Neocortex

СЕЛЕКТИВЕН МУТИЗАМ-ДОЛГОТРАЕН И МАКОТРПЕН ПРОЦЕС ЗА ЦЕЛОТО СЕМЕЈСТВО

Селективниот мутизам е сложено анксиозно растројство кое се јавува кај децата. Се карактеризира со неспособност на детето да зборува ефективно и да комуницира во некои социјални средини, како што се училиште или градинка. Децата со селективен мутизам можат да зборуваат и да комуницираат во средини каде што се чувствуваат безбедно и опуштено, како што е домот. Секое дете со селективен мутизам ја покажува вознемиреноста на свој специфичен начин. Некои деца имаат целосна комуникативна блокада, други се карактеризираат со тоа што пројавуваат комуникација во присуство на одредени блиски луѓе, во чија близина се чувствуваат безбедно. Помалку вознемирените деца може да „изгледаат“ опуштено, безгрижно и да се дружат со едно или повеќе деца, но не се во можност да разговараат со наставниците и повеќето врсници. Третман на лицата со селективен мутизам? Главните цели на третманот се да се намали вознемиреноста, да се зголеми самодовербата, да се потикне социјалната комуникација. Акцентот не е на „принудување на детето да зборува“ и сите очекувања за вербализација треба да се отстранат од терапевтските и други средини каде што детето не зборува. Со намалена вознемиреност, самодоверба и употреба на соодветни техники, комуникацијата ќе се зголемува како што детето напредува и преминува од една во друга животна фаза. Третманот треба да бидe прилагоден на потребите на секое дете, но повеќето деца се третираат со комбинација на терапија со игра, когнитивно-бихејвиорална терапија, a со консултација со психијатар понекогаш се вклучуваат и медикаменти. Она што е од есенцијална важност е релацијата на детето со терапевтот, и потребно е детето во присуство на терапевтот да се чувствува почитувано, безбедно, да почувствува разбирање и трпеливост во негово присуство. Во целокупниот процес важна е соработката со училиштето, како и голема поддршка на семејството и родителите. РОДИТЕЛИТЕ СЕ ВАЖНА АЛКА ВО ЦЕЛОКУПНИОТ ПРОЦЕС ПОРАДИ ТОА: Покажете трпеливост Селективниот мутизам е сериозно нарушување и потребно е време за да се видат резултатите. Не се откажувајте од третманот, бидејќи на тој начин испраќате порака дека се откажувате од детето, а детето ја усвојува идејата дека нешто не е во ред со него. Зајакнете ја самодовербата  Нагласете ги позитивните аспекти на вашето дете. На пример, ако детето е уметнички надарено, коментирајте позитивно и покажете ги неговите уметнички дела!  Бидете креативни, изложете ги неговите уметнички дела. На овој начин детето создава позитивна слика за себе, што ја потикнува вербализацијата кај детето! Поттикнете го дружењето Поттикнете колку што е можно повеќе социјализација, но внимателно без детето да чувствува притисок. Организирајте датуми за игра со родителите на другите деца, можеби да остварите мала група интеракција со врсниците што детето добро ги познава, во вашиот дом. Целта е да го поттикнете вашето дете да се чувствува удобно и да вежба да зборува. Градинка и училиште Потребна е дополнителна едукација и насоки за училиштето или градинката.Разговарајте со наставниците дека детето треба да чувствува дека е во ред да не зборува. Невербалната комуникација првично е прифатлива.  

ШТО СЕ ДОБИВА ОД РАЗВОЈНАТА ПРОЦЕНКА?

Развојната проценка, раната дијагностика и интервенција, индивидуално следење на растот и развојот на секое дете е доста значајна тема кога зборуваме за ран и предучилишен здрав раст и развој. Развојот на децата е најинтензивен во првите години од животот, но исто така е многу познато дека секое дете своите развојни задачи ги исполнува индивидуално само за себе, па има разлика во време, начин од едно до друго дете, преминувајќи од една во друга развојна фаза.  На пример, некои деца во првата година и пол  имаат побогат вокабулар, се случува да некое од децата започнува да оди на 10-11 месеци, a некои деца се сеуште во фазата на лазење. Она што е важно и значајно за секој родител, како и воспитувач во градинка, е веднаш штом се забележи некое отстапување и веќе подолг временски период има неисполнување на задачите од развојната мапа, да се алармира и да се процени секој сегмент од развојот на детето. Што е индивидуална развојна мапа? Индивидуалната развојна мапа е преглед на основните пресвртници во менталниот и физичкиот развој на детето од раѓање до седумгодишна возраст. Ги опишува карактеристичните промени и можните отстапувања на разбирлив и едноставен начин. Детектирањето на отстапувања го прават и педијатрите, воспитувачите во градинка, па потоа даваат насоки да се направи развојна проценка од страна на стручно лице.  Постојат мапи кои што се наменети и за родители со цел само-проценка и забележување на текот на развојот на своето дете, а секако тоа е основа за ориентација и следење на развојот на детето, како и организирање на неговите активности. Кога зборуваме за проценка и следење според развојна мапа, внимателно ги следиме следниве сегменти: – Психо-моторен развој – Социо-емоционален развој – Когнитивен развој – Развој на говор и комуникација Она што секојдневната пракса го покажува во нашиот центар, и е значајно во правењето на развојната проценка, е првото интервју со родителите. На првото интервју со родителите секогаш се детектираат позначајни моменти како семејните обрасци на однесување, стилови на воспитување, колку средината во која што расте детето е стимулирачка, посетување на градинка, историја на пренатален, перинатален и постнатален период. Кој е следниот чекор откако кај детето ќе се детектира неисполнување на развојните задачи? Доколку за време на развојната проценка и опсервација кај детето се забележат отстапувања во развојот, пораки кои што несвесно се праќаат до детето и влијаат на неговото однесување, следниот чекор е поставување на целите и на тоа што конкретно ќе се работи,  со концизни и јасни насоки кон семејството, дополнителни задачи за работа дома, индивидуална поддршка на детето, но секако и поддршка на целиот семеен систем.  Запомнете: Секое дете е своја едника вредна за почит, секое дете има право да биде разбрано и да го развива својот потенцијал на соодветен начин познавајќи ги неговите функционални можности. Секое дете има право да им верува на возрасните, и возрасните да веруваат во него. Секое дете има право на поддршка што ќе му овозможи да развие сопствени стратегии за размислување и превземање акција!

РАЗВОЈНА ДИСФАЗИЈА ИЛИ АУТИЗАМ?

Развојната дисфазија е јазично нарушување на способноста за разбирање, изразување и формулирање на јазична мисла. Овие деца покажуваат значително јазично доцнење во однос на нивната календарска возраст и интелектуален капацитет. Степенот на сериозноста на тешкотијата може да биде различен и се движи од целосно отсуство на говор (алaлија) кај дете од две до три години до навидум нормален говор со потешкотии во читањето и пишувањето кај училишните деца. Кај некои деца, потешкотиите во говорот се поизразени, додека кај други се изразува недостатокот на разбирање за јазичните содржини. Развојна дисфазија или аутизам? Симптомите на овие две нарушувања често се преплетуваат, особено кога станува збор за развојна дисфазија од рецептивен тип. За двете состојби карактеристично е неразбирање, не одговара на сопственото име до две години, прекумерна активност и слабо внимание, недостаток на вербална комуникација, често повторување на јазичната содржина, нарушувања во однесувањето. Главната и најважната разлика е во тоа што развојната дисфазија е исклучиво јазично нарушување и има дефицит на вербална комуникација, додека невербалната комуникација и социјализацијата се релативно добри. Аутизмот е нарушување на вербалната и невербалната комуникација, како и нарушување на социјалниот реципроцитет. Карактеристично за деца со развојна дисфазија: Нормални социјални интеракции. Тие ги разбираат намерите и емоциите на другите. Ова се рефлектира во задоволството од создавање нови социјални контакти и со возрасни, и со деца. Прегратките и бакнежите им создаваат позитивни емоции. Тие реагираат нормално на насмевки. Тие покажуваат задоволство кога ќе добијат нова играчка. Тие имаат контакт со очите. Можеби нема да одговорат на повик по име. Учествуваат во играта „кобајаги“. Нивната игра е функционална и креативна. Тие сакаат да играат со разни играчки и со други деца. Нормална употреба на гестови или само мало отстапување во невербалната комуникација. Нивните социјални контакти се адекватни, тие го компензираат отсуството на говор со гестови, и немаат стереотипни обрасци на однесување. Нивните интереси се разновидни, немаат невообичаено однесување како „треперење“ на рацете, кршење прсти, одење по прсти и слично. Карактеристично за децата со аутизам: Оштетување во сегментот на социјалната интеракција. Тие не можат да донесат едноставни заклучоци за намерите на другите. Не можност за остварување на социјални контакти, изгледаат премногу мирни или дури пак „ладни“. Некои деца не реагираат на насмевки на другите и не обрнуваат внимание на гримасите на другото лице. Се случува да го фиксираат своето внимание на предмети околу нив. Децата со аутизам можат да бидат многу селективни при избор на блиски луѓе, избегнуваат контакт со своите врсници. Креативната имагинативна игра доцни или не постои. Децата со аутизам не се обидуваат да имитираат движења или звуци, не реагираат на сопственото име, карактеристичен е недостатокот на соодветен контакт со очи, имаат карактеристичен „стаклен поглед“.  Изостанување на невербалниот контакт, не го компензираат отсуството на говор со употреба на гестови. Употребата на јазик е стереотипна и се повторува. Тие често прозборуваат доцна, откако ќе ги изговорат првите зборови, може да се појави фаза на долга тишина. Постои тенденција да се повторуваат зборови или фрази од филмови, реклами, туѓи говори. Децата со аутизам имаат ограничени, повторливи и стереотипни обрасци на однесување, интереси и активности. Може да забележите повторувања на активности како што се вклучување и исклучување на светлата или отворање и затворање на славината и уредување на предметите по ред. Некои деца можат да одат на прсти, да скокаат, да мавтаат или да имаат повторувачки гримаси од возбуда. Може да имаат прекумерна или намалена чувствителност на дразби од околината (бучава, непријатност при сечење коса, избегнување валкање, пребирливост при избор на храна, силна светлина може да им пречи). Намален праг на болка. Сепак, мора да имаме во предвид дека секое дете е сложена индивидуа сама по себе и дека не е можно да се дијагностицира нарушување засновано на неколку препознаени симптоми. Низа на симптоми може да се пројавуваат, но не мора да значат дека детето има нарушување. Исто така, некои симптоми се појавуваат пред, а некои подоцна. Објавените содржини се во психо-едукативни цели, а за професионална проценка и третман, остварете контакт со стручно лице од областа на менталното здравје. Задолжително означување на авторот и изворот, при превземање и цитирање на објавените содржини.  

ЗОШТО СЕ ВАЖНИ ГРАНИЦИТЕ ВО ВОСПИТУВАЊЕТО?

Крајната цел на развојот и воспитувањето на секое дете е формирање на зрела, независна, автентична личност. Како значаен дел од тој пат неопходни се здрави граници  како и љубов, поддршка и разбирање. Во природата на човекот е да секој од нас проба да ги пробие границите. Ова особено е изразено во детството кога детето исклучиво се води од принципот на моменталното задоволство. Неспорно е дека љубопитноста е од круцијално значење за здрав раст и развој на секое дете, но детето во тие моменти ги усвојува правилата како на пример дека не смее да допира во приклучокот за струја или пак да не ја допира жешката рингла. Ова се првите ограничувања кои имаат безбедносна функција. Како што расте детето, потребно е да се комплицираат правилата со цел да се создаде и поддржи функционалното и да се минимизира нефункционалното однесување, како и пристапот на моментално задоволство, му отстапи место на принципот на реалноста. Како родители потребно е да  поставите цврсти и стабилни граници, доколку не се постават одредени ограничувања кон вашите деца, тоа ќе оди во екстрем на нивна штета. Соодветно поставените граници имаат функција да му помогнат на детето да ги интернализира внатрешните морални вредности и општествени норми, да развие самоконтрола, да развие чувство на одговорност за тоа што зависи од него, да ја вреднува упорноста, трудот и работата, но и да создава доверба кон родителите. Попустливите родители прават грешки затоа што го негуваат егоцентризмот на детето и верувањето дека „сè е можно за него“, што ќе се рефлектира преку несоодветно однесување во групата врсници, во однос на авторитетите, како и на улица. И кога ќе порасне, таквата личност не знае како да се справи на социјално прифатлив начин во средина во која не му се исполнуваат сите желби. Во интеракција со други карактеристики на личноста, тие можат да манифестираат нарушувања во однесувањето, нарцизам, манипулативност. Слична е ситуацијата и кога станува збор за родителите кои се обидуваат да бидат пријатели со своите деца, бидејќи децата никогаш нема да ги доживеат како авторитет. Мора да нагласиме дека не е пожелна ниту спротивната крајност. Строгите правила и воената дисциплина, исто така не се сметаат за посакувани начини на образование. Правилното воспитување подразбира љубов и топлина од една страна и дисциплина од друга страна. Родителите кои премногу ги штитат своите деца и ги чуваат „под стаклено ѕвоно“, извршувајќи ги сите должности во нивно име, ќе го поддржат развојот на несигурност, неодговорност и мрзеливост кај децата.  Услуга со против услуга е кога родителите, на кои им е тешко да гледаат како нивното дете е тажно или фрустрирано поради тешка математичка задача, затоа што треба да ја среди собата  или да направи проект за биологија,  попушта и го решаваат проблемот на детето. Можеби звучи сурово, но не е добро децата секогаш да бидат среќни и задоволни заштитени од непријатни емоции. Непријатните емоции се исто така составен дел од животот, а детето сигурно ќе се сретне со нив во различни периоди од својот живот, па затоа треба да учи и да се справува со нив. Како возрасни, децата на презаштитнички родители ќе бидат многу зависни и неодлучни во донесувањето одлуки, чекајќи родителите да направат сè за нив.  

КАКО ДО ПОДОБРА КОМУНИКАЦИЈА СО ВАШЕТО ДЕТЕ?

Кога комуницирате со дете, пред се како родители треба да имате во предвид дека тоа е рамноправен член во дијалогот и задачата на возрасниот е да се грижи дали детето ја разбира пораката испратена до него. Интеракцијата меѓу родителот и детето е комбинација од вербална и невербална комуникација. Притоа, 8% од пораките детето ги прима преку вербалната комуникација со родителот, додека 92% припаѓаат на невербалната комуникација. Начинот на којшто вие комуницирате со вашите деца, зборовите, речениците, тонот што ги користите –влијае на нивното однесување и на развојот на нивната личност. Уште поважно, тоа влијае и на нивните уверувања за тоа каков е светот и какви се тие самите. Искуството во работата со деца и нивните родители покажа дека често се случува родителите да испраќаат двојни пораки до своите деца за кои не се свесни. Двосмисленоста обично лежи во фактот дека една порака е испратена вербално, а интонацијата, изразот на лицето, држењето на телото и другите невербални сигнали се сосема спротивна порака. Не е невообичаено да се види мајка која со благ тон, со весело лице додека милува дете, да вели: „Колку си несмасен, не знаеш да заврзиш врвки”. Не е невообичаено да се види татко кој со висок тон, намуртено лице го удира својот син и му вели: ,,Тато те сака и се грижи за тебе”. Во тој момент на детето не му е целосно јасно каков е ставот на неговите родители, добива грешна насока за како се покажува чувството на љубов и грижа. Неколку совети за квалитетна комуникација со вашите деца: Контакт со очи- контактот со очи е од круцијално значење за  емоционално воспитување на вашето дете. Претставува средство за изразување на родителската љубов кон детето, особено ако контактот е придружен со пријатни зборови и пријатен израз на лицето. Спуштете се на висина на детето, фатете го за рака, свртете се кон него, само внимателно и без нагли движења. Допирот и физичкиот контакт – се многу значаен дел во комуникацијата со детето. Потребно е физичкиот контакт да биде спонтан, пријатен и природен, а содржината се менува во согласност со возраста на детето.  Држење на телото- со навалување нанапред и приближување кон детето , се праќа порака на блискост, почит, разбирање. Расчекорените нозе и раширените раце можe да покажат доминантност и одлучност.  Исправеното и цврсто држење на телото упатува на будност и внимание на детето, додека олабавениот став укажува на незаинтересираност и слабо внимание. Начинот на кој родителот комуницира со детето станува модел според кој учи да комуницира со другите луѓе, да решава проблеми, да биде свесно за себе и за другите, да се почитува себеси, но и другите.

КАКО ДА ЈА ЗГОЛЕМАМ КОНЦЕНТРАЦИЈАТА КАЈ МОЕТО ДЕТЕ?

Концентрацијата е способност да се фокусира вниманието на една специфична работа, додека сè друго е занемарено и исклучено од полето на свеста. Претставува способност на една личност ефикасно да ги извршува посакуваните задачи, да ги филтрира само потребните информации и да ги неутрализира сите расеаности во морето на информации и стимули. Повеќето деца имаат потешкотија со концентрацијата. Нивното внимание често се расејува и тие не се во можност долго време да се фокусираат на една тема,  што првично доведува до проблеми со учењето, а подоцна, поради недостаток на концентрација, децата можат да станат целосно демотивирани.   1.Обезбедете атмосфера што ја поттикнува концентрацијата. Местото за игра и учење е од исклучителна важност кога зборуваме за подобрување на концентрацијата. Обидете се да ги минимизирате надворешните влијанија кои што претставуваат дистрактор за вашето дете. 2.Сонот е од исклучителна важност Квантитетот и квалитетот на сонот е важен и за возрасните и за децата. Повеќето деца кои спијат помалку од потребниот сон според нивната календарска возраст имаат многу ниско ниво на концентрација. 3.Креирајте дневни рутини Охрабрете го вашето дете секогаш да учи во приближно исто време во текот на денот. Не заборавајте дека детето има потреба од слободно време, кога може само да игра и сонува. Навремено легнување и станување, одржување на хигиенски навики, средување  на играчките и училишниот прибор се навики кои што се од голема поддршка и помош во создавањето на рутина. 4.Важноста на играта Преку игра, детето спонтано вежба и ги развива сите аспекти на развој-говор и комуникација, социјални вештини, когнитивен развој и развој на моторни вештини, следење на правилата и со тоа развој на концентрација. Одвојте заедничко време со вашето дете за игра и активности, тоа ќе придонесе за зголемување на концентрација. Еве неколку примери:        детално цртање на цртежи со многу детали;         вежба за гледање во една точка/предмет од 15 до 20 минути;         составување на сложувалки;         решавање едноставни мисловни задачи како што се игри за меморија, создавање на приказна  од прикажани слики; игри со асоцијација додека се возите во вашиот автомобил; игри со класификација – од чорапи до категории животни, коцки, овошје или пак зеленчук; aктивности со дактиломоторни вештини (прецизни игри со прсти) – оставете ги да соберат играчки, затвараат и отвараат капачиња, нижат перли, редат коцки, играње во песок, игра со тесто или брашно. Чест проблем покрај концентрацијата, е и недостатокот на мотивација кај децата. Детето полесно ќе се концентрира и ќе го одржува фокусот на задачата кога е мотивирано. Објаснете му ги на детето причините зошто активностите од тој тип се од голема важност и обидете се да направите привлечни, интересни потребни материјали за игри кои ги зајакнуваат когнитивните способности на детето.

КАКО ДА ЈА ЗАЈАКНЕТЕ САМОДОВЕРБАТА КАЈ ДЕЦА СО СПЕЦИФИЧНИ ТЕШКОТИИ ВО УЧЕЊЕТО!

Современата училишна концепција е насочена кон когнитивните способности на детето, афективната и социјалната компонента се главно занемарени.Честа појава кај нас е тоа што лошиот успех на ученикот се изедначува со општата вредност на ученикот. За учениците кои што имаат специфични тешкотии во учењето и кои покажуваат помал успех од своите врсници во одредена училишна активност, кај нас многу ретко фокусот е на функционалните способности на детето и неговите позитивни особини, постојано се потенцира секој негов неуспех. Првите години во образованието се период кога детето ја гради сликата за себе и период кога се разрешува конфликтот помеѓу позитивната слика за себе и инфериорноста. Истражувањата покажуваат дека чувството на инфериорност особено се развива околу десетата година. После оваа возраст е многу потешко да се изгради позитивна слика за себе, а со тоа и самодоверба. Дете кое што нема специфични потешкотии во учењето кога ќе покаже успех на училиште, успехот го препишува на своите вложувања, кога ќе се соочи со одреден неуспех, грешка, тоа претставува мотив да се потруди повеќе.   Кога детето кое што се соочува со специфични тешкотии во учењето покаже успех, тоа го препишува на среќни околности, наклонетост на наставникот кон него, а кога прави грешка тогаш се појавува голема фрустрација и често пати знаат да се наречат ,,Јас сум глуп/а“.  Сликата за себе најмногу е под влијание на родителското воспитување, значајна улога во тоа има и наставникот. Способноста за позитивна комуникација кон децата е од огромно значење за нивната самодоверба и училишни достигнувања. За развој на самодовербата во детството, важни се две компоненти: чувството дека сме способни за нешто и чувството дека сме сакани. Родители, наставници, училишни соработници неколку совети за сите нас, како да ја подобриме комуникацијата и зајакнеме самодовербата кај лицата со специфични тешкотии во учењето: Оставете ги децата сами да ги завршат задачите за кои се способни. Нагласувајте и покажете ја безусловната природа на својата љубов и грижа. Внимателно со критиките! Ако детето добива критика и омаловажување, тоа влијае на неговата слика за себе. Родители, отворено разговарајте за емоциите со вашето дете. Секогаш користете контакт со очи кога го слушате или зборувате. Обидете се да не сте вознемирени кога детето ви зборува за неговиот проблем или потешкотија. Кажете му на вашето дете дека му верувате, дека се однесува добро и дека има прогрес. Постојат повеќе патишта за успех, не е само еден, секоја вештина треба да се вреднува. Секојдневно со вашето дете запишувајте ги неговите успеси во текот на денот, неговите позитивни карактеристики. Не дозволувајте да се заборават успесите и одликите од дневникот. Кога процесот на пишување е завршен, потребно е често да се препрочитуваат на глас, со цел да се зајакне меморијата за позитивните одлики. Вербата во себе како родител е значаен фактор во развивањето на довербата кај детето бидејќи детето чувствува дека личноста што се грижи за него во првиот период, има доверба во себе. Да се научи дете на самопочит, е најголемиот дар кој еден родител, наставник, едукатор може да го подари.   

СОВЕТИ ЗА СТИМУЛАЦИЈА НА ГРАФОМОТОРИКАТА КАЈ ДЕЦАТА!

Графомоториката е способност за држење на молив и пишување. За да може детето успешно да ја совлада вештината на пишување, тоа прво мора да помине низ целосен моторен развој кој започнува најпрво со развој на груби моторни вештини: седење, ползење, одење, качување, трчање, игри со топка. Потоа овој процес продолжува со развој на фини моторни вештини на дланките и прстите. За да имаме комплетен развој на моториката потребно е детето да е опкружено со разни форми и конструкции, стимулативни предмети и материјали.  Секојдневните активности за кои можеби не сме ни свесни дека се поврзани со пишувањето имаат круцијална важност во развојот на графомоторните вештини. Aктивности како што се облекување, откопчување и закопчување копчиња, врзување чевли, прелистување книга, вклучување во кујна и подготовка на храна, се од непроценливо значење, посебно кога му е дозволено на детето да стори сé што може и сака САМО, а возрасните помагаат кога детето навистина не може да го направи тоа без нивна помош.  Со графомоторните вежби детето развива внимание и концентрација, ориентација, говор, спознавање. Претходно усвоените движења се користат во нови ситуации и размислувања. Ако забележите дека вашето дете нема интерес за држење на молив, цртање и пишување по сопствена иницијатива,  можете да му понудите разни активности како што се: Цртање на вертикални големи површини, не бел обичен лист (табла или хартија во боја залепена на ѕид, прозорец). Цртеж со показалецот на песок или брашно. Нижење перли. Сликање со различни материјали (пастели, фломастери, акварели и четки, темпера и сунѓери, креда, прсти, стаклени бои) и на различни подлоги (картонски кутии, стакло, бетон, парчиња дрво, топчиња од стиропор). Редење на сложувалка. Обликување на разни форми од пластелин. Сензорна кутија исполнета со зрнести материјали (да пронајде одреден предмет во неа). Вметнување сламки или стапчиња во мал отвор или глина. Со помош на пипета, детето префрла капка по капка вода од една чаша во друга. Со ова се развива сила на прстите и координација на движење. Воздржете се од тоа да го поправате она што детето го направило или да ги исправате неговите грешки. Со тоа само ќе го обесхрабрите па следниот пат нема ни да се обиде или ќе работи колку да се каже бидејќи ќе знае дека вие и онака ќе го завршите она што го почнало. Форсирајте пофалба и афирмативен говор со децата, тоа е неопходно за градење на добра и здрава слика за себе.

ПОТТИКНЕТЕ ЈА ЕМОЦИОНАЛНАТА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА КАЈ ВАШИТЕ ДЕЦА!

Емоционалната интелигенција е многу важна во воспитувањето на децата, и честопати многу занемарена. Иако, многу внимание се посветува на знаењето и учењето на нови вештини, емоциите се оставаат настрана. Многу трендови во воспитувањето на децата се движат во насока на развој на емоционална интелигенција, и тоа со добра причина. Овие неколку совети можат да ви бидат од голема корист. 1.Погледнете го светот низ очите на детето Со други зборови, ставете се во негова позиција и обидете се да ја видите големата слика од страната на детето. Почитувајте ги чувствата и мислењата на детето. Ова не мора да значи дека се согласувате со него, туку дека го почитувате како личност. Доволно да го искажете чувството што го има детето во тој момент, да му дадете до знаење дека знаете што чувствува и размислува. Како ова и помага на емоционалната интелигенција: Кога детето се чувствува прифатено, тоа создава емоционални врски во мозокот што подоцна детето ги користи за да се утеши во тешки моменти. Децата развиваат емпатија (чувство за другите луѓе) учејќи од вас. Им помагате на децата да се справат со своите чувства и да ги запознаат. Дефинирањето на емоциите е многу важно за нив. 2.Дозволете му на детето да ги покаже своите емоции Прифатете ги емоциите на вашето дете наместо да ги игнорирате или да не ги забележувате. Ако не ги прифаќате неговите емоции, детето чувствува дека не се добри и се обидува да ги сокрие. Ако не му покажете на вашето дете дека се грижите за неговата тага или страв, тоа нема да престане да чувствува, но ќе ја потисне и тагата и стравот. Емоции кои се потиснати го оптоваруваат детето затоа што тоа не може да ги разбере. Затоа е важно да му дозволите на детето да ги покажува своите емоции и да го охрабрите да го стори тоа. Како ова и помага на емоционалната интелигенција: Вашето прифаќање му помага на детето да ги разбере сопствените емоции, што на долг рок го развива детето во емоционално зрела личност. Прифаќајќи ги емоциите на вашето дете, му давате до знаење дека неговите емоции не се лоши или негативни, туку спротивното – дека лесно може да се справи со нив, без разлика дали се позитивни или негативни. 3.Научете го вашето дете само да пронајде решение Научете го вашето дете да се справи со своите чувства без бурно реагирање. Кога децата се чувствуваат разбрани, полесно им е да ги надминат тешките мисли. Ова отвора простор за решавање на проблеми. Понекогаш децата можат сами да се справат со тоа, а понекогаш им е потребна и наша помош. Не се форсирајте да го решите проблемот со детето, бидејќи тоа може да испрати порака дека не му верувате. Верувајте му и бидете подготвени да помогнете кога ќе ве прашаат. Како ова и помага на емоционалната интелигенција: Децата мора да знаат како да се справат со емоциите, но мора да знаат и како да најдат конструктивно решение за проблем што ги мачи. Ова бара вежба и голема помош од вас како родители. Само прифаќањето на емоциите  на вашите деца не е секогаш доволно за да ги научите да се справат со нив, иако е прв чекор. Покажете им како да се справат со одредени емоции и како да ги толкуваат. Користете се себе за пример и модел. На секое дете му треба помош за да научи да се справува со емоциите без агресија кон другите. 4.Играта е од големо значење за секое дете Кога ќе забележите негативен тренд во однесувањето на вашето дете, сфаќате дека нешто веројатно го мачи. Понудете му да му помогнете. Не мора секогаш да е разговор, но можете да го решите преку игра. Претворете ја потенцијално тешката ситуација во игра и шега. Како ова и помага на емоционалната интелигенција: Децата полесно учат преку игра. Ова им олеснува да ги покажат своите чувства и да се справат со нив. Некои чувства тешко се изразуваат со зборови, дури и за нас возрасните. Но, со играта можеме да постигнеме многу. Можеме да го решиме проблемот и без да зборуваме директно и конкретно за тоа. Смеењето го стимулира лачењето на хормонот на среќата. Искористете го овој факт и смејте се колку можете повеќе со Вашите деца, направете позитивна атмосфера во домот.

ВАЖНОСТА НА РАНАТА СТИМУЛАЦИЈА ЗА ДЕЦАТА!

Најважниот период за развојот на детето е од раѓање до 6 годишната возраст, а во овој период раната стимулација има есенцијална улога. Потребно е на децата да им се дадат одредени стимулации кои ќе придонесат за нивен здрав раст и развој. Програмата за рана стимулација има за цел да го поттикне сензомоторниот, емоционалниот, социјалниот и интелектуалниот развој на детето и на тој начин да му обезбеди активно, поуспешно и независно учество во социјалниот живот. За детето да ги развие во потполност своите когнитивни потенцијали, најзначајно е да му се дозволи самостојно да манипулира со предметите, да истражува и учи од сопственото искуство. Децата инстинктивно го прават она што е важно за развој на мозокот, па се вртат во круг, скокаат, но се случува родителите да не дозволат такво однесување со цел да ги заштитат. Голема грешка при воспитување и едукација на децата е што децата се казнуваат кога ќе кажат нешто што не е во ред. Таквото однесување предизвикува децата да се плашат да го споделат своето мислење и да имаат несигурност во себе. Целта на стимулацијата не е развојот да се забрзува, поставувајки превисоки цели, форсирајќи го детето да исполнува задачи за кое не е подготвено. Напротив, потребно е да се препознае и охрабри потенцијалот на секое дете, да му се понудат предизвици и адекватни активности за зацврстување на иницијативата, учењето и себевреднувањето. Важни области за рана стимулација: Фина моторика-развојот на фината моторика е од круцијално значење од моментот кога бебето ќе го открие движењето на рачињата. Груба моторика-ги опфаќа другите делови од телото, рацете, нозете и општото држење на целото тело, запознавање на гестикулативен простор. Социо-емоционалниот развој е важен аспект во растот и развојот на едно дете. Препознавање на своите емоции, споделувањето, а не потиснување, препознавање на туѓите емоции, но и воспоставување здрава релација со останатите. Стимулација на говор. Стимулација на вештини од секојдневен живот. Стимулација на когнитивните способности, логичко размислување и способност за решавање на проблеми и донесување на одлуки. Доколку забележите дека вашето детето не се развива како другите деца, веднаш треба да ги контактирате стручните лица кои го проценуваат целокупниот развој на детето (специјален едукатор и рехабилитатор, логопед, психолог, детски невропсихијатар). Раната стимулација е систематски пристап кон ран и континуиран третман спроведен од тим на експерти, кој е фокусиран на потребите на одредено дете и неговото семејство. Тимовите за рана интервенција и стимулација имаат различни задачи насочени првенствено на обезбедување поддршка на детето, а потоа и на семејството. Детето кое учи нови искуства од рана возраст, развива упорност, креативност и имагинација, ќе прерасне во здрава и интегрирана личност која во иднина ќе придонесе и за општеството како целина.