Neocortex

ПАСИВНО-АГРЕСИВНО ОДНЕСУВАЊЕ

Пасивно-агресивно однесување е она кое вклучува индиректно агресивно дејствување, наместо директно. Пасивно-агресивните луѓе  покажуваат отпор кон барањата на други лица, често со одложување, или тврдоглаво постапување.  Негативните чувства суптилно ги изразуваат преку своите постапки, наместо да се справуваат со нив на отворен и директен начин. Ова делува конфузно за останатите, бидејќи постои несовпаѓање помеѓу она што го вербализираат со она како постапуваат. Тоа може да се манифестира на многу различни начини. Некој што е пасивно агресивен може да покаже отпор кога ќе биде замолен да стори нешто, најчесто преку одложување, несогласување или опозиционалност. Често се случува да одбијат да бидат емотивно отворени – дури и кога е очигледно дека се вознемирени,  ќе инсистираат на тоа да ве убедат дека се добро, завршувајќи го понатамошниот разговор. Често се случува да измислат најразлични изговори за да одбегнат средба со одредени луѓе. Интерсно е тоа дека тие ни самите не се свесни за своето однесување. Пасивно-агресивното однесување се смета за доста деструктивна форма на однесување која може сериозно да ги наруши  односите меѓу луѓето во семејното функционирање, љубовните релации, па дури и на работното место. Најчесто пасивно агресивните луѓе се сметаат за груби, тврдоглави, невнимателни, мрзеливи и манипулативни, но кога подобро би ги виделе можните причини за ваквото нивно однесување, можеби би имале и поголемо разбирање. Постојат неколку фактори што може да придонесат за ваквото однесување. Воспитувањето во средина  каде што директното изразување на емоциите било обесхрабрено или недозволено,  може да доведе до чувство на неможност или забрана за изразување на своите вистински чувства на поотворен и директивен начин, и тоа да доведе до изнаоѓање на алтернативи, пасивно да се експресираат лутината или фрустрацијата. Во одредени ситуации кога прикажувањето на одредени чувства не е социјално прифатливо, како на пример во работна атмосфера, се зголемува можноста да се одговори на прикриен, односно пасивен начин. Пасивното агресивно однесување обично се активира од желбата да им се допаднете на луѓето. Причините вклучуваат желба за зачувување на мирот, избегнување грешки, обид да се изгледа посамоуверено и поавторитативно, или пак поради присуството на стравот од одбивање или критика. Често е полесно да се препознае однесувањето кај другите, отколку кај себе. Ова би биле некои од прашањата кои ќе помогнат да го препознаеме и освестиме сопственото однесување: Дали честопати се наоѓате себеси како критикувате и озборувате кога сте незадоволни со некој? Дали избегнувате луѓе од кои сте вознемирени? Дали имате чувство дека не сте ценети доволно? Дали некогаш престанувате да разговарате со луѓе кога сте лути на нив, без да им кажете што ве навредило? Дали го одложувате извршувањето на задачите како начин да ги казнувате другите? Дали понекогаш користите сарказам и критика за да избегнете вклучување во значајни разговори? Доколку прпознавате дека имате тенденција да се однесувате пасивно агресивно, постојат чекори што можете да ги превземете за да го промените односот со другите. Еве неколку начини: Подобрете ја вашата самосвесност. Препознајте и разберете зошто сте вознемирени или што е она што чувствувате. Започнете да обрнувате внимание на она што се случува внатре во вас додека реагирате на различни луѓе и ситуации. Дајте си време да направите промени. Препознавањето на сопственото однесување е првиот чекор кон промена, но промената на вашите обрасци и реакции може да потрае некое време. Затоа бидете упорни и трпеливи. Вежбајте како да се изразувате. Разбирањето на вашите емоции и учењето соодветно да ги искажувате своите чувства е важен чекор кон ставање крај на пасивно-агресивно однесување. Понекогаш конфликтот е неизбежен дел од животот, но доколку знаете на асертивен начин да ги кажете своите чувства и да ги поставите своите граници, тоа би можело да донесе подобри резултати во иднина. Пасивно-агресивното однесување може да биде деструктивно, и голема е веројатноста на моменти секој од нас да препознае таков начин на однесување кај себе. Но, со подобро разбирање на нашите чувства и што е она што ги предизвикува, би можеле подобро да се справиме со нив и на тој начин да ги минимизираме потенцијалните штети врз нашите односи со другите.

Семејството како поддршка на лицата кои се соочуваат со депресија

Што е депресија? Депресијата е нарушување на расположението кое предизвикува постојано чувство на тага и губење интерес, нарушување во когнитивните процеси и однесувањето, и може да доведе до различни емоционални и физички проблеми. Депресивните знаци и симптоми  може да варираат од личност до личност, но постојат карактеристични симптоми за оваа состојба: чувства на тага, празнина, безнадежност, раздразливост или фрустрација, дури и за мали работи; губење интерес или задоволство за повеќето или за сите нормални активности, во кои личноста претходно уживала; растроено спиење, односно несоница, или хиперсомнија-премногу спиење замор и недостаток на енергија, па дури и малите задачи предизвикуваат дополнителен напор; промени во апетитот – намален апетит и губење на тежината или зголемена желба за храна и зголемување на телесната тежина; анксиозност, вознемиреност или психо-моторна агитираност; забавено размислување, зборување или движења на телото; чувство на безвредност или вина, фиксирање на минати неуспеси или претерано себеобвинување; когнитивни потешкотии, односно пад на концентрација, фокус, внимание и меморија; неодлучност и несигурност, и пад на професионалната ефикасност; психосоматски тегоби, болки во глава, грбот, згрченост на телото и слично; социјална изолираност и повлекување; суицидални идеации, односно, често или повторувачко споменување и размислување за бесмисленоста на животот, самоубиствени мисли, па дури и обиди за самоубиство. Многу често луѓето кои се соочуваат со депресија нема да може да ги препознаат знаците, мислејќи дека тоа што им се случува е сосема нормално или пак симптомите ќе ги препишат на некоја друга здравствена состојба. Исто така, често луѓето се чувствуваат засрамени од својата депресија и погрешно веруваат дека треба да можат да ја надминат самите без да побараат помош. Но, депресијата ретко се подобрува без третман од стручно лице, доколку станува збор за некоја од потешките форми и со продлабочена симптоматологија Соочувањето со депресија кај еден член во семејството ќе ги афектира сите останати членови. Можно е да се јават голем број на прашања и измешани чувства, како што се вина, лутина, страв, безволност, загриженост, паника и слично. Навистина е измачувачки да гледате како некој ваш близок минува низ тешки моменти, но добро е да се знае дека вие како блиска и важна личност во нивниот живот, можете да им помогнете да направат позитивни промени кои ќе ја подобрат нивната состојба. Што може да сторите? Разговарајте со личноста за промените кои сте ги забележале и зошто сте загрижени. Објаснете дека депресијата е медицинска состојба, а не личен недостаток или слабост – и дека се подобрува и успешно третира со соодветен третман. Предложете да побарате помош од професионалец за ментално здравје, како што е лиценциран психолог, психотерапевт или психијатар. Изразете ја вашата подготвеност да помогнете со закажување на преглед или сесија, одење заедно со нив и присуство на сесиите доколку тоа и одговара на личноста. Колку повеќе знаете за депресијата толку подобро ќе можете да помогнете, затоа би било од корист доколку се информирате од стручно лице во однос на дијагнозата, симптомите, третманот и прогнозата на вашиот близок. Вие може да играте клучна улога во третманот и закрепнувањето на личноста, бидејќе ја познавате добро и може да ги препознаете симптомите и да видите дали лековите и третманот помагаат, а потоа да го известите стручното лице за сите промени кои ќе ги забележите. Бидете подготвени да слушате. Покажете и на личноста дека сакате да ја разберете како се чувствува, ислушајте ја кога ќе сака да зборува, внимателно слушајте, но избегнувајте да давате совети, мислење и проценки доколку не ви се побарани и не сте сигурни во истите дека би помогнале. Само слушањето и разбирањето понекогаш можат да бидат моќна алатка за лекување.  Дајте позитивна рефлексија. Луѓето со депресија имаат тенденција да се престроги кон себе и да најдат грешка во сè што прават. Потсетете ги за нивните позитивни квалитети и колку таа личност ви значи на вас и на другите.  Понудете помош. Личноста која се соочува со депресија можеби нема да може добро да се грижи за одредени задачи. Дајте предлог да превземете дел од обврските. Создавање редовна рутина може да помогне личноста да чувствува помал стрес и поголема контрола над својот живот. Понудете да направите распоред за оброци, лекови, физичка активност и спиење, и помогнете во организирање на домашните работи. Направете заеднички планови. Иницирајте заедничка прошетка, гледање филм или некоја друга активност во која претходно личноста наоѓала задоволство. Но, не обидувајте се да ја присилите да прави нешто доколку не сака. Секое инсистирање може да доведе до зголемено чувство на вина и засилен отпор.  Бидете трпеливи. Симптомите на депресија се подобруваат со третманот, но тоа може да потрае. За некои луѓе, симптомите брзо се подобруваат по започнувањето на третманот. За другите, тоа ќе трае подолго.  Секогаш земете ги крајно сериозно изјавите поврзани со самоубиствени или самоповредувачки мисли и веднаш побарајте помош, дури и тоа да е спротивно со желбата на самата личност! Запомнете, присуството на некој покрај вас додека страдате и се борите, дава чувство на безбедност кое е од исклучителна важност во целиот процес на третман и лекување.

ДИСЛЕКСИЈА-ПРЕДИЗВИК ЗА ДЕЦАТА И РОДИТЕЛИТЕ!

Дислексијата е специфична потешкотија во учењето која има невробиолошко потекло коешто се карактеризира со тешкотии во правилно и флуентно препознавање на зборовите, проблеми во спелувањето и проблеми со способности за декодирање. Потешкотијата кај децата со дислексија потекнува од неможноста да се воспостави конекција меѓу гласовите и пишаните симболи-буквите. Дислексијата е состојба при која мозокот различно ги процесира говорниот и пишаниот јазик. Улогата на родителот е од есенцијална важност во поддршката на детето со дислексија. Постојат голем број на активности кои родителите би можеле да ги изведуваат со цел да му помогнат на своето дете: Слушајте аудио книги и оставете го вашето дете да чита со нив. Бидете сигурни дека детето поминува некое време читајќи само, тивко и гласно. Прочитајте ги омилените книги неколку пати, на тој начин ја зголемувате самодовербата на вашето дете кога е во прашање учењето. Наизменично читајте на глас, тоа можеби да биде некој текст со интересна содржина, на тој начин детето создава позитивна слика за себе. Зборувајте за приказните што ги читате заедно и поставувајте прашања од типот: „Што мислиш дека ќе се случи следно?“ Обидете се домашните задачи да се спроведуваат во средина која е соодветна на стилот на учење на детето. Ако детето преферира музика, тогаш дозволете да учи со музика. Направете визуелен распоред за извршувањето на обврските во текот на денот. Охрабрете го вашето дете да се занимава со активности во кои ужива. Дозволете му на детето да избере активност што не вклучува пишување и читање, без разлика дали станува збор за музика, цртање или некој спорт. Помогнете му на детето да развива сопствени стратегии за учење. Доколку забележите дека детето е премногу под стрес поради учење, се соочува со ниска самодоверба, задолжително побарајте помош од стручни лица и во никој случај не го игнорирајте тој проблем. Честите грешки во читањето, пишувањето, и генерално во училишните активности, кои најчесто се прилагодени на останатите деца во одделението, прават децата со дислексија да не се чувствуваат рамноправно со другите деца во одделението. Тоа доведува до фрустрација и чувство на инфериорност кога се споредуваат со другите деца. Ако тоа трае подолг временски период, тие започнуваат да се перцепираат самите во негативно светло. Затоа е важно на децата да им се помогне да сфатат дека дислексијата не е негативна карактеристика, и треба да им се објасни дека тоа не е болест, туку едноставно дека нивниот мозок работи на поразличен креативен начин. Разговарајте со вашето дете на темата дека ниеден човек не може да биде способен за секоја задача или вештина и дека сите луѓе имаат одредени способности и слабости. Давајте им примери на други дислексични лица кои станале славни и успешни во одредени сфери и покрај нивната дислексија. Секогаш потенцирајте ги нивните способности, и имајте разбирање и поддршка во работата со нивните предизвици!

ТЕХНИКА НА ДИШЕЊЕ ЗА НАМАЛУВАЊЕ НА АНКСИОЗНОСТА И СТРЕСОТ

Кога личноста е под стрес, дишењето станува, плитко, брзо и се одвива високо на ниво на градите. Појавата на хипервентилација е честа кога личноста има анксиозност или паничен напад. Kога има опуштеност, се дише потполно и подлабоко, од стомакот. Тоа дишење се вика абдоминално и доведува до длабоко релаксирање на телото и стишување на умот. Истото е потребно да се практицира за да се стимулира парасимпатичкиот дел од нервниот систем кој ќе донесе смирување на вегетативната симптоматологија. Техниката има три дела и оди вака: – Седнете удобно или легнете, и ставете ја едната рака на вашиот стомак, а другата на вашите гради. Направете вдишување преку нос, подигнувајќи го стомакот прво, а потоа градите, и броејќи во себе до 4.  Задржете го вдишениот воздухот неколку секунди во себе, ако можете 4 како и при вдишувањето. Почнете полека да издишувате низ уста, обидете се да е подолго од вдишувањето околу 7-8 секунди, при што го испуштате воздухот прво од градите, па потоа го празните стомакот. Обратно од делот со вдишувањето. Дополнително со секое вдишување во себе може да си кажете во себе „Вдишувам мир и храброст’’, или која и да било афирмативна порака која вие е во моментот потребна. Оваа техника правете ја од 3-5 минути. Ако почувствувате блага вртоглавица додека ја правите вежбата, таа ќе мине само направете пауза во техниката од околу 20-30 секунди. Техниката за абдоминално дишење е пожелно да се практицира по неколку пати во денот, секојдневно и препорачливо во исто време со цел да стане навика после неколку недели.