не е во ред. Таквото однесување предизвикува децата да се плашат да го споделат своето мислење и да имаат несигурност во себе. Целта на стимулацијата не е развојот да се забрзува, поставувајки превисоки цели, форсирајќи го детето да исполнува задачи за кое не е подготвено. Напротив, потребно е да се препознае и охрабри потенцијалот на секое дете, да му се понудат предизвици и адекватни активности за зацврстување на иницијативата, учењето и себевреднувањето. Важни области за рана стимулација: Фина моторика-развојот на фината моторика е од круцијално значење од моментот кога бебето ќе го открие движењето на рачињата. Груба моторика-ги опфаќа другите делови од телото, рацете, нозете и општото држење на целото тело, запознавање на гестикулативен простор. Социо-емоционалниот развој е важен аспект во растот и развојот на едно дете. Препознавање на своите емоции, споделувањето, а не потиснување, препознавање на туѓите емоции, но и воспоставување здрава релација со останатите. Стимулација на говор. Стимулација на вештини од секојдневен живот. Стимулација на когнитивните способности, логичко размислување и способност за решавање на проблеми и донесување на одлуки. Доколку забележите дека вашето детето не се развива како другите деца, веднаш треба да ги контактирате стручните лица кои го проценуваат целокупниот развој на детето (специјален едукатор и рехабилитатор, логопед, психолог, детски невропсихијатар). Раната стимулација е систематски пристап кон ран и континуиран третман спроведен од тим на експерти, кој е фокусиран на потребите на одредено дете и неговото семејство. Тимовите за рана интервенција и стимулација имаат различни задачи насочени првенствено на обезбедување поддршка на детето, а потоа и на семејството. Детето кое учи нови искуства од рана возраст, развива упорност, креативност и имагинација, ќе прерасне во здрава и интегрирана личност која во иднина ќе придонесе и за општеството како целина.

Соопштување на деца за болест и смрт на близок член од семејството

Дали е правилно да ги премолчуваме  непријатните ситуации, болести и проблеми пред децата? Криењето на одредена болест во тајност само го отежнува соочувањето на детето со истата. Мора да се знае дека е невозможно и не е препорачливо да се задржи тајна за постоење и лекување, или пак можен фатален исход, дури и пред децата. Треба да се соопшти вистината, секако со ублажено и пристапно објаснување соодветно на возраста. Исклучително е важно родителот да ја сподели информацијата со своето дете, но секако на начин на кој тоа ќе може полесно да го разбере, за да не се чувствува отфрлено и исклучено. Доколку не се разговара  со децата, не им се даваат одговори, тие ќе креираат фантазматски сценарија во својата глава кои некогаш се далеку пострашни од реалноста или пак вистината, а  нивото на стрес и анксиозност ќе им се зголемува. Децата секогаш знаат и чувствуваат повеќе од колку што мислат возрасните. Траумите секако имаат влијание врз развојот, но какво влијание имаат премолчените работи кои порано или подоцна ќе излезат на виделина? Децата на кои родителите им ја премолчеле својата борба, и го завршиле својот живот оставаат вечно неодговорени прашања, чувство на казнување, чувство на вина и отфрленост, но и интензивна лутина и мисла дека се немало шанса да се направи доволно за нив. Дали може да се измери силината на траумата, кој повеќе страда и кој полесно преболува, оној што знаел за болеста на родителот или оној што се соочува со вистината на анеговата смрттна постела? Полесно преболува тој кој со време знаел за болеста на родителот и има повеќе одговори, нема момент на изненадување и има шанса за повеќе контакт и збогување со него. Дали секогаш треба да се оди на опција чиста вистина, во смисла брутално да му се прикаже сликата на детето дека неговиот родител најверојатно ќе умре за некој месец, или подобро е да се маскираат нештата, со доза лажна надеж постепено да се дојде до фаталната вистина? Лажна надеж не препорачувам во никој случај, само реална слика во која би се објаснило најдобриот и најлошиот можен тек на болеста со последиците. Децата немаат когнитивни способности како возрасните и мора да им се помогне во процесот на разбирање на ситуацијата, а треба да се одвива во сетинг со заштитеност и сигурност. Јасни објаснувања без апстрактни поии,  да нема можност да се фантазира доколку недостасуваат информации. Кој е можеби најсоодветен начин за детето да се подготви за фактот дека некому е загрозен животот? Тешки болест со ризик за најнепосакуваниот исход со завршување на човечки живот никогаш не треба да се премолчуваат. Огромен процент од родителите кои премолчувале за започнувањето на болеста, во подоцните периоди, кога аспектите на болеста кај родителот ќе станат поинтензивно видливи, жалат за затвореноста и исклучувањето на своето дете. Како што постојат фази во оджалувањето на настанување на смрт кај ближен, така има и фази на прифаќање на одредено тешко заболување или состојба. Како кај возрасните, така и кај децата. Зборување за истото го спречува изненадниот шок во некои ситуации, му дава на детето можност за делумна припрема на следствените непријатни и болни настани. Мора да се напомене дека соопштување на болни информации на детето и негово прифаќање на истите, многу зависи од пристапот на возрасниот/родителот. По искажување на информацијата со зборови кои треба да се одберат согласно возраста на детето, треба да му се даде простор и поттик да ги искаже своите емоции и да ги постави сите прашања на кои сака да има одговор. Истовремено треба да постои систем на поддршка на детето и да се чувствува дека има кој да го заштитува и да се грижи за него. Информациите секогаш треба да се едноставни, вистинити, јасни и кратки. Што треба да ни влијае при пристапот како и дали ќе ја соопштиме вистината за болеста? Дали возраста прави разлика? Секако дека возраста е значаен фактор. На мали деца од 2-8 години не им требаат многу детални податоци, но деца над 9 год и тинејџери треба да знаат повеќе за било која непријатна ситуација, настан или болест. Што и да се случува во семејството, детето треба да знае за промената на организацијата и динамиката во домот. Доколку станува збор за хоспитално лекување на родителот, кај детето може да се очекува да се развие сепарациона анксиозност. Малите деца тешко ја поднесуваат сепрацијата од родителот и во нормални околности, а уште потешко пак кога родителот заминува во болница.Мора да му се објасни кој ќе се грижи за него во тој период, тоа да биде блиска личност во која детето има доверба, и колку што може повеќе да му се покажува грижа, внимание и достапност за разговор во процесот на адаптација при сепрацијата со родителот. Ако постои можност за посети и телефонски разговори, секако да се прават. Ако родителот кој е болен и се чувствува емотивно преплавено од помислата за соопштување на таква информација на своето дете, подобро е тоа да го направи друг член од семејството. Тоа не значи дека родителот е лош, туку дека одбрал помалку стресен начин за своето дете и за него во тешките моменти. Децата реагираат различно на болести и смрт, но секако треба да се очекува  интензивна тага, збунетост и страв. Важно е да се знае дека на детето му е потребен период на адаптација и дека за процесот е потребно време. Односно, ќе бидат потребни повеќе од еден разговор со него. Никогаш не треба да се го игнорира слонот во собата.  Ако детето не зборува на глас, не значи дека не е преплавено од тага. Во ред е да се плаче пред него, и да се покажуваат и изразуваат емоциите,така му се покажува дека не е само во својата тага. Тоа овозможува заедничко тагување, и за тешка болест или несреќа  во семејството, а особено за смрт на близок. Кај децата и тинејџерите во вакви периоди може да се очекуваат и забележат отстапки во однесувањето на училиште, затвореност во комуникацијата, попуштање со оценките, конфликти и агресивно однесување и слично. Тие често и помислуваат дека имаат накаква вина или удел во разболувањето или смртта на родителот, и таа мисла мора

ДЕЦАТА НИЗ РАЗВОДОТ

Разводот создава емотивни предизвици и промени за целото семејство, но за децата, ситуацијата може да биде прилично застрашувачка, збунувачка и фрустрирачка. За некои деца, разделбата на родителите не е најтешкиот дел. Наместо тоа, придружните стресови и големи промени се оние што го прават разводот тежок. Промена на училиштата, преселување во нов дом и живеење со самохран родител кој се чувствува исцрпено, се само неколку од дополнителните стресни фактори кои го отежнуваат процесот. Финансиските тешкотии се исто така чести по разводот. За малите деца ќе биде особено тешко да разберат зашто мама живее на едно место, а тато на друго. Кај нив е можно да се јави страв и загриженост, дека ако нивните родители можат да престанат да се сакаат еден со друг, тие би можеле да престанат да ги сакаат и нив. Децата на школска возраст може да чувствуваат како разводот да е нивна вина. Тие може да се плашат дека  се однесувале лошо или направиле нешто погрешно што довело до тоа да нивните родители се разделат. Вината често го зголемува притисокот, и може да доведе до анксиозност, депресивност, стрес и други придружни здравствени потешкотии. Адолесцентите може да станат и лути во врска со разводот и промените што следат. Тие можат да го обвинат едниот родител за раскинување на бракот или може да им замерат и на двајцата родители за конфликтите во семејството.  Во одредени околности, детето може да чувствува олеснување ако разводот значи помалку расправии и помалку стрес, или и физичко насилство во некои случаи. Често се случува  децата поради стресот кој го чувствуваат, да имаат намалена концентрација, а со тоа и намалување на училишниот успех. Може да се појави и чувство на загуба кај децата, конфузија па дури и лутина кои придонесуваат и емоционална хиперсензитивност кај децата. Кај децата кои ќе бидат преплавени од различните чувства, поради неможноста да ги препознаат и соодветно да ги искажат, можно е да се јави и раздразливост, опозиционалност, па дури и гнев кој може да биде насочен кон родителите, но и себеси, другарчињата и останатите најблиски. Родителите играат голема улога во тоа како децата ќе се прилагодат на разводот. За родителите е важно да изградат еден пријателски меѓусебен однос и да го изедначат својот воспитен стил, како не би праќале двојни пораки на своите деца. Воспоставувањето на правила соодветни на возраста до кои доследно ќе се држат двата родитела, им помага на децата да не се чувствуваат збунето и несигурно. Да се бара од децата да изберат кој родител им се допаѓа повеќе, или да им се праќаат негативни пораки за еден од родителите е крајно несоодветно и непрепорачливо. Децата кои ќе се најдат фатени во средина, имаат поголема веројатност да доживеат депресија, вознемиреност и други долготрајни промени во нивната личност. Важно е да се знае дека здравата врска родител-дете помага децата да развијат поголема самодоверба, затоа е важно тие да поминуваат доволно квалитетно време и со двата родитела. Децата кои се сомневаат во нивната способност да се справат со промените, да се адаптираат и се чувствуваат како беспомошни жртви, имаат поголема веројатност да доживеат тешкотии во менталното здравје. Охрабрете ги вашите деца да кажат што мислат и што чувствуваат, уверете ги дека нивните чувства се важни, валидни и нормални и дека вие сте тука секогаш спремни за разговор. За време на овие разговори, избегнувајте  да влијаете на промена на чувствата на детето, наместо тоа, фокусирајте се на слушање и заблагодарете им се за нивната искреност. Научете го вашето дете како да управува со своите мисли, чувства и однесување на здрав начин. Можеби најдобро би било кога би почнале да зборувате за тоа дека и вие понекогаш чувствувате лутина, тага, страв. Кажете им конкретен пример како вие се справувате со одредена емоција. Исто толку е важно да ја кажете вистината. Ако, на пример, едниот сопружник се исели или го напушти семејството, опишете што се случило, на јазик разбирлив за нив, но не со премногу детали. Тајните можат да донесат големи повреди во иднина. Ако вашите деца ви поставуваат прашања, важно е да одговорите што е можно повеќе неутрално и вистинито. Стравот од напуштање и загриженоста за иднината може да предизвикаат голема вознемиреност, помогнете му на вашето дете да се чувствува сакано и безбедно. Доколку се чувствувате прeплaвeно со негативни емоции, имате дилеми во однос на постапките во целиот процес, кој во суштина трае многу подолго од формално-правниот дел на разводот, не се двоумете да побарате психолошка поддршка.