Neocortex

СЕЛЕКТИВЕН МУТИЗАМ-ДОЛГОТРАЕН И МАКОТРПЕН ПРОЦЕС ЗА ЦЕЛОТО СЕМЕЈСТВО

Селективниот мутизам е сложено анксиозно растројство кое се јавува кај децата. Се карактеризира со неспособност на детето да зборува ефективно и да комуницира во некои социјални средини, како што се училиште или градинка. Децата со селективен мутизам можат да зборуваат и да комуницираат во средини каде што се чувствуваат безбедно и опуштено, како што е домот. Секое дете со селективен мутизам ја покажува вознемиреноста на свој специфичен начин. Некои деца имаат целосна комуникативна блокада, други се карактеризираат со тоа што пројавуваат комуникација во присуство на одредени блиски луѓе, во чија близина се чувствуваат безбедно. Помалку вознемирените деца може да „изгледаат“ опуштено, безгрижно и да се дружат со едно или повеќе деца, но не се во можност да разговараат со наставниците и повеќето врсници. Третман на лицата со селективен мутизам? Главните цели на третманот се да се намали вознемиреноста, да се зголеми самодовербата, да се потикне социјалната комуникација. Акцентот не е на „принудување на детето да зборува“ и сите очекувања за вербализација треба да се отстранат од терапевтските и други средини каде што детето не зборува. Со намалена вознемиреност, самодоверба и употреба на соодветни техники, комуникацијата ќе се зголемува како што детето напредува и преминува од една во друга животна фаза. Третманот треба да бидe прилагоден на потребите на секое дете, но повеќето деца се третираат со комбинација на терапија со игра, когнитивно-бихејвиорална терапија, a со консултација со психијатар понекогаш се вклучуваат и медикаменти. Она што е од есенцијална важност е релацијата на детето со терапевтот, и потребно е детето во присуство на терапевтот да се чувствува почитувано, безбедно, да почувствува разбирање и трпеливост во негово присуство. Во целокупниот процес важна е соработката со училиштето, како и голема поддршка на семејството и родителите. РОДИТЕЛИТЕ СЕ ВАЖНА АЛКА ВО ЦЕЛОКУПНИОТ ПРОЦЕС ПОРАДИ ТОА: Покажете трпеливост Селективниот мутизам е сериозно нарушување и потребно е време за да се видат резултатите. Не се откажувајте од третманот, бидејќи на тој начин испраќате порака дека се откажувате од детето, а детето ја усвојува идејата дека нешто не е во ред со него. Зајакнете ја самодовербата  Нагласете ги позитивните аспекти на вашето дете. На пример, ако детето е уметнички надарено, коментирајте позитивно и покажете ги неговите уметнички дела!  Бидете креативни, изложете ги неговите уметнички дела. На овој начин детето создава позитивна слика за себе, што ја потикнува вербализацијата кај детето! Поттикнете го дружењето Поттикнете колку што е можно повеќе социјализација, но внимателно без детето да чувствува притисок. Организирајте датуми за игра со родителите на другите деца, можеби да остварите мала група интеракција со врсниците што детето добро ги познава, во вашиот дом. Целта е да го поттикнете вашето дете да се чувствува удобно и да вежба да зборува. Градинка и училиште Потребна е дополнителна едукација и насоки за училиштето или градинката.Разговарајте со наставниците дека детето треба да чувствува дека е во ред да не зборува. Невербалната комуникација првично е прифатлива.  

ДАЛИ МОЕТО ДЕТЕ ИМА ДИСПРАКСИЈА?

Диспраксијата е развојно пореметување на координацијата на движењата на телото, и слабост или незрелост на движењата на телото. Детето се соочува со потешкотија да планира, организира и координира движења. Тоа резултира со моторни проблеми во фината и групата моторика како и можност за појава на говорни проблеми. Диспраксијата не ги погодува само моторните вештини, туку и ракописот, способноста за организација, сликата за себе, самодовербата и севкупната социјална интеракција. Со што се соочуваат децата со диспраксија? Потешкотија со планирање на движењето во просторот: децата со диспраксија имаат потешкотија со одржување на рамнотежа, често се заплеткуваат и препнуваат на предмети од околината, имаат лошо држење на телото и лесно се заморуваат. Перцепција: тешко проценуваат висина, време, брзина, тежина и оддалеченост што прави да делуваат неспретно. Имаат слаба визуелна перцепција, недостиг на свест за личниот простор, неадекватна смисла за насока и положба на телото во просторот. Латерализација: децата со диспраксија се збунети кога треба да одлучат која рака да ја употребат. Може да имаат проблем да одредат страна лево и десно без да се потсетат. Потешкотија во говорот: бавно учат да зборуваат и говорот може да им биде неразбирлив. Потешкотија со пишување: пишуваат со голем напор и споро, неуредно и нечитливо. Препишувањето на текст од табла на децата со диспраксија им претставува голема тешкотија. Губат или забораваат свои предмети. Потешкотии во концентрација и внимание: тешко им е да извршуваат неколку задачи истовремено и потребно им е многу време да извршат една задача.  Непознавање на сопствените вредноси, искривена слика за себе, избегнувачко однесување во однос со соочувањето на негативни емоции. ВАЖНО е да се има во предвид дека не секоја неспретност претставува диспркасија. Децата не ја надминуваат диспраксијата, но со навремено детектирање, холистички третман на работа вклучувајки реедукација на психомоторика, професионалната терапија,  терапија со спорт и физички вежби, говорна  терапија и други алатки и стратегии можат да помогнат за подобрување на состојбата.   

КАКО ДА ЈА ЗАЈАКНЕТЕ САМОДОВЕРБАТА КАЈ ДЕЦА СО СПЕЦИФИЧНИ ТЕШКОТИИ ВО УЧЕЊЕТО!

Современата училишна концепција е насочена кон когнитивните способности на детето, афективната и социјалната компонента се главно занемарени.Честа појава кај нас е тоа што лошиот успех на ученикот се изедначува со општата вредност на ученикот. За учениците кои што имаат специфични тешкотии во учењето и кои покажуваат помал успех од своите врсници во одредена училишна активност, кај нас многу ретко фокусот е на функционалните способности на детето и неговите позитивни особини, постојано се потенцира секој негов неуспех. Првите години во образованието се период кога детето ја гради сликата за себе и период кога се разрешува конфликтот помеѓу позитивната слика за себе и инфериорноста. Истражувањата покажуваат дека чувството на инфериорност особено се развива околу десетата година. После оваа возраст е многу потешко да се изгради позитивна слика за себе, а со тоа и самодоверба. Дете кое што нема специфични потешкотии во учењето кога ќе покаже успех на училиште, успехот го препишува на своите вложувања, кога ќе се соочи со одреден неуспех, грешка, тоа претставува мотив да се потруди повеќе.   Кога детето кое што се соочува со специфични тешкотии во учењето покаже успех, тоа го препишува на среќни околности, наклонетост на наставникот кон него, а кога прави грешка тогаш се појавува голема фрустрација и често пати знаат да се наречат ,,Јас сум глуп/а“.  Сликата за себе најмногу е под влијание на родителското воспитување, значајна улога во тоа има и наставникот. Способноста за позитивна комуникација кон децата е од огромно значење за нивната самодоверба и училишни достигнувања. За развој на самодовербата во детството, важни се две компоненти: чувството дека сме способни за нешто и чувството дека сме сакани. Родители, наставници, училишни соработници неколку совети за сите нас, како да ја подобриме комуникацијата и зајакнеме самодовербата кај лицата со специфични тешкотии во учењето: Оставете ги децата сами да ги завршат задачите за кои се способни. Нагласувајте и покажете ја безусловната природа на својата љубов и грижа. Внимателно со критиките! Ако детето добива критика и омаловажување, тоа влијае на неговата слика за себе. Родители, отворено разговарајте за емоциите со вашето дете. Секогаш користете контакт со очи кога го слушате или зборувате. Обидете се да не сте вознемирени кога детето ви зборува за неговиот проблем или потешкотија. Кажете му на вашето дете дека му верувате, дека се однесува добро и дека има прогрес. Постојат повеќе патишта за успех, не е само еден, секоја вештина треба да се вреднува. Секојдневно со вашето дете запишувајте ги неговите успеси во текот на денот, неговите позитивни карактеристики. Не дозволувајте да се заборават успесите и одликите од дневникот. Кога процесот на пишување е завршен, потребно е често да се препрочитуваат на глас, со цел да се зајакне меморијата за позитивните одлики. Вербата во себе како родител е значаен фактор во развивањето на довербата кај детето бидејќи детето чувствува дека личноста што се грижи за него во првиот период, има доверба во себе. Да се научи дете на самопочит, е најголемиот дар кој еден родител, наставник, едукатор може да го подари.