Neocortex

Која е разликата помеѓу сексуална ориентација и родов идентитет?

Развојот на сексуалниот идентитет е сложен и мултидимензионален процес, во кој треба да се земат во предвид когнитивните, социјалните, емоционалните, семејните, културолошките аспекти и секако искуството на самиот поединец.

Родовиот идентитет и сексуалната ориентација луѓето честопати ги мешаат. Родовиот идентитет ги опишува родовите, односно лица чиј родов идентитет одговара или не одговара со нивниот биолошки пол. Сексуалната ориентација пак се однесува на привлечноста кон другите луѓе, и тоа физичка, емоционална, сексуална и романтична привлечност. Тука разликуваме привлечност кон спротивниот пол, кон истиот пол или и кон двата пола подеднакво.

Колку често кај младите се појавува збунетост околу сексуалната ориентација?

Во текот на адолесценцијата повеќето млади ќе ја доведат во прашање својата сексуална ориентација на еден или на друг начин. Ова претставува еден мошне збунувачки период за младиот човек бидејќи е сосема можно да се биде емотивно привлечен од едниот пол, но физички од другиот. Во овој период исто така често се случува да чуствуваат привлечност и емотивна и физичка кон спротивниот пол, но да чувствуваат во исто време огромна привлечност кон една личност од истиот пол. Младите може да бидат збунети од ваквите спротивставени чувства, па оттука велиме дека е сосема очекувана оваа нивна несигурност или амбивалнтност во врска со нивната сексуална ориентација. Во овој период не е невообичаено да младите експериментираат во однос на својата сексуалност. Истражувањата покажуваат дека некои млади уште од најраната возраст биле свесни за својата сексуална ориентација, но голем е бројот на оние  чија сексуална ориентација воопшто не им била јасна за време на адолесценцијата и им биле потребни многу години да ја решат својата амбивалентност. Од друга страна пак голем е бројот на хетеросексуални возрасни кои може да се сетат на некои чувства на привлечност кон сопствениот пол за време на адолесценцијата.

Што велат истражувањата во врска со сексуалната ориентација?

Најновите истражувања покажуваат дека сексуалната ориентација е биолошки определена, но останува на поединецот да одлучи дали ќе ги потисне овие чувства или ќе ги реализира. Сепак е значајно да се каже дека потиснувањето или негирањето нема ниту да ја намали нивната моќ ниту пак ќе направи тие да исчезнат. Младите честопати како механизам на одбрана знаат да го користат негирањето или пак прикривањето на својата различна сексуална ориентација, што го зголемува ризикот за проблеми со менталното здравје како што е зголемената анксиозност, депресивност, суицидалност, злоупотреба на супстанци и сл.

За адолесцентите кои пак се дел од етничкото малцинство ситуацијата е уште посложена. Тие имаат задача во исто време покрај сексуалниот да го развиваат и етничкиот идентитет, честопати соочени со стигматизација и критицизам на двојно малцинство.

 Што е тоа со што се соочуваат оние адолесценти кои се несигурни во врска со нивната сексуална ориентација?

Стравот од тоа како ќе бидат прифатени од врсниците, семејството и пошироката околина ја зголемува анксиозноста кај адолесцентите. Тука постои страв од булинг и неприфаќање од страна на врсниците па често се забележува социјална изолација како механизам на одбрана. Социјалната изолација во оваа развојна фаза во која адолесцентот го гради својот идентитет преку групата врсници на која и припаѓа и со која со поврзува, знае да направи сериозна штета врз индивидуата во нејзиниот понатамошен развој. Затоа е особено важно во овој период адолесцeнтот да најде барем една личност за подршка со која ќе може да разговара и од која ќе биде прифатен со својата различност.

Каква улога игра семејството кај ЛГБТИ младите?

Семејството претставува клучен фактор кој може да му помогне на адолесцентот полесно да се соочи со сите предизвици кои ги носи неговата различна сексуална ориентација. Родителите би можеле да најдат поголемо разбирање, прифаќање и сочуство откако ќе разберат дека родовиот идентитет и сексуалната ориентација не се нешто што нивните деца намерно ќе го изберат. За родителите е важно да знаат дека нивниот родителски и воспитен стил нема никако влијание врз сексуалната ориентација на нивното дете. Додека некои родители добро ќе се справат со новата ситуација, кај други ова може да предизвика најразлични реакции од  лутина па се до бес. Острите критики, неприфаќањето и обвинувањата служат само за создавање на дистанциран однос и отуѓување, а никако нема да направат промени во однос на сексуалната ориентација на нивното дете.

Најдобро е ако родителите се обидат да најдат начин да ги стават настрана своите лични верувања и чувства со цел да им даваат на своите деца безусловна љубов и подршка во текот на овие чувствителни години.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *