ПРЕКИН НА ПАРТНЕРСКА ВРСКА, НОСИ БОЛКА КОЈА НЕ Е ЗА ПОТЦЕНУВАЊЕ
Прекинот на партнерска врска е едно од најболните емоционални искуства за луѓето. Болката воопшто не е за потценување, и голем број на луѓе бараат психолошка поддршка при овие животни раскрсници и преодни животни периоди. Ретко кој може да остане рамнодушен во овој процес, и самото преболување на личноста која сме ја изгубиле знае и да потрае. Тој процес е особено болен во почетниот период, кога остануваат навиките, но и голема празнина во денот, односно целокупното живеење. Во тие периоди многу е важно да се насочиме кон добра грижа за себе, разни активности и минување време со семејството и блиските пријатели кои го сочинуваат системот на поддршка. Разговорите со нив и споделувањето на емоциите, се често корисни и делотворни и помагаат во метаболизирање на случувањата. Често го добивам прашањето колку време е потребно да помине за болката да помине и некој да се преболи. Одговорот е дека времето е индивидуално, и зависи од многу фактори: од тоа колку време траела врската, од тоа колку многу се инвестирало во неа, од силината на емоционалната поврзаност која постоела, од личните капацитети и уверувања, од претходното животно искуство со вакви процеси, од начинот на кој се случува крајот, од причините за прекинот, од тоа дали можеби во врската имало психолошко или било какво друго насилство, од поддршката од околината и тн. При прекин на врска, најчесто личноста се соочува со бура на интензивни емоции и тоа тага, лутина, збунетост, несигурност, себеобвинување, преиспитување и премотување на „филмот’’, но и страв од тоа што би се случувало во иднината. Процесот на тагување по загубената личност, знае да има осцилирачки тек, во кој има добри денови, но и лоши, односно многу болни. Секако дека има примери и кога луѓето чувствуваат олеснување со самиот крај, доколку тие го посакувале и одлучиле, или врската ја чувствувале како товар, притисок или „затвор’’. Нешто што многу често го слушам од луѓе кои тукушто прекинале емоционална врска се типичните прашања кои лебдат, а се од типот – дали ќе најдам друг партнер, дали друг ќе ме сака и прифати, дали сексот ќе биде исто добар, дали моите родители ќе го прифатат другиот партнер, дали ќе најдам подобар човек и колку време ќе ми треба, и слично. Кај дел од луѓето, кои останале особено повредени од партнерската релација, и кај кои можеби имало токсично дисфункционално поврзување и неадекватен однос од партнерот, се јавува и интензивен страв да не се повтори истото во наредната релација. Долгото време потребно за емоционална регенерација од токсичната врска и стравот од иднината и од следни грешни избори, знаат да направат и емоционални блокади во личноста кои може да се во функција и на почетна заштита за неа, но ако не се надминат може да ја фиксираат личноста во една позиција на изолација и осама. Но, и покрај болните емоции кои се придружни на разделбите, не треба да се плашиме и спречуваме себеси повторно да сакаме со цело срце, бидејќи штитејќи се и избегнувајќи ги негативните емоции, ќе се лишиме и од сите најубави емоции кои ги носи љубовта.
РАЗВОД-ФАЗИ И ПРЕДИЗВИЦИ!
Одлуката за прекинување на бракот може да биде трауматична, хаотична и исполнета со контрадикторни емоции. Не е невообичаено оној кој е иницијатор да се заврши бракот, да доживее страв, олеснување, нетрпеливост, незадоволство, сомнеж и вина. Од друга страна пак оној кој е условно кажано оставен, често може да се соочи со шок, чуство на предавство, губење контрола, намалена самодоверба, несигурност, гнев, желба за одмазда. Би било корисно да се знае дека браковите не се распаѓаат преку ноќ, разводот не е резултат на еден инцидент, напротив на тоа претходи емоционален процес и разни дисфункции кој траат извесен период. Вообичаено се среќаваат неколку фази во разводот. Прва фаза или појава на изразени фрустрации, конфликти, нарушена доверба. Проблемите реално егзистираат, но партнерите не ги признаваат односно ги негираат. Може да се појави чуство на страв, вознемиреност, лутина и тага. Во втората фаза се забележува изразено незадоволство, или пак амбивалентност кон партнерот. Можно е партнерите да побараат брачно советување или пак да се обидат самостојно да ги поправат меѓусебните односи, најчесто иницирајќи втор меден месец како последен обид. Од чуствата кои доминираат се забележува олеснување или пак напнатост, сомнеж, па дури и вина. Доколку во оваа фаза нештата не се поправат следи следната фаза. Третата фаза во која се создава еден емоционално дистанциран однос, па дури и меѓусебно омаловажување, до крајна нетрпеливост. Често се случува двајцата партнери да се најдат во улога на жртви, со измешани чуства на незадоволство, тага, гнев, вина. Во оваа фаза не се исклучува и можноста за вонбрачна врска, поради прекинатиот контакт и нарушената интимност подолг период. Во следната четврта фаза, се случува сепарацијата, односно отселување на еден од партнерите од заедничкиот дом. Тогаш започнува редефинирање на партнерскиот однос, се известуваат семејствата и пријателите за донесената одлука. Многу често се случува да се појави избор на страни и поделба на лојалност доколку постојат заеднички пријатели. Доколку станува збор за брак во кој има заеднички деца, не се исклучува можноста децата да се чувствуваат одговорни и да се однесуваат на начин да ги натераат родителите на повторна комуникација и зближување. Оваа фаза е доста трауматична за секој од семејството, проследена со страв и паника, вина па дури и чуство на срам. Како последна фаза следи прифаќањето, односно прилагодување на новата реалност. Прифаќање дека во бракот партнерите не биле доволно среќни и исполнети, враќање на чуство за моќ и контрола над сопствениот живот, креирање на план за иднината и откривање на нови ресурси. Во оваа фаза е многу значајно да се надминат вината и гневот, да се прости, да се прифатат новите улоги и да се изгради нов однос на почитување и договор помеѓу партнерите. Оние кои поминуваат низ процесот на развод честопати се чувствуваат емоционално повредено и исцрпено, па затоа е значајно да имаат големо разбирање, трпение и нежност кон себе. Разводот од една страна се доживува како загуба и крај на една семејна динамика и еден период, но од друга страна пак нов почеток и можност за истражување и пронаоѓање на нови интереси. Новите интереси го привлекуваат вниманието и помагаат да се биде во сегашноста, далеку од фокусот на минатото. Притоа, тие им помагаат на луѓето да започнат да мислат на себеси како истражувачи и донесувачи на одлуки, а не едноставно како жртви на околности кои се надвор од нивна контрола. Истражувањето на интересите придонесува за зголемување на чуството на среќа и исто така овозможуваат стекнување нови искуства и пријателства.