Neocortex

КОЈ Е ВИНОВЕН ШТО МОЕТО ДЕТЕ ОТСТАПУВА ОД РАЗВОЈНАТА МАПА?

Кога родителoт ќе забележи дека детето не се развива како што се очекува, тој честопати прво го поставува прашањето каде направил грешка во воспитувањето и грижата, а на ова прашање честопати следат мисли како на пример: -Зошто ова ми се случува мене/на моето дете? -Можеби не јадев доволно добро или се однесував несоодветно за време на бременоста? -Ова секако значи дека сме лоши родители и дека сум лоша мајка! -Секој ќе ми суди и ќе помисли дека сме невнимателни, незаинтересирани, неинформирани и дека не го сакаме (доволно) своето дете. Овие и слични мисли изгледаат целосно парализирачки, и  ги прави родителите да се чувствуваат преплавено. Кога семејството е зафатено од тага, чувство на беспомошност, а понекогаш и меѓусебно обвинување, детето се наоѓа во ситуација да биде запоставено и лишено од потребното внимание, грижа и поддршка, а така ситуацијата дополнително се влошува. Кој е виновен? Ако има отстапување во развојот, причините обично се комбинација на различни околности и фактори. Ако членовите на семејството се фокусираат на расправија за  тоа на кого припаѓа вината, многу е веројатно дека детето наскоро ќе почне да се чувствува лошо и виновно за семејните немири и раздори. Во исто време, додека се занимавате со грижа и вина, вашата енергија и ентузијазам не можат да бидат на завидно ниво, па затоа доаѓате во ситуација да немате доволно сила да му дадете на детето љубов и поддршка кои му се најпотребни. ЗАСТАНЕТЕ! Во моментот кога ќе забележите дека развојот на вашето дете не се одвива вообичаено, исполнувајќи ги развојните задачи од развојната фаза, важно е преиспитувањето и родителскиот страв да им отстапат место на стратешките одлуки кои ќе одат во насока на обезбедување соодветна професионална поддршка и не помалку важна – обезбедување емоционална поддршка на детето. Што е важно да се направи во овој момент? Првата најважна работа што можете да ја направите во овој момент е да ги запрете негативните мисли фокусирајќи се на целото знаење, искуства и што ги имате како индивидуи и како семејство. Токму овие ресурси ќе ви помогнат да го обезбедите потребното професионално охрабрување за детето и, како семејство, да се фокусирате на надминување на моменталната состојба на најдобар можен начин. Одвојте време за семејни активности во кои сите уживате, што ќе придонесе за поголемо чувство на блискост и семејна поврзаност, како и опуштење на напнатоста. Разговарајте. Чувството на поврзаност, меѓусебната блискост и чувството дека сте тим во кој сите сте тука едни за други, се скапоцени за сите членови на семејството во сите ситуации, особено во криза. Бидете свесни за тоа што се случува со детето во моментот, обидете се да бидете и објективни. Јасна слика, заедно со информации за силните страни на детето, ќе му бидат од голема важност на експертот да ја обликува работата со детето на најдобар можен начин. Обидете се да ги разгледате развојните предизвици на вашето дете што е можно пообјективно.  Бидете свесни, но и истакнувајте ги силните страни на вашето дете. Детето веќе се чувствува различно од другите, не успевајќи целосно да се вклопи во своите врсници или да ги искаже своите мисли, желби и емоции. Поради тоа, тоа се чувствува фрустрирано, неразбрано, луто или тажно, може да се повлече од социјалните ситуации или да предизвика дополнителни неповолни ситуации со своето однесување, за што често се казнува. Од друга страна, кога ќе се фокусираме на тешкотијата со која се соочува детето, може да се случи чувството за постоење на проблемот да надвладее до степен до кој ќе се занемарат многу други аспекти на неговото функционирање, а кои се сосема соодветни. Наместо да се фокусирате исклучиво на проблемот и да и пристапувате на моменталната состојба од перспектива на страв, обидете се да го погледнете вашето дете реално и на тој начин да ги вклучите и вашите и силите на детето во вистинската насока. Свеста за доблестите на вашето дете ќе има корист и за вас и него, бидејќи се соочувате со развојни предизвици. Тоа ќе ви овозможи подобро да го разберете и почувствувате вашето дете и, според тоа, да се позиционирате што е можно подобро, без да очекувате премногу или премалку од него. Запомнете: Кога ги почитувате силните страни на вашето дете и успеете да ги потенцирате на искрен начин, и вербално и преку вашите очекувања од детето, му помагате да го задржи чувството на компетентност, чувство на моќ и гордост во сите други области, како и во групата врсници. Ова е многу важно да се има предвид, бидејќи тоа е силата на детето, она што тоа го знае и може да го направи, што ќе му овозможи на детето да го надмине постојниот проблем. Нагласувајќи го она што детето знае и може да го направи, испраќате многу важна порака до себе, другите и самото дете – дека неговото право на љубов и поддршка останува непречено.

НАМЕТЛИВИ И ОПСЕСИВНИ МИСЛИ

Постојаните, наметливи и негативни мисли се едни од најчестите знаци и придружни појави на анксиозноста. Анксиозноста некогаш прави скоро да е невозможно да престанете да се фокусирате на работи, за кои не сакате да размислувате. Овие мисли ретко се позитивни, а често се поврзани со вашите стравови и вознемирувачки емоции. Во многу случаи, постоењето на мислата предизвикува зголемена вознемиреност. Може да имаат насилна и вознемирувачка содржина, да бидат од сексуална природа, или пак да се однесуваат на постапки кои се неприфатливи за личноста која ги доживува. Не треба да се заборави дека, ова сепак, се само мисли! Тие навидум се појавуваат од никаде и предизвикуваат вознемиреност, но немаат никакво значење во секојдневниот живот на личноста. Она што им дава моќ е всушност загриженоста на оној кој ги доживува, срамот кој го чувствува личноста, како и потребата да се сокрие ова доживување од другите луѓе. Сè додека личноста препознава дека се тоа само мисли и нема потреба да постапува според нив, тие не можат да и наштетат. Нивната содржина може да биде најразлична, но нешто што им е заедничко е тоа дека нивното присуство ја зголемува вознемиреноста кај личноста, и кај некои луѓе се јавува и потреба да превземат одредени дејствија како би се намалила анксиозноста. Овие дејствија се наречени компулсии. Тоа би можеле да бидат повторувачки ритуали или одбегнување на одредени ситуации. Бројни научни студии покажуваат дека кога премногу напорно се трудите да не  размислувате за нешто, всушност тоа доведува до тоа се повеќе да размислувате на истото. Тоа е затоа што кога ќе се фокусирате на избегнување мисла, го потсетувате вашиот мозок дека мислата воопшто постои, наместо едноставно да заборавите на неа и да продолжите понатаму. Исто така, многу често се случува да штом успеете да отргнете една мисла, на нејзино место веднаш да дојде друга со слична вознемирувачка содржина. Како би можеле да си помогнете: Прво и најважно, треба да научите да ги прифатите вашите мисли и на нив да гледате како на симптом на вашата вознемиреност. Треба да престанете да се борите и да се обидувате да ги оттурнете. Прифаќањето е клучно. Ова е најчесто најтешкиот дел и понекогаш на личноста ќе и треба дополнителна помош од стручно лице. Обидете се да ги напишете вознемирувачките мисли во дневник. Вашиот ум може да се фокусира помалку на овие вознемирувачки мисли кога имате можност да ги обработите поинаку со тоа што ќе ги напишете. Компулсиите може да обезбедат навидум брзо решение за опсесиите, предизвикувајќи да ја избегнете анксиозноста. Од друга страна пак тие ја зајакнуваат опсесивната вознемиреност, затоа што не си дозволувате да ја преживеете анксиозноста и да си докажете себе си дека тоа е можно. Но, ако се спротивставите на компулсивното дејствие и си дозволите да бидете вознемирени некое време, честопати ќе откриете дека опсесиите ќе го намалат својот интензитет, предизвикувајќи малку помалку страв, бидејќи веќе знаете дека ништо нема да доведе до нивно исполнување. Друго нешто што можете да го испробате, со одобрение и поддршка од вашиот терапевт, е сами да ја предизвикате вознемиреноста, со други зборови, намерно да размислувате за она што ви предизвикува вознемиреност. На тој начин правите изложување чија крајна цел е десензитизација, односно намалување на силината на реакцијата која таа мисла ја предизвикува кај вас. Ако престанете да се борите со мислата и започнете да ја доживувате што почесто намерно, мислата на крајот ќе стане помалку стресна, можеби дури и досадна.  Ако тоа е нешто што можете да го направите, како на пример, да ги извалкате рацете, да оставите светло, намерно да го оставите вашиот дом во неред и слично, тогаш направете го тоа за да се навикнете на чувството на вознемиреност и да научите да не се плашите од анксиозноста.  Секако дека доколку перзистираат подолг период и го нарушуваат значајно вашето функционирање, од помош ќе е проценка и третман со соодветно стручно лице. Луѓето кои се соочуваат со опсесивни мисли може да почувствуваат огромна количина на страв, вина, длабок срам, себе-обвинување па дури и само-омраза. Обидете се да бидете љубезни и трпеливи кон себе. Запомнете дека секој доживува несакани мисли на моменти, и тие не се нешто за што се очекува да имате секогаш контрола. Би било од корист да ја препознаете наметливата мисла или чувство што го имате, но тоа не значи дека треба да се идентификувате со тоа. Откако ќе прифатите дека не можете целосно да ги контролирате мислите, можете да го освестите нивното присуство без да им дозволите да ја преземат контролата над вас. Објавените содржини се во психо-едукативни цели, а за професионална проценка и третман, остварете контакт со стручно лице од областа на менталното здравје. Задолжително означување на авторот и изворот, при превземање и цитирање на објавените содржини.