ПРЕПОЗНАВАЊЕ НА РИЗИК ФАКТОРИ И ЗНАЦИ КАЈ ЛИЦАТА КОИ РАЗМИСЛУВААТ ЗА САМОУБИСТВО
Самоубиството претставува чин на одземање на сопствениот живот. Тоа е страшна трагедија како за поединците така и за нивните семејства. Луѓето без разлика на својот пол, етникум, возраст или социјален статус може да бидат подеднакво изложени на ризик. Самоубиствените мисли и однесување се сложени и не постои универзална и единствена причина за нивна појава. Постојат повеќе фактори кои може да го зголемат ризикот. Некои од нив се: Депресија или други ментални нарушувања особено доколку не се третирани Злоупотреба на алкохол или психоактивни супстанци Предходни обиди за самоубиство Семејна историја на ментални нарушувања, обиди за самоубиство или самоубиство Изложеност на семејно насилство во моментот или во минатото Сексуална злоупотреба во моментот или во детството Сериозна хронична или неизлечива болест, или изложеност на долготрајна интензивна болка Ненадејни стресни и трауматични ситуации како загуба на сакана личност Стресни животни ситуации особено доколку се долготрајни. Повеќето луѓе кои се изложени на овие ризик фактори нема никогаш да посегнат по сопствениот живот, но добро е да се знае и доколку се појават некој од предупредувачките знаци потребно е веднаш да се сфати крајно сериозно и да се интервенира. Не постои типичен модел на однесување карактеристичен за некој кој размислува да си го одземе својот живот, но постојат вообичаени знаци на предупредување. Разговори во кои се зборува за чувството на празнина, безнадежност и немање причина за живот Често зборување или размислување за смрт како и изразување на желба за истото Чувство на заробеност и неможност да се најде решение за ситуацијата Чуство на неподнослива емоционална болка Преголемо чувство на вина во секојдневни ситуации во кои не постои причина за истото како и чувство дека пречите или сте товар на другите Социјална изолација Разговори кои наликуваат на збогување Ризично и неодговорно однесување кое е животно загрозувачко. Други сериозни предупредувачки знаци дека некој може да биде изложен на зголемен ризик за да изврши самоубиство се: Невообичаени промени во однесувањето кои можеби не изгледаат поврзани со чувство на безнадежност или депресивност. Можно е да се забележи дијаметрално различно однесување од вообичаеното за некоја личност, како на пример некој кој предходно бил љубезен и смирен да покажува лутина и агресивно однесување или пак некој кој бил тажен и депресивен одеднаш да стане смирен и навидум среќен. Може да се сретнат и други промени како што е зголемена злоупотреба на алкохол или психоактивни супстанци како и чести нагли промени во расположението. Не е невообичаено да се сретнат промени во спиењето како прекумерно спиење и воопшто потешкотии во будењето од една страна или пак неможност да се заспие и да се влезе во длабок сон поради што личноста чувствува голем замор во текот на следниот ден. Емоционално дистанцирање односно повлекување од контактите со другите луѓе, рамнодушни реакции дури и во емотивни ситуации како и губење на интерес за вообичаени активности како и активности во кои претходно се чувствувало задоволство. Физичката болка исто така може да биде еден од симптомите на депресија. Често се сретнува хронична болка во телото, главоболки или проблеми со дигестивниот систем без конкретна органска причина за истата. Семејството и блиските пријатели се вообичаено првите кои можат да ги препознаат предупредувачките знаци кои се јавуваат и тие се оние кои ќе го направат и првиот чекор кон помагање на саканата личност да побара третман за своето ментално здравje. Доколку се сомневате дека некој ваш близок размислува за самоубиство добро е да поразговарате отворено за вашата загриженост со таа личност. Разговорот може да го започнете поставувајќи прашања на неосудувачки, неконфронтирачки начин, без да се плашите и поставувајќи и директни прашања. Обидете се за време на разговорот да останете смирени со еден смирувачки тон и не се обидувајте да ги негирате или минимизирате нивните чувства. Понудете им поддршка и охрабрете ги да побараат помош. Ислушувањето и поддршката се и најдобриот начин за да помогнете.
СЕКОЈ СОН ИМА ПОРАКА ЗА СОНУВАЧОТ
Секој сон има порака за сонувачот. Сонот е кралски пат кон интегрираноста. Сонот е важна комуникација со себе и е најспонтаната работа што човекот ја прави. Според Фриц Перлс основачот на Гешталт теоријата, соновите претставуваат незавршени ситуации кои ни нудат егзистенцијални пораки кои се однесуваат на нашиот идентитет, сегашни конфликти и борби во себе. Во нив се откриваат чувства кои се скриени и потиснати од свесноста на личноста. Сонот е рефлексија на несвесното, во него се јавува човековата емоционална вистина. Човекот е сам креатор на своите соништа и тие се најспонтаната работа што ја прави. Сонот е кралски пат кон интегрираноста. Со тераписка работа преку сон, личноста ги гледа своите испроектирани и отфрлени делови од себе и со помош на водството од терапевтот ги реинтегрира. Во гешталт психотерапијата соништата не се интерпретираат, туку се оживуваат. Тие не се преведуваат во смислени целини користејќи некој симболички концептуален систем. Во гешталтистичката теорија, сонувачот има уникатен и личен симболизам кој важи исклучиво за него. Клиентот го носи сонот во „Овде и Сега’’, го раскажува и повторно го доживува во сегашноста, го актуелизира. Сите делови од сонот се фрагменти на клиентот, и се истражуваат дел по дел, започнувајќи од најприоритетните. Потребите се рангираат и се манифестираат хиерархиски во зависност од важноста за клиентот. Конфликтите кои се на врвот на хиерархијата во внатрешниот свет на личноста, ќе се појавуваат постојано како повторувачки сонови се додека не се обработат и разрешат. Секој сон носи порака за сонувачот, која треба да се прочита, тој претставува важна комуникација со себе. Работата на терапевтот не е во насока на интерпретација и толкување на сонот туку да даде насока кон важните делови од него кои клиентот ги избегнува, ги потиснува. Личноста ги проектира своите мисли, чувства, зборови и емоции на други ликови од сонот или на некој објект во него. Со влегување во улогата на некој од деловите во сонот, клиентот искуствено истражува, доживува емоции, добива нови перспективи и свесности. Секој дел од сонот е личен на сонувачот, тој го создава и има значење за него. На пример, ако личноста сонува дека некој ја брка во некое поле, терапевтот може да сугерира да застане и да започне дијалог со прогонителот и да ги добие одговорите на поставените прашања. Потоа, клиентот може да влезе во улога на прогонителот и да ја истражи и таа позиција од која ќе добие нова перспектива, нова свесност и откритие за себе. Работата со сонови во психотерапијата е многу интересен и креативен процес, преку кој може да се запознаете себеси, да работите на својата интегрираност, недовршени работи, конфликти и процеси во себе. Сонот е одлична алатка за експлорација, работа на себе и личен раст и развој, која често и успешно се употребува во психотерапискиот процес.