Различната сексуална ориентација кај адолесцентите

Која е разликата помеѓу сексуална ориентација и родов идентитет? Развојот на сексуалниот идентитет е сложен и мултидимензионален процес, во кој треба да се земат во предвид когнитивните, социјалните, емоционалните, семејните, културолошките аспекти и секако искуството на самиот поединец. Родовиот идентитет и сексуалната ориентација луѓето честопати ги мешаат. Родовиот идентитет ги опишува родовите, односно лица чиј родов идентитет одговара или не одговара со нивниот биолошки пол. Сексуалната ориентација пак се однесува на привлечноста кон другите луѓе, и тоа физичка, емоционална, сексуална и романтична привлечност. Тука разликуваме привлечност кон спротивниот пол, кон истиот пол или и кон двата пола подеднакво. Колку често кај младите се појавува збунетост околу сексуалната ориентација? Во текот на адолесценцијата повеќето млади ќе ја доведат во прашање својата сексуална ориентација на еден или на друг начин. Ова претставува еден мошне збунувачки период за младиот човек бидејќи е сосема можно да се биде емотивно привлечен од едниот пол, но физички од другиот. Во овој период исто така често се случува да чуствуваат привлечност и емотивна и физичка кон спротивниот пол, но да чувствуваат во исто време огромна привлечност кон една личност од истиот пол. Младите може да бидат збунети од ваквите спротивставени чувства, па оттука велиме дека е сосема очекувана оваа нивна несигурност или амбивалнтност во врска со нивната сексуална ориентација. Во овој период не е невообичаено да младите експериментираат во однос на својата сексуалност. Истражувањата покажуваат дека некои млади уште од најраната возраст биле свесни за својата сексуална ориентација, но голем е бројот на оние чија сексуална ориентација воопшто не им била јасна за време на адолесценцијата и им биле потребни многу години да ја решат својата амбивалентност. Од друга страна пак голем е бројот на хетеросексуални возрасни кои може да се сетат на некои чувства на привлечност кон сопствениот пол за време на адолесценцијата. Што велат истражувањата во врска со сексуалната ориентација? Најновите истражувања покажуваат дека сексуалната ориентација е биолошки определена, но останува на поединецот да одлучи дали ќе ги потисне овие чувства или ќе ги реализира. Сепак е значајно да се каже дека потиснувањето или негирањето нема ниту да ја намали нивната моќ ниту пак ќе направи тие да исчезнат. Младите честопати како механизам на одбрана знаат да го користат негирањето или пак прикривањето на својата различна сексуална ориентација, што го зголемува ризикот за проблеми со менталното здравје како што е зголемената анксиозност, депресивност, суицидалност, злоупотреба на супстанци и сл. За адолесцентите кои пак се дел од етничкото малцинство ситуацијата е уште посложена. Тие имаат задача во исто време покрај сексуалниот да го развиваат и етничкиот идентитет, честопати соочени со стигматизација и критицизам на двојно малцинство. Што е тоа со што се соочуваат оние адолесценти кои се несигурни во врска со нивната сексуална ориентација? Стравот од тоа како ќе бидат прифатени од врсниците, семејството и пошироката околина ја зголемува анксиозноста кај адолесцентите. Тука постои страв од булинг и неприфаќање од страна на врсниците па често се забележува социјална изолација како механизам на одбрана. Социјалната изолација во оваа развојна фаза во која адолесцентот го гради својот идентитет преку групата врсници на која и припаѓа и со која со поврзува, знае да направи сериозна штета врз индивидуата во нејзиниот понатамошен развој. Затоа е особено важно во овој период адолесцeнтот да најде барем една личност за подршка со која ќе може да разговара и од која ќе биде прифатен со својата различност. Каква улога игра семејството кај ЛГБТИ младите? Семејството претставува клучен фактор кој може да му помогне на адолесцентот полесно да се соочи со сите предизвици кои ги носи неговата различна сексуална ориентација. Родителите би можеле да најдат поголемо разбирање, прифаќање и сочуство откако ќе разберат дека родовиот идентитет и сексуалната ориентација не се нешто што нивните деца намерно ќе го изберат. За родителите е важно да знаат дека нивниот родителски и воспитен стил нема никако влијание врз сексуалната ориентација на нивното дете. Додека некои родители добро ќе се справат со новата ситуација, кај други ова може да предизвика најразлични реакции од лутина па се до бес. Острите критики, неприфаќањето и обвинувањата служат само за создавање на дистанциран однос и отуѓување, а никако нема да направат промени во однос на сексуалната ориентација на нивното дете. Најдобро е ако родителите се обидат да најдат начин да ги стават настрана своите лични верувања и чувства со цел да им даваат на своите деца безусловна љубов и подршка во текот на овие чувствителни години.
ПРЕПОЗНАВАЊЕ НА РИЗИК ФАКТОРИ И ЗНАЦИ КАЈ ЛИЦАТА КОИ РАЗМИСЛУВААТ ЗА САМОУБИСТВО
Самоубиството претставува чин на одземање на сопствениот живот. Тоа е страшна трагедија како за поединците така и за нивните семејства. Луѓето без разлика на својот пол, етникум, возраст или социјален статус може да бидат подеднакво изложени на ризик. Самоубиствените мисли и однесување се сложени и не постои универзална и единствена причина за нивна појава. Постојат повеќе фактори кои може да го зголемат ризикот. Некои од нив се: Депресија или други ментални нарушувања особено доколку не се третирани Злоупотреба на алкохол или психоактивни супстанци Предходни обиди за самоубиство Семејна историја на ментални нарушувања, обиди за самоубиство или самоубиство Изложеност на семејно насилство во моментот или во минатото Сексуална злоупотреба во моментот или во детството Сериозна хронична или неизлечива болест, или изложеност на долготрајна интензивна болка Ненадејни стресни и трауматични ситуации како загуба на сакана личност Стресни животни ситуации особено доколку се долготрајни. Повеќето луѓе кои се изложени на овие ризик фактори нема никогаш да посегнат по сопствениот живот, но добро е да се знае и доколку се појават некој од предупредувачките знаци потребно е веднаш да се сфати крајно сериозно и да се интервенира. Не постои типичен модел на однесување карактеристичен за некој кој размислува да си го одземе својот живот, но постојат вообичаени знаци на предупредување. Разговори во кои се зборува за чувството на празнина, безнадежност и немање причина за живот Често зборување или размислување за смрт како и изразување на желба за истото Чувство на заробеност и неможност да се најде решение за ситуацијата Чуство на неподнослива емоционална болка Преголемо чувство на вина во секојдневни ситуации во кои не постои причина за истото како и чувство дека пречите или сте товар на другите Социјална изолација Разговори кои наликуваат на збогување Ризично и неодговорно однесување кое е животно загрозувачко. Други сериозни предупредувачки знаци дека некој може да биде изложен на зголемен ризик за да изврши самоубиство се: Невообичаени промени во однесувањето кои можеби не изгледаат поврзани со чувство на безнадежност или депресивност. Можно е да се забележи дијаметрално различно однесување од вообичаеното за некоја личност, како на пример некој кој предходно бил љубезен и смирен да покажува лутина и агресивно однесување или пак некој кој бил тажен и депресивен одеднаш да стане смирен и навидум среќен. Може да се сретнат и други промени како што е зголемена злоупотреба на алкохол или психоактивни супстанци како и чести нагли промени во расположението. Не е невообичаено да се сретнат промени во спиењето како прекумерно спиење и воопшто потешкотии во будењето од една страна или пак неможност да се заспие и да се влезе во длабок сон поради што личноста чувствува голем замор во текот на следниот ден. Емоционално дистанцирање односно повлекување од контактите со другите луѓе, рамнодушни реакции дури и во емотивни ситуации како и губење на интерес за вообичаени активности како и активности во кои претходно се чувствувало задоволство. Физичката болка исто така може да биде еден од симптомите на депресија. Често се сретнува хронична болка во телото, главоболки или проблеми со дигестивниот систем без конкретна органска причина за истата. Семејството и блиските пријатели се вообичаено првите кои можат да ги препознаат предупредувачките знаци кои се јавуваат и тие се оние кои ќе го направат и првиот чекор кон помагање на саканата личност да побара третман за своето ментално здравje. Доколку се сомневате дека некој ваш близок размислува за самоубиство добро е да поразговарате отворено за вашата загриженост со таа личност. Разговорот може да го започнете поставувајќи прашања на неосудувачки, неконфронтирачки начин, без да се плашите и поставувајќи и директни прашања. Обидете се за време на разговорот да останете смирени со еден смирувачки тон и не се обидувајте да ги негирате или минимизирате нивните чувства. Понудете им поддршка и охрабрете ги да побараат помош. Ислушувањето и поддршката се и најдобриот начин за да помогнете.
МЕНАЏИРАЊЕ НА ЛУТИНАТА И БЕСОТ
Лутината претставува нормална, здрава емоција, која не ја дефинираме ниту како добра ниту како лоша. Како и секоја емоција, таа се обидува да ни пренесе некаква порака, укажувајќи дека ситуацијата во која се наоѓаме е вознемирувачка, неправедна или заканувачка. Таа може да биде резултат на нешто што ни се случило, нешто што некој го кажал или направил, или нешто што го паметиме од минатото. Таа може да ни помогне или да повреди, во зависност од тоа како реагираме кога сме лути. Корисно е кога треба да се заштитиме или кога таа не мотивира да ги промениме работите кои не ни се допаѓаат. Но, кога таа преминува во бес тоа може да ве натера да изреагирате на начини кои се несоодветни и со тоа да си наштетите себеси или на некој друг. Можеби сте убедени дека покажувањето на гневот е корисно и здраво, дека луѓето кои се околу вас реагираат премногу чувствително, дека вашиот бес е оправдан или дека понекогаш треба да го покажете својот бес за да добиете почит од останатите. Но, вистината е дека хроничното присуство на лутина и бес може да има сериозни последици за: -Физичкото здравје и да ве направи подложни на срцеви заболувања, дијабетес, ослабен имунолошки систем, несоница и висок крвен притисок. -Менталното здравје, бидејќи троши огромна количина на ментална енергија и може да резултира со потешкотии во размислувањето, ја отежнува концентрацијата и го намалува уживањето во животот. Исто така, може да доведе до стрес, депресија, анксиозност и други проблеми со менталното здравје. -Лутината може да предизвика потешкотии во односите со луѓето , па дури и оние кои ви се најблиски и најмногу ги сакате. Да ги разниша пријателствата, и да влијае дури врз вашата кариера. Експлозивното покажување на гневот им отежнува на другите да ви веруваат, да зборуваат искрено или да се чувствуваат пријатно во ваше присуство. Многу луѓе имаат мислење дека менаџирањето или управувањето со лутината е да се научи како таа да се потисне. Меѓутоа вистинската цел не е да се потисне чувството на лутина, туку да се разбере пораката што стои зад емоциите , и да се изрази на здрав начин без да се изгуби контрола над своите постапки. Некои од техниките кои би можеле да помогнат се: Примена на техниката на абдоминално дишење Физичката активност како што е редовно вежбање е начин кој помага да го подобрите расположението и да се ослободите од напнатоста и лутината. Избегнувајте употреба на алкохол и психоактивни супстанци, бидејќи тоа може да направи да бидете помалку толерантни на фрустрации. Конзумацијата на овие супстанци и нивната злоупотреба, може да ги олабави вашите инхибиции за да кажете или да направите нешто што нормално не би го направиле. Побарајте поддршка од другите. Разговарајте за вашите чувства и обидете се да работите на промени во вашето однесување. Ако имате проблем да сфатите кога и од која причина се појавува лутината, водењето дневник може да помогне, да откриете што е она што ве тригерира во одредени ситуации. Обидете се да се ставите на место на личноста која ја потикнала лутината кај вас, на тој начин може да добиете поинаква перспектива. Научете се почесто да го користите хуморот како средство за менаџирање на лутината и бесот, особено хуморот на своја сметка. Научете активно да слушате. Слушањето може да помогне во подобрувањето на комуникацијата и може да изгради чувства на доверба меѓу луѓето. Оваа доверба може да ви помогне да се справите со потенцијално непријатните емоции. Корисна комуникациска вежба е да кажете некому: „Дали добро разбрав, она што ми го велите е…….“. Овој пристап може да помогне да се разјаснат недоразбирањата или погрешните заклучоци, кои можат да доведат до фрустрации. Научете да ги изразувате своите потреби, мисли и чувствата смирено и директно без да станете дефанзивни. Прогресивната мускулна релаксација исто така помага да се опуштат мускулите на телото кои се во грч кога чувствувате лутина или бес. Полека повторете мирен збор или фраза како што се „опушти се“ или „смири се“.Повторувајте го тоа во себе додека дишите длабоко и додека не се смири гневот што го чувствувате. Земете време за себе. Влезете во тивка просторија, затворете ги очите и обидете се да визуелизирате релаксирачка сцена. Фокусирајте се што е можно повеќе на деталите во замислената сцена. Совладувањето на уметноста за управување или менаџирање на лутината и бесот бара трпение, промени и упорност,но колку повеќе вежбате, толку повешти ќе бидете. Учењето да го контролирате вашиот бес и да го искажете на соодветен начин ќе ви помогне да изградите подобри односи, подобро да управувате со конфликтите во вашиот живот, да ги зајакнувате вашите односи, да ги постигнете своите цели и да водите поздрав, поквалитетен живот.
ПАСИВНО-АГРЕСИВНО ОДНЕСУВАЊЕ
Пасивно-агресивно однесување е она кое вклучува индиректно агресивно дејствување, наместо директно. Пасивно-агресивните луѓе покажуваат отпор кон барањата на други лица, често со одложување, или тврдоглаво постапување. Негативните чувства суптилно ги изразуваат преку своите постапки, наместо да се справуваат со нив на отворен и директен начин. Ова делува конфузно за останатите, бидејќи постои несовпаѓање помеѓу она што го вербализираат со она како постапуваат. Тоа може да се манифестира на многу различни начини. Некој што е пасивно агресивен може да покаже отпор кога ќе биде замолен да стори нешто, најчесто преку одложување, несогласување или опозиционалност. Често се случува да одбијат да бидат емотивно отворени – дури и кога е очигледно дека се вознемирени, ќе инсистираат на тоа да ве убедат дека се добро, завршувајќи го понатамошниот разговор. Често се случува да измислат најразлични изговори за да одбегнат средба со одредени луѓе. Интерсно е тоа дека тие ни самите не се свесни за своето однесување. Пасивно-агресивното однесување се смета за доста деструктивна форма на однесување која може сериозно да ги наруши односите меѓу луѓето во семејното функционирање, љубовните релации, па дури и на работното место. Најчесто пасивно агресивните луѓе се сметаат за груби, тврдоглави, невнимателни, мрзеливи и манипулативни, но кога подобро би ги виделе можните причини за ваквото нивно однесување, можеби би имале и поголемо разбирање. Постојат неколку фактори што може да придонесат за ваквото однесување. Воспитувањето во средина каде што директното изразување на емоциите било обесхрабрено или недозволено, може да доведе до чувство на неможност или забрана за изразување на своите вистински чувства на поотворен и директивен начин, и тоа да доведе до изнаоѓање на алтернативи, пасивно да се експресираат лутината или фрустрацијата. Во одредени ситуации кога прикажувањето на одредени чувства не е социјално прифатливо, како на пример во работна атмосфера, се зголемува можноста да се одговори на прикриен, односно пасивен начин. Пасивното агресивно однесување обично се активира од желбата да им се допаднете на луѓето. Причините вклучуваат желба за зачувување на мирот, избегнување грешки, обид да се изгледа посамоуверено и поавторитативно, или пак поради присуството на стравот од одбивање или критика. Често е полесно да се препознае однесувањето кај другите, отколку кај себе. Ова би биле некои од прашањата кои ќе помогнат да го препознаеме и освестиме сопственото однесување: Дали честопати се наоѓате себеси како критикувате и озборувате кога сте незадоволни со некој? Дали избегнувате луѓе од кои сте вознемирени? Дали имате чувство дека не сте ценети доволно? Дали некогаш престанувате да разговарате со луѓе кога сте лути на нив, без да им кажете што ве навредило? Дали го одложувате извршувањето на задачите како начин да ги казнувате другите? Дали понекогаш користите сарказам и критика за да избегнете вклучување во значајни разговори? Доколку прпознавате дека имате тенденција да се однесувате пасивно агресивно, постојат чекори што можете да ги превземете за да го промените односот со другите. Еве неколку начини: Подобрете ја вашата самосвесност. Препознајте и разберете зошто сте вознемирени или што е она што чувствувате. Започнете да обрнувате внимание на она што се случува внатре во вас додека реагирате на различни луѓе и ситуации. Дајте си време да направите промени. Препознавањето на сопственото однесување е првиот чекор кон промена, но промената на вашите обрасци и реакции може да потрае некое време. Затоа бидете упорни и трпеливи. Вежбајте како да се изразувате. Разбирањето на вашите емоции и учењето соодветно да ги искажувате своите чувства е важен чекор кон ставање крај на пасивно-агресивно однесување. Понекогаш конфликтот е неизбежен дел од животот, но доколку знаете на асертивен начин да ги кажете своите чувства и да ги поставите своите граници, тоа би можело да донесе подобри резултати во иднина. Пасивно-агресивното однесување може да биде деструктивно, и голема е веројатноста на моменти секој од нас да препознае таков начин на однесување кај себе. Но, со подобро разбирање на нашите чувства и што е она што ги предизвикува, би можеле подобро да се справиме со нив и на тој начин да ги минимизираме потенцијалните штети врз нашите односи со другите.
РАЗВОЈНА ДИСФАЗИЈА ИЛИ АУТИЗАМ?
Развојната дисфазија е јазично нарушување на способноста за разбирање, изразување и формулирање на јазична мисла. Овие деца покажуваат значително јазично доцнење во однос на нивната календарска возраст и интелектуален капацитет. Степенот на сериозноста на тешкотијата може да биде различен и се движи од целосно отсуство на говор (алaлија) кај дете од две до три години до навидум нормален говор со потешкотии во читањето и пишувањето кај училишните деца. Кај некои деца, потешкотиите во говорот се поизразени, додека кај други се изразува недостатокот на разбирање за јазичните содржини. Развојна дисфазија или аутизам? Симптомите на овие две нарушувања често се преплетуваат, особено кога станува збор за развојна дисфазија од рецептивен тип. За двете состојби карактеристично е неразбирање, не одговара на сопственото име до две години, прекумерна активност и слабо внимание, недостаток на вербална комуникација, често повторување на јазичната содржина, нарушувања во однесувањето. Главната и најважната разлика е во тоа што развојната дисфазија е исклучиво јазично нарушување и има дефицит на вербална комуникација, додека невербалната комуникација и социјализацијата се релативно добри. Аутизмот е нарушување на вербалната и невербалната комуникација, како и нарушување на социјалниот реципроцитет. Карактеристично за деца со развојна дисфазија: Нормални социјални интеракции. Тие ги разбираат намерите и емоциите на другите. Ова се рефлектира во задоволството од создавање нови социјални контакти и со возрасни, и со деца. Прегратките и бакнежите им создаваат позитивни емоции. Тие реагираат нормално на насмевки. Тие покажуваат задоволство кога ќе добијат нова играчка. Тие имаат контакт со очите. Можеби нема да одговорат на повик по име. Учествуваат во играта „кобајаги“. Нивната игра е функционална и креативна. Тие сакаат да играат со разни играчки и со други деца. Нормална употреба на гестови или само мало отстапување во невербалната комуникација. Нивните социјални контакти се адекватни, тие го компензираат отсуството на говор со гестови, и немаат стереотипни обрасци на однесување. Нивните интереси се разновидни, немаат невообичаено однесување како „треперење“ на рацете, кршење прсти, одење по прсти и слично. Карактеристично за децата со аутизам: Оштетување во сегментот на социјалната интеракција. Тие не можат да донесат едноставни заклучоци за намерите на другите. Не можност за остварување на социјални контакти, изгледаат премногу мирни или дури пак „ладни“. Некои деца не реагираат на насмевки на другите и не обрнуваат внимание на гримасите на другото лице. Се случува да го фиксираат своето внимание на предмети околу нив. Децата со аутизам можат да бидат многу селективни при избор на блиски луѓе, избегнуваат контакт со своите врсници. Креативната имагинативна игра доцни или не постои. Децата со аутизам не се обидуваат да имитираат движења или звуци, не реагираат на сопственото име, карактеристичен е недостатокот на соодветен контакт со очи, имаат карактеристичен „стаклен поглед“. Изостанување на невербалниот контакт, не го компензираат отсуството на говор со употреба на гестови. Употребата на јазик е стереотипна и се повторува. Тие често прозборуваат доцна, откако ќе ги изговорат првите зборови, може да се појави фаза на долга тишина. Постои тенденција да се повторуваат зборови или фрази од филмови, реклами, туѓи говори. Децата со аутизам имаат ограничени, повторливи и стереотипни обрасци на однесување, интереси и активности. Може да забележите повторувања на активности како што се вклучување и исклучување на светлата или отворање и затворање на славината и уредување на предметите по ред. Некои деца можат да одат на прсти, да скокаат, да мавтаат или да имаат повторувачки гримаси од возбуда. Може да имаат прекумерна или намалена чувствителност на дразби од околината (бучава, непријатност при сечење коса, избегнување валкање, пребирливост при избор на храна, силна светлина може да им пречи). Намален праг на болка. Сепак, мора да имаме во предвид дека секое дете е сложена индивидуа сама по себе и дека не е можно да се дијагностицира нарушување засновано на неколку препознаени симптоми. Низа на симптоми може да се пројавуваат, но не мора да значат дека детето има нарушување. Исто така, некои симптоми се појавуваат пред, а некои подоцна. Објавените содржини се во психо-едукативни цели, а за професионална проценка и третман, остварете контакт со стручно лице од областа на менталното здравје. Задолжително означување на авторот и изворот, при превземање и цитирање на објавените содржини.
Како да израснеме деца кои нема да осудуваат
Ќе го отворам параграфот со една мудра мисла од Мајка Тереза, – Ако ги осудуваш луѓето, немаш време да ги сакаш. Сите ние во даден момент сме биле таму, ги осудуваме луѓето според нашите стандарди, морали, идеали и принципи – според тоа како се облекуваат и изгледат, каде живеат и работат, па се до начинот на кој го водат својот приватен живот и како го поминуваат своето слободно време. На прашањето, зошто луѓето им судат на другите, ќе добиеме одговор дека судењето е природен инстинкт, им судиме на другите луѓе околу нас бидејќи тие изгледаат, звучат или се однесуваат поинаку од нас. Тоа е примарен инстинкт да ја браниме нашата територија, при што реагираме со борба или со бегство, и ова можеби имало смисла за пештерските луѓе кои требало да ги заштитат своите области на живеење, но денес тоа оди на многу подлабоко ниво. Главните причини за судењето на другите се недостаток на разбирање, различни перцепциони гледишта од сопствено искуство или воспитување и недостаток на емпатија и сочувство. Перцепциони гледишта и недостатокот на емпатија се во голема мера научени и изградени врз однесувањето што произлегува од нашето детство и воспитување. Како родители и старатели имаме одговорност да ги учиме нашите деца за разликите, да ги едуцираме за другите луѓе кои според нешто се поразлични од нас, за да имаат вистинско разбирање и да ја изградат на цврсти темели својата емпатија, сочувство, прифаќање и отвореност на умот. Постојат различни начини како ние можеме да ги научиме нашите деца да не осудуваат. На пример, изложете ги на интеракција со луѓе и деца кои имаат поразличен животен пат од нивниот. Дозволете им на вашите деца да се запознаат со повеќе различни култури, употребувајте неосудувачки јазик, објаснете им ја разликата помеѓу вашето мислење и факти, разговарајте со децата за повеќе различности, за различни религии, култури, појави, болести, животни избори и начини на функционирање. Ако овие работи не им се непознати, тие ќе ги препознаат различностите и ќе ги перцепираат како дел од секојдневното нормално функционирање, а со тоа и нема да ги осудуваат сите кои се поразлични од нив. За да им помогнеме во целост да го отфрлат осудувањето и да израснат во толерантни, самоуверени, резилиентни и емоционално интелигентни деца, бара од нас да ги редефинираме работите кои ни се важни на нас, во сегашниот момент и во иднина. На крај, нели децата најдобро учат од примери и тие ќе имаат многу примери на својот пат, но токму вие сте примарниот и најдобар пример за нив. Бидете современи херои во очите на своите деца!
ПРЕКИН НА ПАРТНЕРСКА ВРСКА, НОСИ БОЛКА КОЈА НЕ Е ЗА ПОТЦЕНУВАЊЕ
Прекинот на партнерска врска е едно од најболните емоционални искуства за луѓето. Болката воопшто не е за потценување, и голем број на луѓе бараат психолошка поддршка при овие животни раскрсници и преодни животни периоди. Ретко кој може да остане рамнодушен во овој процес, и самото преболување на личноста која сме ја изгубиле знае и да потрае. Тој процес е особено болен во почетниот период, кога остануваат навиките, но и голема празнина во денот, односно целокупното живеење. Во тие периоди многу е важно да се насочиме кон добра грижа за себе, разни активности и минување време со семејството и блиските пријатели кои го сочинуваат системот на поддршка. Разговорите со нив и споделувањето на емоциите, се често корисни и делотворни и помагаат во метаболизирање на случувањата. Често го добивам прашањето колку време е потребно да помине за болката да помине и некој да се преболи. Одговорот е дека времето е индивидуално, и зависи од многу фактори: од тоа колку време траела врската, од тоа колку многу се инвестирало во неа, од силината на емоционалната поврзаност која постоела, од личните капацитети и уверувања, од претходното животно искуство со вакви процеси, од начинот на кој се случува крајот, од причините за прекинот, од тоа дали можеби во врската имало психолошко или било какво друго насилство, од поддршката од околината и тн. При прекин на врска, најчесто личноста се соочува со бура на интензивни емоции и тоа тага, лутина, збунетост, несигурност, себеобвинување, преиспитување и премотување на „филмот’’, но и страв од тоа што би се случувало во иднината. Процесот на тагување по загубената личност, знае да има осцилирачки тек, во кој има добри денови, но и лоши, односно многу болни. Секако дека има примери и кога луѓето чувствуваат олеснување со самиот крај, доколку тие го посакувале и одлучиле, или врската ја чувствувале како товар, притисок или „затвор’’. Нешто што многу често го слушам од луѓе кои тукушто прекинале емоционална врска се типичните прашања кои лебдат, а се од типот – дали ќе најдам друг партнер, дали друг ќе ме сака и прифати, дали сексот ќе биде исто добар, дали моите родители ќе го прифатат другиот партнер, дали ќе најдам подобар човек и колку време ќе ми треба, и слично. Кај дел од луѓето, кои останале особено повредени од партнерската релација, и кај кои можеби имало токсично дисфункционално поврзување и неадекватен однос од партнерот, се јавува и интензивен страв да не се повтори истото во наредната релација. Долгото време потребно за емоционална регенерација од токсичната врска и стравот од иднината и од следни грешни избори, знаат да направат и емоционални блокади во личноста кои може да се во функција и на почетна заштита за неа, но ако не се надминат може да ја фиксираат личноста во една позиција на изолација и осама. Но, и покрај болните емоции кои се придружни на разделбите, не треба да се плашиме и спречуваме себеси повторно да сакаме со цело срце, бидејќи штитејќи се и избегнувајќи ги негативните емоции, ќе се лишиме и од сите најубави емоции кои ги носи љубовта.
СЕКСУАЛНО НАСИЛСТВО-ЗОШТО ЖРТВИТЕ МОЛЧАТ?
Стравовите се многу, но не смее да се повеќе и посилни од храброста, борбата и грижата за себе!
НАМЕТЛИВИ И ОПСЕСИВНИ МИСЛИ
Постојаните, наметливи и негативни мисли се едни од најчестите знаци и придружни појави на анксиозноста. Анксиозноста некогаш прави скоро да е невозможно да престанете да се фокусирате на работи, за кои не сакате да размислувате. Овие мисли ретко се позитивни, а често се поврзани со вашите стравови и вознемирувачки емоции. Во многу случаи, постоењето на мислата предизвикува зголемена вознемиреност. Може да имаат насилна и вознемирувачка содржина, да бидат од сексуална природа, или пак да се однесуваат на постапки кои се неприфатливи за личноста која ги доживува. Не треба да се заборави дека, ова сепак, се само мисли! Тие навидум се појавуваат од никаде и предизвикуваат вознемиреност, но немаат никакво значење во секојдневниот живот на личноста. Она што им дава моќ е всушност загриженоста на оној кој ги доживува, срамот кој го чувствува личноста, како и потребата да се сокрие ова доживување од другите луѓе. Сè додека личноста препознава дека се тоа само мисли и нема потреба да постапува според нив, тие не можат да и наштетат. Нивната содржина може да биде најразлична, но нешто што им е заедничко е тоа дека нивното присуство ја зголемува вознемиреноста кај личноста, и кај некои луѓе се јавува и потреба да превземат одредени дејствија како би се намалила анксиозноста. Овие дејствија се наречени компулсии. Тоа би можеле да бидат повторувачки ритуали или одбегнување на одредени ситуации. Бројни научни студии покажуваат дека кога премногу напорно се трудите да не размислувате за нешто, всушност тоа доведува до тоа се повеќе да размислувате на истото. Тоа е затоа што кога ќе се фокусирате на избегнување мисла, го потсетувате вашиот мозок дека мислата воопшто постои, наместо едноставно да заборавите на неа и да продолжите понатаму. Исто така, многу често се случува да штом успеете да отргнете една мисла, на нејзино место веднаш да дојде друга со слична вознемирувачка содржина. Како би можеле да си помогнете: Прво и најважно, треба да научите да ги прифатите вашите мисли и на нив да гледате како на симптом на вашата вознемиреност. Треба да престанете да се борите и да се обидувате да ги оттурнете. Прифаќањето е клучно. Ова е најчесто најтешкиот дел и понекогаш на личноста ќе и треба дополнителна помош од стручно лице. Обидете се да ги напишете вознемирувачките мисли во дневник. Вашиот ум може да се фокусира помалку на овие вознемирувачки мисли кога имате можност да ги обработите поинаку со тоа што ќе ги напишете. Компулсиите може да обезбедат навидум брзо решение за опсесиите, предизвикувајќи да ја избегнете анксиозноста. Од друга страна пак тие ја зајакнуваат опсесивната вознемиреност, затоа што не си дозволувате да ја преживеете анксиозноста и да си докажете себе си дека тоа е можно. Но, ако се спротивставите на компулсивното дејствие и си дозволите да бидете вознемирени некое време, честопати ќе откриете дека опсесиите ќе го намалат својот интензитет, предизвикувајќи малку помалку страв, бидејќи веќе знаете дека ништо нема да доведе до нивно исполнување. Друго нешто што можете да го испробате, со одобрение и поддршка од вашиот терапевт, е сами да ја предизвикате вознемиреноста, со други зборови, намерно да размислувате за она што ви предизвикува вознемиреност. На тој начин правите изложување чија крајна цел е десензитизација, односно намалување на силината на реакцијата која таа мисла ја предизвикува кај вас. Ако престанете да се борите со мислата и започнете да ја доживувате што почесто намерно, мислата на крајот ќе стане помалку стресна, можеби дури и досадна. Ако тоа е нешто што можете да го направите, како на пример, да ги извалкате рацете, да оставите светло, намерно да го оставите вашиот дом во неред и слично, тогаш направете го тоа за да се навикнете на чувството на вознемиреност и да научите да не се плашите од анксиозноста. Секако дека доколку перзистираат подолг период и го нарушуваат значајно вашето функционирање, од помош ќе е проценка и третман со соодветно стручно лице. Луѓето кои се соочуваат со опсесивни мисли може да почувствуваат огромна количина на страв, вина, длабок срам, себе-обвинување па дури и само-омраза. Обидете се да бидете љубезни и трпеливи кон себе. Запомнете дека секој доживува несакани мисли на моменти, и тие не се нешто за што се очекува да имате секогаш контрола. Би било од корист да ја препознаете наметливата мисла или чувство што го имате, но тоа не значи дека треба да се идентификувате со тоа. Откако ќе прифатите дека не можете целосно да ги контролирате мислите, можете да го освестите нивното присуство без да им дозволите да ја преземат контролата над вас. Објавените содржини се во психо-едукативни цели, а за професионална проценка и третман, остварете контакт со стручно лице од областа на менталното здравје. Задолжително означување на авторот и изворот, при превземање и цитирање на објавените содржини.
КАКО ДА ЈА ЗАЈАКНЕТЕ САМОДОВЕРБАТА КАЈ ДЕЦА СО СПЕЦИФИЧНИ ТЕШКОТИИ ВО УЧЕЊЕТО!
Современата училишна концепција е насочена кон когнитивните способности на детето, афективната и социјалната компонента се главно занемарени.Честа појава кај нас е тоа што лошиот успех на ученикот се изедначува со општата вредност на ученикот. За учениците кои што имаат специфични тешкотии во учењето и кои покажуваат помал успех од своите врсници во одредена училишна активност, кај нас многу ретко фокусот е на функционалните способности на детето и неговите позитивни особини, постојано се потенцира секој негов неуспех. Првите години во образованието се период кога детето ја гради сликата за себе и период кога се разрешува конфликтот помеѓу позитивната слика за себе и инфериорноста. Истражувањата покажуваат дека чувството на инфериорност особено се развива околу десетата година. После оваа возраст е многу потешко да се изгради позитивна слика за себе, а со тоа и самодоверба. Дете кое што нема специфични потешкотии во учењето кога ќе покаже успех на училиште, успехот го препишува на своите вложувања, кога ќе се соочи со одреден неуспех, грешка, тоа претставува мотив да се потруди повеќе. Кога детето кое што се соочува со специфични тешкотии во учењето покаже успех, тоа го препишува на среќни околности, наклонетост на наставникот кон него, а кога прави грешка тогаш се појавува голема фрустрација и често пати знаат да се наречат ,,Јас сум глуп/а“. Сликата за себе најмногу е под влијание на родителското воспитување, значајна улога во тоа има и наставникот. Способноста за позитивна комуникација кон децата е од огромно значење за нивната самодоверба и училишни достигнувања. За развој на самодовербата во детството, важни се две компоненти: чувството дека сме способни за нешто и чувството дека сме сакани. Родители, наставници, училишни соработници неколку совети за сите нас, како да ја подобриме комуникацијата и зајакнеме самодовербата кај лицата со специфични тешкотии во учењето: Оставете ги децата сами да ги завршат задачите за кои се способни. Нагласувајте и покажете ја безусловната природа на својата љубов и грижа. Внимателно со критиките! Ако детето добива критика и омаловажување, тоа влијае на неговата слика за себе. Родители, отворено разговарајте за емоциите со вашето дете. Секогаш користете контакт со очи кога го слушате или зборувате. Обидете се да не сте вознемирени кога детето ви зборува за неговиот проблем или потешкотија. Кажете му на вашето дете дека му верувате, дека се однесува добро и дека има прогрес. Постојат повеќе патишта за успех, не е само еден, секоја вештина треба да се вреднува. Секојдневно со вашето дете запишувајте ги неговите успеси во текот на денот, неговите позитивни карактеристики. Не дозволувајте да се заборават успесите и одликите од дневникот. Кога процесот на пишување е завршен, потребно е често да се препрочитуваат на глас, со цел да се зајакне меморијата за позитивните одлики. Вербата во себе како родител е значаен фактор во развивањето на довербата кај детето бидејќи детето чувствува дека личноста што се грижи за него во првиот период, има доверба во себе. Да се научи дете на самопочит, е најголемиот дар кој еден родител, наставник, едукатор може да го подари.