МЕНАЏИРАЊЕ НА ЛУТИНАТА И БЕСОТ
Лутината претставува нормална, здрава емоција, која не ја дефинираме ниту како добра ниту како лоша. Како и секоја емоција, таа се обидува да ни пренесе некаква порака, укажувајќи дека ситуацијата во која се наоѓаме е вознемирувачка, неправедна или заканувачка. Таа може да биде резултат на нешто што ни се случило, нешто што некој го кажал или направил, или нешто што го паметиме од минатото. Таа може да ни помогне или да повреди, во зависност од тоа како реагираме кога сме лути. Корисно е кога треба да се заштитиме или кога таа не мотивира да ги промениме работите кои не ни се допаѓаат. Но, кога таа преминува во бес тоа може да ве натера да изреагирате на начини кои се несоодветни и со тоа да си наштетите себеси или на некој друг. Можеби сте убедени дека покажувањето на гневот е корисно и здраво, дека луѓето кои се околу вас реагираат премногу чувствително, дека вашиот бес е оправдан или дека понекогаш треба да го покажете својот бес за да добиете почит од останатите. Но, вистината е дека хроничното присуство на лутина и бес може да има сериозни последици за: -Физичкото здравје и да ве направи подложни на срцеви заболувања, дијабетес, ослабен имунолошки систем, несоница и висок крвен притисок. -Менталното здравје, бидејќи троши огромна количина на ментална енергија и може да резултира со потешкотии во размислувањето, ја отежнува концентрацијата и го намалува уживањето во животот. Исто така, може да доведе до стрес, депресија, анксиозност и други проблеми со менталното здравје. -Лутината може да предизвика потешкотии во односите со луѓето , па дури и оние кои ви се најблиски и најмногу ги сакате. Да ги разниша пријателствата, и да влијае дури врз вашата кариера. Експлозивното покажување на гневот им отежнува на другите да ви веруваат, да зборуваат искрено или да се чувствуваат пријатно во ваше присуство. Многу луѓе имаат мислење дека менаџирањето или управувањето со лутината е да се научи како таа да се потисне. Меѓутоа вистинската цел не е да се потисне чувството на лутина, туку да се разбере пораката што стои зад емоциите , и да се изрази на здрав начин без да се изгуби контрола над своите постапки. Некои од техниките кои би можеле да помогнат се: Примена на техниката на абдоминално дишење Физичката активност како што е редовно вежбање е начин кој помага да го подобрите расположението и да се ослободите од напнатоста и лутината. Избегнувајте употреба на алкохол и психоактивни супстанци, бидејќи тоа може да направи да бидете помалку толерантни на фрустрации. Конзумацијата на овие супстанци и нивната злоупотреба, може да ги олабави вашите инхибиции за да кажете или да направите нешто што нормално не би го направиле. Побарајте поддршка од другите. Разговарајте за вашите чувства и обидете се да работите на промени во вашето однесување. Ако имате проблем да сфатите кога и од која причина се појавува лутината, водењето дневник може да помогне, да откриете што е она што ве тригерира во одредени ситуации. Обидете се да се ставите на место на личноста која ја потикнала лутината кај вас, на тој начин може да добиете поинаква перспектива. Научете се почесто да го користите хуморот како средство за менаџирање на лутината и бесот, особено хуморот на своја сметка. Научете активно да слушате. Слушањето може да помогне во подобрувањето на комуникацијата и може да изгради чувства на доверба меѓу луѓето. Оваа доверба може да ви помогне да се справите со потенцијално непријатните емоции. Корисна комуникациска вежба е да кажете некому: „Дали добро разбрав, она што ми го велите е…….“. Овој пристап може да помогне да се разјаснат недоразбирањата или погрешните заклучоци, кои можат да доведат до фрустрации. Научете да ги изразувате своите потреби, мисли и чувствата смирено и директно без да станете дефанзивни. Прогресивната мускулна релаксација исто така помага да се опуштат мускулите на телото кои се во грч кога чувствувате лутина или бес. Полека повторете мирен збор или фраза како што се „опушти се“ или „смири се“.Повторувајте го тоа во себе додека дишите длабоко и додека не се смири гневот што го чувствувате. Земете време за себе. Влезете во тивка просторија, затворете ги очите и обидете се да визуелизирате релаксирачка сцена. Фокусирајте се што е можно повеќе на деталите во замислената сцена. Совладувањето на уметноста за управување или менаџирање на лутината и бесот бара трпение, промени и упорност,но колку повеќе вежбате, толку повешти ќе бидете. Учењето да го контролирате вашиот бес и да го искажете на соодветен начин ќе ви помогне да изградите подобри односи, подобро да управувате со конфликтите во вашиот живот, да ги зајакнувате вашите односи, да ги постигнете своите цели и да водите поздрав, поквалитетен живот.
СИГУРНАТА ПРИВРЗАНОСТ ИМ ПОМАГА НА ДЕЦАТА ДА НАПРЕДУВААТ!
Едно од најчестите прашања што се поставуваат за градењето конекции е дали детето може да биде премногу поврзано со неговите или нејзините родители. Постои општ страв и мит дека ако се фокусираме премногу на градењето конекции со нашите деца, може да го попречиме нивното растење како независни и зрели луѓе. Напротив, неможете да сакате премногу, сигурната поврзаност не го забавува растот, туку му дава гориво и го забрзува. Кога ќе ја погледнете големата слика, крајната цел во воспитувањето на детето е да им помогнеме да станат независни луѓе. Ние би сакале тие да имаат свој сопствен ум, да ги постават сопствените цели, да донесуваат свои одлуки, да размислуваат за себе, да ги знаат своите граници и да создадат насоки во кои сакаат да се развиваат. Она што ние навистина треба да се запрашаме е: Што треба ние да правиме за да се осигураме дека нашите деца растат на тој начин? Децата помлади од три години, се залепени како со лепак за своите родители или негуватели. Тие можат да трчаат по нив, да плачат кога не се во близина и да бидат несреќни кога мора да го споделат вниманието на својот родител со другите. Малите деца се гладни за приврзаност, бидејќи се зависни од давателот на грижа. До времето кога ќе стигнат до 5 – 7 години, треба да бидат способни да играат послободно сами со себе, да преземат одговорност за едноставни работи како да се облечат, па дури и да почнат да прават работи како што се раскревање на нивните играчки. Децата не може да се премногу поврзани, тие може да се недоволно длабоко поврзани. Поврзаноста е наменета да ги направи нашите деца зависни од нас за да може да ги водиме понатаму, секако до одредена возраст и мера. Токму нашата покана за конекција ги ослободува да престанат да бараат љубов и да се фокусираат на раст и развој. Кога децата можат да разберат дека нивните потреби за приврзаност ќе бидат исполнети, тие се ослободени да играат, да истражуваат, да замислуваат и да се движат слободно. Можеби звучи парадоксално, но кога ги исполнуваме потребите на децата за зависност, всушност ги туркаме кон независност. Како што децата созреваат тие треба да станат способни за преземање на воланот во свои раце, а ние ќе можеме да се повлечеме во консултантска улога. Кога потребите на децата за приврзаност ќе бидат исполнети, тие веќе нема да бидат преокупирани со тоа да одат по нас. Децата кои не се веќе на предучилишна возраст, а сеуште се прилепени за нас го прават тоа поради несигурност. Токму чувството на сигурност во поврзаноста ги ослободува децата. Непријателот на зрелоста не е поврзаноста, туку во несигурните конекции. Предусловот за раст на децата е во рацете на родителите или старателите. Со други зборови, децата не треба да работат за да добијат љубов. Начините од кои ќе забележите дека потребата на детето не е задоволена се: кога детето се обидува премногу да припаѓа, да се вклопи со останатите, кога се обидува да им угоди на другите за да им се допадне, кога премногу бара внимание, на пример кога е кловн во училницата или кога се труди да одбегнува детски лудории, однoсно се труди да е послушно и повеќе од умерено. Кога децата чувствуваат дека се важни такви како што се, не чувствуваат потреба да се менуваат себеси со цел да добијат љубов. Зборувајте им дека се најдобрите и најубави магични суштества на земјата, бидејќи во тоа што веруваат, тоа и ќе постанат.
СЕКСУАЛНО НАСИЛСТВО-ЗОШТО ЖРТВИТЕ МОЛЧАТ?
Стравовите се многу, но не смее да се повеќе и посилни од храброста, борбата и грижата за себе!
ПОСТПОРОДИЛНА ДЕПРЕСИЈА, ПРЕПОЗНАВАЊЕ И СОВЕТИ од Психотерапевт Хаџиванова
Родителството се учи и тоа е долг процес. Не бидете престроги кон себе.
ПРОСТУВАЊЕ-ЧИСТЕЊЕ НА ДУШАТА И ГРИЖА ЗА МЕНТАЛНОТО ЗДРАВЈЕ!
Простувањето е голема човекова доблест и моќ,
никогаш никој да не помисли дека е тоа слабост.
ДЕТЕКТИРАЈТЕ ГИ СТРЕСОРИТЕ И НАПРАВЕТЕ ПРОМЕНИ
Чувството на СТРЕС е најчесто поттикнато од ситуации и настани што се случуваат во вашиот живот кои вклучуваат: да се биде под голем притисок соочување со големи промени постојана загриженост за нешто немање контрола врз исходот на ситуацијата премногу одговорности во секојдневието неизвесност и слично… Стресот може да биде предизвикан и од натрупаност и кумулација на секојдневни мали притисоци, а многу често самите на себе сме си стресор со нашите мисли. Какви ситуации најчесто предизвикаат стрес? Стресот може да биде предизвикан од различни вообичаени животни настани, кои некогаш е многу тешко да се избегнат. Тука би ги вброиле: болест или повреда, бременост и станување родител, хронични здравствени проблеми, стапување во брак, минување низ раскинување на врска или развод, тешки односи со родители, браќа и сестри, пријатели или деца, губење на работата, долгорочна невработеност, заминување во пензија, ново вработување, преселба, финансиски грижи и сл. Во моментов се соочуваме со огромен стресор, пандемиската криза, која очекувано прави да сите ние интензивно ги почувствуваме симптомите на стрес во моменталното живеење. Како среќните настани предизвикаат стрес? Некои среќни настани како на пример, стапувањето во брак или раѓање на бебе, можат да донесат големи промени или да наметнат нови барања за адаптација. Ова може да биде особено тешко, бидејќи може да почувствувате двоен притисок, на адаптација од една страна, и исполнување на очекувањата од друга страна да бидете позитивни. Што е она што ве прави да се чувствувате дека сте под СТРЕС ? Вашата перцепција на ситуацијата. Ова може да биде поврзано со вашите минати искуства, вашето самопочитување и функционирањето на процесите на размислување (тенденцијата да ги толкувате работите позитивно или негативно). Колку имате искуство во справувањето со тој одреден вид притисок Вашата емоционална резилиентност кон стресни ситуации Поддршката која ја имате од другите. Како може да се справиме со секојдневниот стрес? Доколку најпрвин детектирате што вам ви предизвикува стрес, тоа може да ви помогне да ги предвидите проблемите и да размислите за стратегиите за нивно решавање. Дури и ако не можете да ги избегнете овие ситуации, подготвеноста и наоѓањето алтернативи и промени, може да ви помогне. Одвојте малку време за да размислите за настаните и чувствата што придонесуваат за зголемување на вашиот стрес. Детекцијата е првиот чекор, а планот за справување вториот. Прилагодете го начинот на организирање на вашето време, тоа може да ви помогне да чувствувате поголема контрола над сите задачи со кои се соочувате и да бидете во можност да се справите со притисокот. Фокусирајте се на тоа што е во ваша моќ, во секоја ситуација. Идентификувајте го за вас најдоброто време од денот и во тоа време извршете ги важните задачи за кои ви треба најмногу енергија и концентрација. Направете список на работи што треба да ги направите. Наредете ги по важност и приоритет и обидете се прво да се фокусирате на најитните. Поставете помали и остварливи цели. Кога сте под голем притисок, лесно е да си поставите големи цели кои често се неостварливи. Ова може да направи да се чувствувате под стрес и ако не ги достигнете, може да направи да се чувствувате разочарани и фрустрирани. Обидете се да не правите премногу работи одеднаш. Ако превземете премногу, можеби ќе ви биде потешко да направите добро некоја индивидуална задача. Некогаш е потребно да се побара помош или совет. На пример, можете да направите контакт со пријател или член на семејството да ви помогне во некои од вашите дневни задачи, така што ќе имате повеќе време за оние задачи што предизвикуваат чувство на стрес. Доколку стресот ве прави дисфункционални и значајно го нарушува вашето живеење, побарајте стручна помош. Иако не е лесно, понекогаш е добро да прифатите се што ви се случува. Прифаќањето на некои работи во врска со кои не може да направите ништо, ќе ви помогне да го насочите вашето време и енергија попродуктивно.