СЕЛЕКТИВЕН МУТИЗАМ-ДОЛГОТРАЕН И МАКОТРПЕН ПРОЦЕС ЗА ЦЕЛОТО СЕМЕЈСТВО
Селективниот мутизам е сложено анксиозно растројство кое се јавува кај децата. Се карактеризира со неспособност на детето да зборува ефективно и да комуницира во некои социјални средини, како што се училиште или градинка. Децата со селективен мутизам можат да зборуваат и да комуницираат во средини каде што се чувствуваат безбедно и опуштено, како што е домот. Секое дете со селективен мутизам ја покажува вознемиреноста на свој специфичен начин. Некои деца имаат целосна комуникативна блокада, други се карактеризираат со тоа што пројавуваат комуникација во присуство на одредени блиски луѓе, во чија близина се чувствуваат безбедно. Помалку вознемирените деца може да „изгледаат“ опуштено, безгрижно и да се дружат со едно или повеќе деца, но не се во можност да разговараат со наставниците и повеќето врсници. Третман на лицата со селективен мутизам? Главните цели на третманот се да се намали вознемиреноста, да се зголеми самодовербата, да се потикне социјалната комуникација. Акцентот не е на „принудување на детето да зборува“ и сите очекувања за вербализација треба да се отстранат од терапевтските и други средини каде што детето не зборува. Со намалена вознемиреност, самодоверба и употреба на соодветни техники, комуникацијата ќе се зголемува како што детето напредува и преминува од една во друга животна фаза. Третманот треба да бидe прилагоден на потребите на секое дете, но повеќето деца се третираат со комбинација на терапија со игра, когнитивно-бихејвиорална терапија, a со консултација со психијатар понекогаш се вклучуваат и медикаменти. Она што е од есенцијална важност е релацијата на детето со терапевтот, и потребно е детето во присуство на терапевтот да се чувствува почитувано, безбедно, да почувствува разбирање и трпеливост во негово присуство. Во целокупниот процес важна е соработката со училиштето, како и голема поддршка на семејството и родителите. РОДИТЕЛИТЕ СЕ ВАЖНА АЛКА ВО ЦЕЛОКУПНИОТ ПРОЦЕС ПОРАДИ ТОА: Покажете трпеливост Селективниот мутизам е сериозно нарушување и потребно е време за да се видат резултатите. Не се откажувајте од третманот, бидејќи на тој начин испраќате порака дека се откажувате од детето, а детето ја усвојува идејата дека нешто не е во ред со него. Зајакнете ја самодовербата Нагласете ги позитивните аспекти на вашето дете. На пример, ако детето е уметнички надарено, коментирајте позитивно и покажете ги неговите уметнички дела! Бидете креативни, изложете ги неговите уметнички дела. На овој начин детето создава позитивна слика за себе, што ја потикнува вербализацијата кај детето! Поттикнете го дружењето Поттикнете колку што е можно повеќе социјализација, но внимателно без детето да чувствува притисок. Организирајте датуми за игра со родителите на другите деца, можеби да остварите мала група интеракција со врсниците што детето добро ги познава, во вашиот дом. Целта е да го поттикнете вашето дете да се чувствува удобно и да вежба да зборува. Градинка и училиште Потребна е дополнителна едукација и насоки за училиштето или градинката.Разговарајте со наставниците дека детето треба да чувствува дека е во ред да не зборува. Невербалната комуникација првично е прифатлива.
ШТО СЕ ДОБИВА ОД РАЗВОЈНАТА ПРОЦЕНКА?
Развојната проценка, раната дијагностика и интервенција, индивидуално следење на растот и развојот на секое дете е доста значајна тема кога зборуваме за ран и предучилишен здрав раст и развој. Развојот на децата е најинтензивен во првите години од животот, но исто така е многу познато дека секое дете своите развојни задачи ги исполнува индивидуално само за себе, па има разлика во време, начин од едно до друго дете, преминувајќи од една во друга развојна фаза. На пример, некои деца во првата година и пол имаат побогат вокабулар, се случува да некое од децата започнува да оди на 10-11 месеци, a некои деца се сеуште во фазата на лазење. Она што е важно и значајно за секој родител, како и воспитувач во градинка, е веднаш штом се забележи некое отстапување и веќе подолг временски период има неисполнување на задачите од развојната мапа, да се алармира и да се процени секој сегмент од развојот на детето. Што е индивидуална развојна мапа? Индивидуалната развојна мапа е преглед на основните пресвртници во менталниот и физичкиот развој на детето од раѓање до седумгодишна возраст. Ги опишува карактеристичните промени и можните отстапувања на разбирлив и едноставен начин. Детектирањето на отстапувања го прават и педијатрите, воспитувачите во градинка, па потоа даваат насоки да се направи развојна проценка од страна на стручно лице. Постојат мапи кои што се наменети и за родители со цел само-проценка и забележување на текот на развојот на своето дете, а секако тоа е основа за ориентација и следење на развојот на детето, како и организирање на неговите активности. Кога зборуваме за проценка и следење според развојна мапа, внимателно ги следиме следниве сегменти: – Психо-моторен развој – Социо-емоционален развој – Когнитивен развој – Развој на говор и комуникација Она што секојдневната пракса го покажува во нашиот центар, и е значајно во правењето на развојната проценка, е првото интервју со родителите. На првото интервју со родителите секогаш се детектираат позначајни моменти како семејните обрасци на однесување, стилови на воспитување, колку средината во која што расте детето е стимулирачка, посетување на градинка, историја на пренатален, перинатален и постнатален период. Кој е следниот чекор откако кај детето ќе се детектира неисполнување на развојните задачи? Доколку за време на развојната проценка и опсервација кај детето се забележат отстапувања во развојот, пораки кои што несвесно се праќаат до детето и влијаат на неговото однесување, следниот чекор е поставување на целите и на тоа што конкретно ќе се работи, со концизни и јасни насоки кон семејството, дополнителни задачи за работа дома, индивидуална поддршка на детето, но секако и поддршка на целиот семеен систем. Запомнете: Секое дете е своја едника вредна за почит, секое дете има право да биде разбрано и да го развива својот потенцијал на соодветен начин познавајќи ги неговите функционални можности. Секое дете има право да им верува на возрасните, и возрасните да веруваат во него. Секое дете има право на поддршка што ќе му овозможи да развие сопствени стратегии за размислување и превземање акција!
ПОТТИКНЕТЕ ЈА ЕМОЦИОНАЛНАТА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА КАЈ ВАШИТЕ ДЕЦА!
Емоционалната интелигенција е многу важна во воспитувањето на децата, и честопати многу занемарена. Иако, многу внимание се посветува на знаењето и учењето на нови вештини, емоциите се оставаат настрана. Многу трендови во воспитувањето на децата се движат во насока на развој на емоционална интелигенција, и тоа со добра причина. Овие неколку совети можат да ви бидат од голема корист. 1.Погледнете го светот низ очите на детето Со други зборови, ставете се во негова позиција и обидете се да ја видите големата слика од страната на детето. Почитувајте ги чувствата и мислењата на детето. Ова не мора да значи дека се согласувате со него, туку дека го почитувате како личност. Доволно да го искажете чувството што го има детето во тој момент, да му дадете до знаење дека знаете што чувствува и размислува. Како ова и помага на емоционалната интелигенција: Кога детето се чувствува прифатено, тоа создава емоционални врски во мозокот што подоцна детето ги користи за да се утеши во тешки моменти. Децата развиваат емпатија (чувство за другите луѓе) учејќи од вас. Им помагате на децата да се справат со своите чувства и да ги запознаат. Дефинирањето на емоциите е многу важно за нив. 2.Дозволете му на детето да ги покаже своите емоции Прифатете ги емоциите на вашето дете наместо да ги игнорирате или да не ги забележувате. Ако не ги прифаќате неговите емоции, детето чувствува дека не се добри и се обидува да ги сокрие. Ако не му покажете на вашето дете дека се грижите за неговата тага или страв, тоа нема да престане да чувствува, но ќе ја потисне и тагата и стравот. Емоции кои се потиснати го оптоваруваат детето затоа што тоа не може да ги разбере. Затоа е важно да му дозволите на детето да ги покажува своите емоции и да го охрабрите да го стори тоа. Како ова и помага на емоционалната интелигенција: Вашето прифаќање му помага на детето да ги разбере сопствените емоции, што на долг рок го развива детето во емоционално зрела личност. Прифаќајќи ги емоциите на вашето дете, му давате до знаење дека неговите емоции не се лоши или негативни, туку спротивното – дека лесно може да се справи со нив, без разлика дали се позитивни или негативни. 3.Научете го вашето дете само да пронајде решение Научете го вашето дете да се справи со своите чувства без бурно реагирање. Кога децата се чувствуваат разбрани, полесно им е да ги надминат тешките мисли. Ова отвора простор за решавање на проблеми. Понекогаш децата можат сами да се справат со тоа, а понекогаш им е потребна и наша помош. Не се форсирајте да го решите проблемот со детето, бидејќи тоа може да испрати порака дека не му верувате. Верувајте му и бидете подготвени да помогнете кога ќе ве прашаат. Како ова и помага на емоционалната интелигенција: Децата мора да знаат како да се справат со емоциите, но мора да знаат и како да најдат конструктивно решение за проблем што ги мачи. Ова бара вежба и голема помош од вас како родители. Само прифаќањето на емоциите на вашите деца не е секогаш доволно за да ги научите да се справат со нив, иако е прв чекор. Покажете им како да се справат со одредени емоции и како да ги толкуваат. Користете се себе за пример и модел. На секое дете му треба помош за да научи да се справува со емоциите без агресија кон другите. 4.Играта е од големо значење за секое дете Кога ќе забележите негативен тренд во однесувањето на вашето дете, сфаќате дека нешто веројатно го мачи. Понудете му да му помогнете. Не мора секогаш да е разговор, но можете да го решите преку игра. Претворете ја потенцијално тешката ситуација во игра и шега. Како ова и помага на емоционалната интелигенција: Децата полесно учат преку игра. Ова им олеснува да ги покажат своите чувства и да се справат со нив. Некои чувства тешко се изразуваат со зборови, дури и за нас возрасните. Но, со играта можеме да постигнеме многу. Можеме да го решиме проблемот и без да зборуваме директно и конкретно за тоа. Смеењето го стимулира лачењето на хормонот на среќата. Искористете го овој факт и смејте се колку можете повеќе со Вашите деца, направете позитивна атмосфера во домот.
ВАЖНОСТА НА РАНАТА СТИМУЛАЦИЈА ЗА ДЕЦАТА!
Најважниот период за развојот на детето е од раѓање до 6 годишната возраст, а во овој период раната стимулација има есенцијална улога. Потребно е на децата да им се дадат одредени стимулации кои ќе придонесат за нивен здрав раст и развој. Програмата за рана стимулација има за цел да го поттикне сензомоторниот, емоционалниот, социјалниот и интелектуалниот развој на детето и на тој начин да му обезбеди активно, поуспешно и независно учество во социјалниот живот. За детето да ги развие во потполност своите когнитивни потенцијали, најзначајно е да му се дозволи самостојно да манипулира со предметите, да истражува и учи од сопственото искуство. Децата инстинктивно го прават она што е важно за развој на мозокот, па се вртат во круг, скокаат, но се случува родителите да не дозволат такво однесување со цел да ги заштитат. Голема грешка при воспитување и едукација на децата е што децата се казнуваат кога ќе кажат нешто што не е во ред. Таквото однесување предизвикува децата да се плашат да го споделат своето мислење и да имаат несигурност во себе. Целта на стимулацијата не е развојот да се забрзува, поставувајки превисоки цели, форсирајќи го детето да исполнува задачи за кое не е подготвено. Напротив, потребно е да се препознае и охрабри потенцијалот на секое дете, да му се понудат предизвици и адекватни активности за зацврстување на иницијативата, учењето и себевреднувањето. Важни области за рана стимулација: Фина моторика-развојот на фината моторика е од круцијално значење од моментот кога бебето ќе го открие движењето на рачињата. Груба моторика-ги опфаќа другите делови од телото, рацете, нозете и општото држење на целото тело, запознавање на гестикулативен простор. Социо-емоционалниот развој е важен аспект во растот и развојот на едно дете. Препознавање на своите емоции, споделувањето, а не потиснување, препознавање на туѓите емоции, но и воспоставување здрава релација со останатите. Стимулација на говор. Стимулација на вештини од секојдневен живот. Стимулација на когнитивните способности, логичко размислување и способност за решавање на проблеми и донесување на одлуки. Доколку забележите дека вашето детето не се развива како другите деца, веднаш треба да ги контактирате стручните лица кои го проценуваат целокупниот развој на детето (специјален едукатор и рехабилитатор, логопед, психолог, детски невропсихијатар). Раната стимулација е систематски пристап кон ран и континуиран третман спроведен од тим на експерти, кој е фокусиран на потребите на одредено дете и неговото семејство. Тимовите за рана интервенција и стимулација имаат различни задачи насочени првенствено на обезбедување поддршка на детето, а потоа и на семејството. Детето кое учи нови искуства од рана возраст, развива упорност, креативност и имагинација, ќе прерасне во здрава и интегрирана личност која во иднина ќе придонесе и за општеството како целина.