Neocortex

СИГУРНАТА ПРИВРЗАНОСТ ИМ ПОМАГА НА ДЕЦАТА ДА НАПРЕДУВААТ!

Едно од најчестите прашања што се поставуваат за градењето конекции е дали детето може да биде премногу поврзано со неговите или нејзините родители. Постои општ страв и мит дека ако се фокусираме премногу на градењето конекции со нашите деца, може да го попречиме нивното растење како независни и зрели луѓе. Напротив,  неможете да сакате премногу, сигурната поврзаност не го забавува растот, туку му дава гориво и го забрзува. Кога ќе ја погледнете големата слика, крајната цел во воспитувањето на детето е да им помогнеме да станат независни луѓе. Ние би сакале тие да имаат свој сопствен ум, да ги постават сопствените цели, да донесуваат свои одлуки, да размислуваат за себе, да ги знаат своите граници и да создадат насоки во кои сакаат да се развиваат. Она што ние навистина треба да се запрашаме е: Што треба ние да правиме за да се осигураме дека нашите деца растат на тој начин? Децата помлади од три години, се залепени како со лепак за своите родители или негуватели. Тие можат да трчаат по нив, да плачат кога не се во близина и да бидат несреќни кога мора да го споделат вниманието на својот родител со другите. Малите деца се гладни за приврзаност, бидејќи се зависни од давателот на грижа. До времето кога ќе стигнат до 5 – 7 години, треба да бидат способни да играат послободно сами со себе, да преземат одговорност за едноставни работи како да се облечат, па дури и да почнат да прават работи како што се раскревање на нивните играчки. Децата не може да се премногу поврзани, тие може да се недоволно длабоко поврзани. Поврзаноста е наменета да ги направи нашите деца зависни од нас за да може да ги водиме понатаму, секако до одредена возраст и мера. Токму нашата покана за конекција ги ослободува да престанат да бараат љубов и да се фокусираат на раст и развој. Кога децата можат да разберат дека нивните потреби за приврзаност ќе бидат исполнети, тие се ослободени да играат, да истражуваат, да замислуваат и да се движат слободно. Можеби звучи  парадоксално, но кога ги исполнуваме потребите на децата за зависност, всушност ги туркаме кон независност. Како што децата созреваат тие треба да станат способни за преземање на воланот во свои раце, а ние ќе можеме да се повлечеме во консултантска улога. Кога потребите на децата за приврзаност ќе бидат исполнети, тие веќе нема да бидат преокупирани со тоа да одат по нас. Децата кои не се веќе на предучилишна возраст, а сеуште се прилепени за нас го прават тоа поради несигурност. Токму чувството на сигурност во  поврзаноста ги ослободува децата. Непријателот на зрелоста не е поврзаноста, туку во несигурните конекции. Предусловот за раст на децата е во рацете на родителите или старателите. Со други зборови, децата не треба да работат за да добијат љубов. Начините од кои ќе забележите дека потребата на детето не е задоволена се: кога детето се обидува премногу да припаѓа, да се вклопи со останатите, кога се обидува да им угоди на другите за да им се допадне, кога премногу бара внимание, на пример кога е кловн во училницата или кога се труди да одбегнува детски лудории, однoсно се труди да е послушно и повеќе од умерено. Кога децата чувствуваат дека се важни такви како што се, не чувствуваат потреба да се менуваат себеси со цел да добијат љубов. Зборувајте им дека се најдобрите и најубави магични суштества на земјата, бидејќи во тоа што веруваат, тоа и ќе постанат.

Како да израснеме деца кои нема да осудуваат

Ќе го отворам параграфот со една мудра мисла од Мајка Тереза,  – Ако ги осудуваш луѓето, немаш време да ги сакаш. Сите ние во даден момент сме биле таму, ги осудуваме луѓето според нашите стандарди, морали, идеали и принципи – според тоа како се облекуваат и изгледат,  каде живеат и работат, па се до начинот на кој го водат својот приватен живот и како го поминуваат своето слободно време. На прашањето, зошто луѓето им судат на другите, ќе добиеме одговор дека судењето е природен инстинкт, им судиме на другите луѓе околу нас бидејќи тие изгледаат, звучат или се однесуваат поинаку од нас. Тоа е примарен инстинкт да ја браниме нашата територија, при што реагираме со борба или со бегство, и ова можеби имало смисла за пештерските луѓе кои требало да ги заштитат своите области на живеење, но денес тоа оди на многу подлабоко ниво. Главните причини за судењето на другите се недостаток на разбирање, различни перцепциони гледишта од сопствено искуство или воспитување и недостаток на емпатија и сочувство. Перцепциони гледишта и недостатокот на емпатија се во голема мера научени и изградени врз однесувањето што произлегува од нашето детство и воспитување. Како родители и старатели имаме одговорност да ги учиме нашите деца за разликите, да ги едуцираме за другите луѓе кои според нешто се поразлични од нас, за да имаат вистинско разбирање и да ја изградат на цврсти темели својата емпатија, сочувство, прифаќање и отвореност на умот. Постојат различни начини како ние можеме да ги научиме нашите деца да не осудуваат. На пример, изложете ги на интеракција со луѓе и деца кои имаат поразличен животен пат од нивниот. Дозволете им на вашите деца да се запознаат со повеќе различни култури, употребувајте неосудувачки јазик, објаснете им ја разликата помеѓу вашето мислење и факти, разговарајте со децата за повеќе различности, за различни религии, култури, појави, болести, животни избори и начини на функционирање. Ако овие работи не им се непознати, тие ќе ги препознаат различностите и ќе ги перцепираат како дел од секојдневното нормално функционирање, а со тоа и нема да ги осудуваат сите кои се поразлични од нив. За да им помогнеме во целост да го отфрлат осудувањето и да израснат во толерантни, самоуверени, резилиентни и емоционално интелигентни деца, бара од нас да ги редефинираме работите кои ни се важни на нас, во сегашниот момент и во иднина. На крај, нели децата најдобро учат од примери и тие ќе имаат многу примери на својот пат, но токму вие сте примарниот и најдобар пример за нив. Бидете современи херои во очите на своите деца!

ПОТТИКНЕТЕ ЈА ЕМОЦИОНАЛНАТА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА КАЈ ВАШИТЕ ДЕЦА!

Емоционалната интелигенција е многу важна во воспитувањето на децата, и честопати многу занемарена. Иако, многу внимание се посветува на знаењето и учењето на нови вештини, емоциите се оставаат настрана. Многу трендови во воспитувањето на децата се движат во насока на развој на емоционална интелигенција, и тоа со добра причина. Овие неколку совети можат да ви бидат од голема корист. 1.Погледнете го светот низ очите на детето Со други зборови, ставете се во негова позиција и обидете се да ја видите големата слика од страната на детето. Почитувајте ги чувствата и мислењата на детето. Ова не мора да значи дека се согласувате со него, туку дека го почитувате како личност. Доволно да го искажете чувството што го има детето во тој момент, да му дадете до знаење дека знаете што чувствува и размислува. Како ова и помага на емоционалната интелигенција: Кога детето се чувствува прифатено, тоа создава емоционални врски во мозокот што подоцна детето ги користи за да се утеши во тешки моменти. Децата развиваат емпатија (чувство за другите луѓе) учејќи од вас. Им помагате на децата да се справат со своите чувства и да ги запознаат. Дефинирањето на емоциите е многу важно за нив. 2.Дозволете му на детето да ги покаже своите емоции Прифатете ги емоциите на вашето дете наместо да ги игнорирате или да не ги забележувате. Ако не ги прифаќате неговите емоции, детето чувствува дека не се добри и се обидува да ги сокрие. Ако не му покажете на вашето дете дека се грижите за неговата тага или страв, тоа нема да престане да чувствува, но ќе ја потисне и тагата и стравот. Емоции кои се потиснати го оптоваруваат детето затоа што тоа не може да ги разбере. Затоа е важно да му дозволите на детето да ги покажува своите емоции и да го охрабрите да го стори тоа. Како ова и помага на емоционалната интелигенција: Вашето прифаќање му помага на детето да ги разбере сопствените емоции, што на долг рок го развива детето во емоционално зрела личност. Прифаќајќи ги емоциите на вашето дете, му давате до знаење дека неговите емоции не се лоши или негативни, туку спротивното – дека лесно може да се справи со нив, без разлика дали се позитивни или негативни. 3.Научете го вашето дете само да пронајде решение Научете го вашето дете да се справи со своите чувства без бурно реагирање. Кога децата се чувствуваат разбрани, полесно им е да ги надминат тешките мисли. Ова отвора простор за решавање на проблеми. Понекогаш децата можат сами да се справат со тоа, а понекогаш им е потребна и наша помош. Не се форсирајте да го решите проблемот со детето, бидејќи тоа може да испрати порака дека не му верувате. Верувајте му и бидете подготвени да помогнете кога ќе ве прашаат. Како ова и помага на емоционалната интелигенција: Децата мора да знаат како да се справат со емоциите, но мора да знаат и како да најдат конструктивно решение за проблем што ги мачи. Ова бара вежба и голема помош од вас како родители. Само прифаќањето на емоциите  на вашите деца не е секогаш доволно за да ги научите да се справат со нив, иако е прв чекор. Покажете им како да се справат со одредени емоции и како да ги толкуваат. Користете се себе за пример и модел. На секое дете му треба помош за да научи да се справува со емоциите без агресија кон другите. 4.Играта е од големо значење за секое дете Кога ќе забележите негативен тренд во однесувањето на вашето дете, сфаќате дека нешто веројатно го мачи. Понудете му да му помогнете. Не мора секогаш да е разговор, но можете да го решите преку игра. Претворете ја потенцијално тешката ситуација во игра и шега. Како ова и помага на емоционалната интелигенција: Децата полесно учат преку игра. Ова им олеснува да ги покажат своите чувства и да се справат со нив. Некои чувства тешко се изразуваат со зборови, дури и за нас возрасните. Но, со играта можеме да постигнеме многу. Можеме да го решиме проблемот и без да зборуваме директно и конкретно за тоа. Смеењето го стимулира лачењето на хормонот на среќата. Искористете го овој факт и смејте се колку можете повеќе со Вашите деца, направете позитивна атмосфера во домот.

Соопштување на деца за болест и смрт на близок член од семејството

Дали е правилно да ги премолчуваме  непријатните ситуации, болести и проблеми пред децата? Криењето на одредена болест во тајност само го отежнува соочувањето на детето со истата. Мора да се знае дека е невозможно и не е препорачливо да се задржи тајна за постоење и лекување, или пак можен фатален исход, дури и пред децата. Треба да се соопшти вистината, секако со ублажено и пристапно објаснување соодветно на возраста. Исклучително е важно родителот да ја сподели информацијата со своето дете, но секако на начин на кој тоа ќе може полесно да го разбере, за да не се чувствува отфрлено и исклучено. Доколку не се разговара  со децата, не им се даваат одговори, тие ќе креираат фантазматски сценарија во својата глава кои некогаш се далеку пострашни од реалноста или пак вистината, а  нивото на стрес и анксиозност ќе им се зголемува. Децата секогаш знаат и чувствуваат повеќе од колку што мислат возрасните. Траумите секако имаат влијание врз развојот, но какво влијание имаат премолчените работи кои порано или подоцна ќе излезат на виделина? Децата на кои родителите им ја премолчеле својата борба, и го завршиле својот живот оставаат вечно неодговорени прашања, чувство на казнување, чувство на вина и отфрленост, но и интензивна лутина и мисла дека се немало шанса да се направи доволно за нив. Дали може да се измери силината на траумата, кој повеќе страда и кој полесно преболува, оној што знаел за болеста на родителот или оној што се соочува со вистината на анеговата смрттна постела? Полесно преболува тој кој со време знаел за болеста на родителот и има повеќе одговори, нема момент на изненадување и има шанса за повеќе контакт и збогување со него. Дали секогаш треба да се оди на опција чиста вистина, во смисла брутално да му се прикаже сликата на детето дека неговиот родител најверојатно ќе умре за некој месец, или подобро е да се маскираат нештата, со доза лажна надеж постепено да се дојде до фаталната вистина? Лажна надеж не препорачувам во никој случај, само реална слика во која би се објаснило најдобриот и најлошиот можен тек на болеста со последиците. Децата немаат когнитивни способности како возрасните и мора да им се помогне во процесот на разбирање на ситуацијата, а треба да се одвива во сетинг со заштитеност и сигурност. Јасни објаснувања без апстрактни поии,  да нема можност да се фантазира доколку недостасуваат информации. Кој е можеби најсоодветен начин за детето да се подготви за фактот дека некому е загрозен животот? Тешки болест со ризик за најнепосакуваниот исход со завршување на човечки живот никогаш не треба да се премолчуваат. Огромен процент од родителите кои премолчувале за започнувањето на болеста, во подоцните периоди, кога аспектите на болеста кај родителот ќе станат поинтензивно видливи, жалат за затвореноста и исклучувањето на своето дете. Како што постојат фази во оджалувањето на настанување на смрт кај ближен, така има и фази на прифаќање на одредено тешко заболување или состојба. Како кај возрасните, така и кај децата. Зборување за истото го спречува изненадниот шок во некои ситуации, му дава на детето можност за делумна припрема на следствените непријатни и болни настани. Мора да се напомене дека соопштување на болни информации на детето и негово прифаќање на истите, многу зависи од пристапот на возрасниот/родителот. По искажување на информацијата со зборови кои треба да се одберат согласно возраста на детето, треба да му се даде простор и поттик да ги искаже своите емоции и да ги постави сите прашања на кои сака да има одговор. Истовремено треба да постои систем на поддршка на детето и да се чувствува дека има кој да го заштитува и да се грижи за него. Информациите секогаш треба да се едноставни, вистинити, јасни и кратки. Што треба да ни влијае при пристапот како и дали ќе ја соопштиме вистината за болеста? Дали возраста прави разлика? Секако дека возраста е значаен фактор. На мали деца од 2-8 години не им требаат многу детални податоци, но деца над 9 год и тинејџери треба да знаат повеќе за било која непријатна ситуација, настан или болест. Што и да се случува во семејството, детето треба да знае за промената на организацијата и динамиката во домот. Доколку станува збор за хоспитално лекување на родителот, кај детето може да се очекува да се развие сепарациона анксиозност. Малите деца тешко ја поднесуваат сепрацијата од родителот и во нормални околности, а уште потешко пак кога родителот заминува во болница.Мора да му се објасни кој ќе се грижи за него во тој период, тоа да биде блиска личност во која детето има доверба, и колку што може повеќе да му се покажува грижа, внимание и достапност за разговор во процесот на адаптација при сепрацијата со родителот. Ако постои можност за посети и телефонски разговори, секако да се прават. Ако родителот кој е болен и се чувствува емотивно преплавено од помислата за соопштување на таква информација на своето дете, подобро е тоа да го направи друг член од семејството. Тоа не значи дека родителот е лош, туку дека одбрал помалку стресен начин за своето дете и за него во тешките моменти. Децата реагираат различно на болести и смрт, но секако треба да се очекува  интензивна тага, збунетост и страв. Важно е да се знае дека на детето му е потребен период на адаптација и дека за процесот е потребно време. Односно, ќе бидат потребни повеќе од еден разговор со него. Никогаш не треба да се го игнорира слонот во собата.  Ако детето не зборува на глас, не значи дека не е преплавено од тага. Во ред е да се плаче пред него, и да се покажуваат и изразуваат емоциите,така му се покажува дека не е само во својата тага. Тоа овозможува заедничко тагување, и за тешка болест или несреќа  во семејството, а особено за смрт на близок. Кај децата и тинејџерите во вакви периоди може да се очекуваат и забележат отстапки во однесувањето на училиште, затвореност во комуникацијата, попуштање со оценките, конфликти и агресивно однесување и слично. Тие често и помислуваат дека имаат накаква вина или удел во разболувањето или смртта на родителот, и таа мисла мора