МОЕТО ДЕТЕ СЕ ОДНЕСУВА КАКО ,,МАЛ ГОСПОДАР“ И ПОВТОРНО НЕ Е ЗАДОВОЛНО ОД НИШТО

Родителите кои се придржуваат до моделот на воспитување во кој доминантна е љубовта, а недостига дисциплина, често живеат во постојан страв дека детето ќе престане да ги сака, и затоа му дозволуваат да се однесува како мал господар. Многумина знаат да кажат: Децата денес се единствената вредност за која луѓето би го дале својот живот. Се разбира, родителите треба да се откажат од многу работи во корист на своите деца, но секако мора да постои и јасна граница помеѓу одрекувањето и создавање на жртва: ОДРЕКНУВАЊЕТО Е КОНСТРУКТИВНО, ЖРТВАТА Е САМОУНИШТУВАЧКА. Многу родители се водат по „идеологијата на среќно дете“ затоа што веруваат дека нивното дете мора да има среќно детство по секоја цена, а тоа на некои од нив им значи дека мора тоа да добие се што ќе посака, за да прерасне во независна и ментално здрава личност. Континуирано исполнување на секоја желба, води кон претварање на вашето дете во „мал господар“. Ова доведува до тоа да родителите му се потчинуваат на своето дете, неговата волја и желби. Најчесто детскиот отпор при обид за дисциплина, и поставување на граници се дефинира како доживување на траума, па во истиот момент се повлекуваат родителските барања и на тој начин се преминува во стил на немоќни и попустливи родители. Се појавува феноменот на несебично жртвувње за детето во обидот да се задоволат сите негови барања и желби. Како изгледа „малиот господар“? Знаат да гребат, удираат, гризат или фрлаат со предмети по своите родители кога не се задоволни од улугата на својот родител. Гледајќи од страна, релацијата помеѓу детето и родителот изгледа како однос помеѓу мал гоподар и голем роб. И кога малиот господар ќе порасне, тој често станува голем господар. Иако пораснал, тој не сака да преземе одговорност за себе и за сопствениот живот. Наместо тоа, тој останува во симбиоза со родителите кои ги финансираат сите неговите желби и барања од се поголем карактер. Погответе го вашето дете за самостоен живот Родителите кои што имаат потешкотија со поставувањето на здрави и цврсти граници, кои во секој следен чекор на детето гледаат голем ризик и се обидуваат да го заштитат, наместо самостални ги пренасочуваат своите деца кон станување ,,мали господари“. Но, што се случува подоцна? Овие деца остануваат во умрежен однос со своите родители, имаат голема зависност од нив, се плашат од тоа што се случува надвор од нивниот дом, остануваат пасивни, без социјални вештини. На самиот почеток родителот превзема целосна одговорност за чувствата на своите деца. Ако детето е несреќно, се чувствува тажно, дирекно се преминува на вториот чекор, а тоа е најчесто задоволување на материјална потреба, купување на нов плејстејшан, нова играчка без дискусија зошто детето е тажно. Водејќи се од мислата дека детето мора секогаш да е среќно и насмеано, со негација и неприфаќање на негативните емоции, не ја гледаат големата слика. Исполнувањето на секоја желба на свото дете и повлекувањето на секоја граница само за тоа детето да не плаче, всушност придонесува во тоа да своето дете го лишете од самостојност. Како специјален едукатор кој што секојдневно се соочува со оваа проблематика, драги родители ве советувам: Самостојноста се учи од мали нозе, дозволете му на вашето дете да ги завршува задачите за кое е способно, бидете прецизни во тоа што може, а што не може. Охрабрете се вие, охрабрете го и вашето дете. Запомнете, позади секое дете што верува во себе, стои родител кој што верува во него.
СЕЛЕКТИВЕН МУТИЗАМ-ДОЛГОТРАЕН И МАКОТРПЕН ПРОЦЕС ЗА ЦЕЛОТО СЕМЕЈСТВО
Селективниот мутизам е сложено анксиозно растројство кое се јавува кај децата. Се карактеризира со неспособност на детето да зборува ефективно и да комуницира во некои социјални средини, како што се училиште или градинка. Децата со селективен мутизам можат да зборуваат и да комуницираат во средини каде што се чувствуваат безбедно и опуштено, како што е домот. Секое дете со селективен мутизам ја покажува вознемиреноста на свој специфичен начин. Некои деца имаат целосна комуникативна блокада, други се карактеризираат со тоа што пројавуваат комуникација во присуство на одредени блиски луѓе, во чија близина се чувствуваат безбедно. Помалку вознемирените деца може да „изгледаат“ опуштено, безгрижно и да се дружат со едно или повеќе деца, но не се во можност да разговараат со наставниците и повеќето врсници. Третман на лицата со селективен мутизам? Главните цели на третманот се да се намали вознемиреноста, да се зголеми самодовербата, да се потикне социјалната комуникација. Акцентот не е на „принудување на детето да зборува“ и сите очекувања за вербализација треба да се отстранат од терапевтските и други средини каде што детето не зборува. Со намалена вознемиреност, самодоверба и употреба на соодветни техники, комуникацијата ќе се зголемува како што детето напредува и преминува од една во друга животна фаза. Третманот треба да бидe прилагоден на потребите на секое дете, но повеќето деца се третираат со комбинација на терапија со игра, когнитивно-бихејвиорална терапија, a со консултација со психијатар понекогаш се вклучуваат и медикаменти. Она што е од есенцијална важност е релацијата на детето со терапевтот, и потребно е детето во присуство на терапевтот да се чувствува почитувано, безбедно, да почувствува разбирање и трпеливост во негово присуство. Во целокупниот процес важна е соработката со училиштето, како и голема поддршка на семејството и родителите. РОДИТЕЛИТЕ СЕ ВАЖНА АЛКА ВО ЦЕЛОКУПНИОТ ПРОЦЕС ПОРАДИ ТОА: Покажете трпеливост Селективниот мутизам е сериозно нарушување и потребно е време за да се видат резултатите. Не се откажувајте од третманот, бидејќи на тој начин испраќате порака дека се откажувате од детето, а детето ја усвојува идејата дека нешто не е во ред со него. Зајакнете ја самодовербата Нагласете ги позитивните аспекти на вашето дете. На пример, ако детето е уметнички надарено, коментирајте позитивно и покажете ги неговите уметнички дела! Бидете креативни, изложете ги неговите уметнички дела. На овој начин детето создава позитивна слика за себе, што ја потикнува вербализацијата кај детето! Поттикнете го дружењето Поттикнете колку што е можно повеќе социјализација, но внимателно без детето да чувствува притисок. Организирајте датуми за игра со родителите на другите деца, можеби да остварите мала група интеракција со врсниците што детето добро ги познава, во вашиот дом. Целта е да го поттикнете вашето дете да се чувствува удобно и да вежба да зборува. Градинка и училиште Потребна е дополнителна едукација и насоки за училиштето или градинката.Разговарајте со наставниците дека детето треба да чувствува дека е во ред да не зборува. Невербалната комуникација првично е прифатлива.
ШТО СЕ ДОБИВА ОД РАЗВОЈНАТА ПРОЦЕНКА?
Развојната проценка, раната дијагностика и интервенција, индивидуално следење на растот и развојот на секое дете е доста значајна тема кога зборуваме за ран и предучилишен здрав раст и развој. Развојот на децата е најинтензивен во првите години од животот, но исто така е многу познато дека секое дете своите развојни задачи ги исполнува индивидуално само за себе, па има разлика во време, начин од едно до друго дете, преминувајќи од една во друга развојна фаза. На пример, некои деца во првата година и пол имаат побогат вокабулар, се случува да некое од децата започнува да оди на 10-11 месеци, a некои деца се сеуште во фазата на лазење. Она што е важно и значајно за секој родител, како и воспитувач во градинка, е веднаш штом се забележи некое отстапување и веќе подолг временски период има неисполнување на задачите од развојната мапа, да се алармира и да се процени секој сегмент од развојот на детето. Што е индивидуална развојна мапа? Индивидуалната развојна мапа е преглед на основните пресвртници во менталниот и физичкиот развој на детето од раѓање до седумгодишна возраст. Ги опишува карактеристичните промени и можните отстапувања на разбирлив и едноставен начин. Детектирањето на отстапувања го прават и педијатрите, воспитувачите во градинка, па потоа даваат насоки да се направи развојна проценка од страна на стручно лице. Постојат мапи кои што се наменети и за родители со цел само-проценка и забележување на текот на развојот на своето дете, а секако тоа е основа за ориентација и следење на развојот на детето, како и организирање на неговите активности. Кога зборуваме за проценка и следење според развојна мапа, внимателно ги следиме следниве сегменти: – Психо-моторен развој – Социо-емоционален развој – Когнитивен развој – Развој на говор и комуникација Она што секојдневната пракса го покажува во нашиот центар, и е значајно во правењето на развојната проценка, е првото интервју со родителите. На првото интервју со родителите секогаш се детектираат позначајни моменти како семејните обрасци на однесување, стилови на воспитување, колку средината во која што расте детето е стимулирачка, посетување на градинка, историја на пренатален, перинатален и постнатален период. Кој е следниот чекор откако кај детето ќе се детектира неисполнување на развојните задачи? Доколку за време на развојната проценка и опсервација кај детето се забележат отстапувања во развојот, пораки кои што несвесно се праќаат до детето и влијаат на неговото однесување, следниот чекор е поставување на целите и на тоа што конкретно ќе се работи, со концизни и јасни насоки кон семејството, дополнителни задачи за работа дома, индивидуална поддршка на детето, но секако и поддршка на целиот семеен систем. Запомнете: Секое дете е своја едника вредна за почит, секое дете има право да биде разбрано и да го развива својот потенцијал на соодветен начин познавајќи ги неговите функционални можности. Секое дете има право да им верува на возрасните, и возрасните да веруваат во него. Секое дете има право на поддршка што ќе му овозможи да развие сопствени стратегии за размислување и превземање акција!
МОЕТО ДЕТЕ НЕ МЕ ПОЧИТУВА, НЕ ПОЧИТУВА ПРАВИЛА И НЕ ГИ ЗАВРШУВА СВОИТЕ ОБВРСКИ
Децата често проверуваат кои се вашите граници, тие пробуваат да се договорат со вас, се обидуваат да ги преминат границите или пак намерно ги кршат правилата. Работејќи во центарот, често родителите знаат да кажат дека нивното дете не ги почитува, постојано плаче и не сака да ги завршува задачите од училиште. Задржете ја присебноста Запомнете дека понатамошниот однос на детето зависи од вашата рекација-дали ќе биде позитивна или пак негативна. Доколку немате поставено цврсти и јасни граници прекршувањето на правилата од страна на вашето дете постојано ќе е тука. Доколку сте пак премногу строги детето ќе се чувствува ограничено, под константен притисок, што подоцна ќе донесе проблеми во комуникацијата и релациите со другите од својата околина. Како и за повеќето работи, клучот за добар и здрав однос е во балансот. Кога детето го прекршува правилото, не ве почитува како родител, почнува да плаче, се тегне по земја, ве удира, a заканите и речениците од типот: Како се осмелуваш па јас сум твоја мајка!, дополнително ќе ја влошат ситуацијата. Потребно е да вдишете длабоко воздух, да броите до десет и да размислите дали она што во тој момент сакате да го изговорите има позитивно влијание во смирувањето на целата ситуација. Пронајдете ја вистинската причина Непочитување на родителите и не извршување на обврските во текот на денот не е секогаш одраз на моменталната состојба, a вистинската причина може да биде во нешто што не е поврзано со тоа. Можеби детето има проблеми со врсниците во училиштето, но се плаши да сподели со своите родители мислејќи дека ќе биде осудено дека вината е негова. Доколку причината е училишната средина, ќе забележите дека детето доаѓа нервозно од училиште, покажува отпор секое утро кога треба да се подготвуваат книгите и ранецот. Како родители разговарајте отворено со вашето дете, прашајте: дали нешто се случува во училиште, како го поминува денот кога е со своите другарчиња, која друштвена игра практикуваат да ја играат. Прифаќајте ги емоциите на вашето дете Вашето дете до вчера беше послушно, а денес тоa ви одговара: Тргни се од мојата собa, не сакам да разговарам! Можеби само го повторува тоа што го слушнал од своите врсници и не сфаќа дека таквото однесување е непристојно. Децата често слушаат како нивните другарчиња реагираат на нивните родители и сакаат да ги имитираат. Затоа, кажете му дека е во ред да каже дека е лут, уморен или пак можеби тажен. Но, нагласете дека викање и дрскост, не се опција за решавањето на проблемот. Зборувајте за тоа кои се последиците од непочитување на правилата Кога ќе му кажете на вашето дете дека таквото однесување и фразите кои ги користи се несоодветни, објаснете кои се последиците од таквото однесување. Поставете јасни правила и рутини, одредете точно време за спиење, навики за хигиена, спремање за училиште, пишување на домашна задача. Направете планер за неговите обврски и тоа многу полесно ќе се движи во текот на денот кога задачите и правилата се запишани. Бидете доследни, држете се до правилата, тоа е единствениот начин да покажете дека сте сериозни. Бидете внимателни што и како зборувате Важно е да вие како родители бидете позитивен пример за најмладите. Тие учат имитирајќи го она што го слушнале и виделе, особено дома. Ако родителите имаат остар и висок тон во разговорот, покажуваат непочит еден спрема друг, децата ќе мислат дека тоа е во ред и ќе го превземат таквиот образец на однесување. Обидете се да се однесувате со почит кон членовите на семејството, пријателите, соседите, дури и кога мислите дека детето не ве слуша, верувајте малите уши често слушаат сè. Кажете БРАВО за љубезноста Обрнете внимание на моментите кога детето е љубезно, благодарно и пристојно, не пропуштајте да го пофалите со образложение зошто е тоа за браво. Пример, доколку детето ги почитува и исполнува задачите од планерот за пишување домашна задача, пофалете го на следниот начин: Браво, домашната задача е завршена на време, тоа ти овозможува да имаш повеќе време за слободни активности и вечер да заспиеш порано. Со тоа, покажувате одобрување и поткрепа за таквото однесување, а децата се чувствуваат убаво кога ќе видат дека мама и тато забележуваат колку се добри.
РАЗВОЈНА ДИСФАЗИЈА ИЛИ АУТИЗАМ?
Развојната дисфазија е јазично нарушување на способноста за разбирање, изразување и формулирање на јазична мисла. Овие деца покажуваат значително јазично доцнење во однос на нивната календарска возраст и интелектуален капацитет. Степенот на сериозноста на тешкотијата може да биде различен и се движи од целосно отсуство на говор (алaлија) кај дете од две до три години до навидум нормален говор со потешкотии во читањето и пишувањето кај училишните деца. Кај некои деца, потешкотиите во говорот се поизразени, додека кај други се изразува недостатокот на разбирање за јазичните содржини. Развојна дисфазија или аутизам? Симптомите на овие две нарушувања често се преплетуваат, особено кога станува збор за развојна дисфазија од рецептивен тип. За двете состојби карактеристично е неразбирање, не одговара на сопственото име до две години, прекумерна активност и слабо внимание, недостаток на вербална комуникација, често повторување на јазичната содржина, нарушувања во однесувањето. Главната и најважната разлика е во тоа што развојната дисфазија е исклучиво јазично нарушување и има дефицит на вербална комуникација, додека невербалната комуникација и социјализацијата се релативно добри. Аутизмот е нарушување на вербалната и невербалната комуникација, како и нарушување на социјалниот реципроцитет. Карактеристично за деца со развојна дисфазија: Нормални социјални интеракции. Тие ги разбираат намерите и емоциите на другите. Ова се рефлектира во задоволството од создавање нови социјални контакти и со возрасни, и со деца. Прегратките и бакнежите им создаваат позитивни емоции. Тие реагираат нормално на насмевки. Тие покажуваат задоволство кога ќе добијат нова играчка. Тие имаат контакт со очите. Можеби нема да одговорат на повик по име. Учествуваат во играта „кобајаги“. Нивната игра е функционална и креативна. Тие сакаат да играат со разни играчки и со други деца. Нормална употреба на гестови или само мало отстапување во невербалната комуникација. Нивните социјални контакти се адекватни, тие го компензираат отсуството на говор со гестови, и немаат стереотипни обрасци на однесување. Нивните интереси се разновидни, немаат невообичаено однесување како „треперење“ на рацете, кршење прсти, одење по прсти и слично. Карактеристично за децата со аутизам: Оштетување во сегментот на социјалната интеракција. Тие не можат да донесат едноставни заклучоци за намерите на другите. Не можност за остварување на социјални контакти, изгледаат премногу мирни или дури пак „ладни“. Некои деца не реагираат на насмевки на другите и не обрнуваат внимание на гримасите на другото лице. Се случува да го фиксираат своето внимание на предмети околу нив. Децата со аутизам можат да бидат многу селективни при избор на блиски луѓе, избегнуваат контакт со своите врсници. Креативната имагинативна игра доцни или не постои. Децата со аутизам не се обидуваат да имитираат движења или звуци, не реагираат на сопственото име, карактеристичен е недостатокот на соодветен контакт со очи, имаат карактеристичен „стаклен поглед“. Изостанување на невербалниот контакт, не го компензираат отсуството на говор со употреба на гестови. Употребата на јазик е стереотипна и се повторува. Тие често прозборуваат доцна, откако ќе ги изговорат првите зборови, може да се појави фаза на долга тишина. Постои тенденција да се повторуваат зборови или фрази од филмови, реклами, туѓи говори. Децата со аутизам имаат ограничени, повторливи и стереотипни обрасци на однесување, интереси и активности. Може да забележите повторувања на активности како што се вклучување и исклучување на светлата или отворање и затворање на славината и уредување на предметите по ред. Некои деца можат да одат на прсти, да скокаат, да мавтаат или да имаат повторувачки гримаси од возбуда. Може да имаат прекумерна или намалена чувствителност на дразби од околината (бучава, непријатност при сечење коса, избегнување валкање, пребирливост при избор на храна, силна светлина може да им пречи). Намален праг на болка. Сепак, мора да имаме во предвид дека секое дете е сложена индивидуа сама по себе и дека не е можно да се дијагностицира нарушување засновано на неколку препознаени симптоми. Низа на симптоми може да се пројавуваат, но не мора да значат дека детето има нарушување. Исто така, некои симптоми се појавуваат пред, а некои подоцна. Објавените содржини се во психо-едукативни цели, а за професионална проценка и третман, остварете контакт со стручно лице од областа на менталното здравје. Задолжително означување на авторот и изворот, при превземање и цитирање на објавените содржини.
Децата и технологијата: како да се ограничи времето пред екраните?
Во денешно време, омилена играчка на повеќето деца е паметен телефон, таблет или компјутер. Докажано е дека прекумерната употреба на екраните, особено кога тоа е случај пред петтата година од животот, кај одреден број деца доведува до зависност, недостаток на енергија и креативност, недостаток на социјални вештини, како и проблеми со физичкото здравје. Истово, секако дека има и големо влијание врз раниот детски развој. Сепак, факт е дека на некој начин сите сме ориентирани кон технологија во секојдневниот живот и комуникација и дека ни треба дигитална писменост. Денешното следење на наставата и училишните програми се исто така дизајнирани така што потребно е да следат настава онлјан или да подготвуваат разни проекти кај што неизбежно е користење на интернет и паметни екрани. Кое е оптималното време за седење пред екраните? Колку време пред екранот нема да влијае негативно на растот и развојот на детето? Можеме да истакнеме дека тоа првенствено зависи од содржината на која детето ќе и се посвети. Кога на пример станува збор за едукативна содржина, како што е подготовка на проект за училиште и детето одлучи да одвои два дена по 2-3 часа, е во ред. Секако, препорачливо е да се направи паузи за да ги одмори очите и да ги истегне мускулите. Но доколку детето поминува 2-3 часа секој ден гледајќи јутјубери или играјќи видео игри, притоа занемарувајќи ги своите обврски, потребно е да се воведат правила и ограничувања. Затоа е важно да се воспостави рамнотежа и да се постигне умереност и секогаш да се проценуваат придобивките и штетите од она што го прави детето. ОПШТИ ПРЕПОРАКИ: – за деца под 2-годишна возраст: посветете минимално време на гледање телевизија и пред екранот воопшто; – за деца од предучилишна возраст: максимум еден час на ден, најдобро за гледање цртани филмови наменети за оваа возраст или слушање детски песни; – за деца од 6 до 8 години: еден час на ден, исто така, цртање и слушање детски песни, и во ред е да воведете некои игри, најдобро логички; – за деца постари од 8 години: до 2 часа на ден, со контрола на содржината. Кај тинејџер, ако забележите дека покажува заинтересираност за програмирање, дизајн или нешто слично, не паничете ако го надмине дозволеното време – тоа веројатно ќе биде негово занимање за неколку години. Важно е само поради тоа да не трпат други обврски и социјален живот. Како што созрева, детето развива самодисциплина, ги дефинира своите интереси и ако не е неодговорно, треба да му се даде слобода да управува со своето време. Со цел од една страна да се намалат потенцијалните ризици, и од друга страна да се зголемат придобивките обезбедени од технологијата, обидете се да ги имплементирате следниве предлози. 1) „Забранета зона“. Воведете правило и јасно дефинирајте во кои ситуации е целосно забрането да имате екран пред вас – на пример за време на оброк, пред спиење, додека учи нешто што не бара употреба на интернет, кога доаѓаат гости или додека се возат во автомобил. Можете исто така да воведете правило дека мобилниот телефон, таблетот и компјутерот се користат само во дневната соба. 2) Поставување граници. Воведете правило дека мобилен телефон, таблет или компјутер, кога се користи во слободно време (не за училишни цели), се користи максимум 1 час на ден. Исто така, се препорачува ова да се смета за привилегија, односно времето да се продолжи на 2 часа на ден како награда за добро однесување, одреден успех и слично. Или, во друга ситуација, да се скрати и дури и да се укине за одреден временски период, како казна за неприфатливо однесување. 3) Поставување приоритети. Времето пред екранот не треба да биде приоритет во однос на учењето, дружењето со врсниците, физичката активност, домашните задачи. Кога овие ставки се завршени, времето пред екранот следи како награда. 4) Заеднички активности. Откријте кои игри можете да ги играте или кои видеа да ги гледате со вашето дете. Ова може да има позитивен ефект врз вашата врска, блискост и комуникација. 5) Социјални мрежи. Контролирајте што споделува детето на социјалните мрежи и привлечете го нивното внимание ако забележите дека споделува премногу информации (адреса, телефонски број) и / или објавува несоодветна содржина и фотографии. Секогаш објаснувајте зошто ова не е прифатливо. Препорачливо е децата да не отвораат сметки на социјалните мрежи (како што се Фејсбук, Инстаграм, ТикТок) пред 15-годишна возраст. 6) Контрола на содржина. Контролирајте што детето гледа на интернет. Соодветно можете да поставите правила – да речеме дека содржината што промовира насилство, прекумерно пцуење и слично е забранета. Наместо тоа, предложете му на детето содржина што има одредена воспитна карактеристика. Со ова не мислиме дека детето треба да се чува „под стаклено ѕвоно“. Напротив, потребно е детето да стекне социјален имунитет, и до одреден степен, да биде во тек со она што го следат повеќето врсници, но ако е заинтересирано да следи јутјубер кој поставува несоодветна содржина, охрабрете го детето да размислува критички – што сака и зошто, што не сака и зошто, дали нешто друго би можело да биде посоодветно, какво е вашето мислење за таа содржина и зошто.
ДАЛИ МОЕТО ДЕТЕ ИМА ДИСПРАКСИЈА?
Диспраксијата е развојно пореметување на координацијата на движењата на телото, и слабост или незрелост на движењата на телото. Детето се соочува со потешкотија да планира, организира и координира движења. Тоа резултира со моторни проблеми во фината и групата моторика како и можност за појава на говорни проблеми. Диспраксијата не ги погодува само моторните вештини, туку и ракописот, способноста за организација, сликата за себе, самодовербата и севкупната социјална интеракција. Со што се соочуваат децата со диспраксија? Потешкотија со планирање на движењето во просторот: децата со диспраксија имаат потешкотија со одржување на рамнотежа, често се заплеткуваат и препнуваат на предмети од околината, имаат лошо држење на телото и лесно се заморуваат. Перцепција: тешко проценуваат висина, време, брзина, тежина и оддалеченост што прави да делуваат неспретно. Имаат слаба визуелна перцепција, недостиг на свест за личниот простор, неадекватна смисла за насока и положба на телото во просторот. Латерализација: децата со диспраксија се збунети кога треба да одлучат која рака да ја употребат. Може да имаат проблем да одредат страна лево и десно без да се потсетат. Потешкотија во говорот: бавно учат да зборуваат и говорот може да им биде неразбирлив. Потешкотија со пишување: пишуваат со голем напор и споро, неуредно и нечитливо. Препишувањето на текст од табла на децата со диспраксија им претставува голема тешкотија. Губат или забораваат свои предмети. Потешкотии во концентрација и внимание: тешко им е да извршуваат неколку задачи истовремено и потребно им е многу време да извршат една задача. Непознавање на сопствените вредноси, искривена слика за себе, избегнувачко однесување во однос со соочувањето на негативни емоции. ВАЖНО е да се има во предвид дека не секоја неспретност претставува диспркасија. Децата не ја надминуваат диспраксијата, но со навремено детектирање, холистички третман на работа вклучувајки реедукација на психомоторика, професионалната терапија, терапија со спорт и физички вежби, говорна терапија и други алатки и стратегии можат да помогнат за подобрување на состојбата.
КАКО ДО ПОДОБРА КОМУНИКАЦИЈА СО ВАШЕТО ДЕТЕ?
Кога комуницирате со дете, пред се како родители треба да имате во предвид дека тоа е рамноправен член во дијалогот и задачата на возрасниот е да се грижи дали детето ја разбира пораката испратена до него. Интеракцијата меѓу родителот и детето е комбинација од вербална и невербална комуникација. Притоа, 8% од пораките детето ги прима преку вербалната комуникација со родителот, додека 92% припаѓаат на невербалната комуникација. Начинот на којшто вие комуницирате со вашите деца, зборовите, речениците, тонот што ги користите –влијае на нивното однесување и на развојот на нивната личност. Уште поважно, тоа влијае и на нивните уверувања за тоа каков е светот и какви се тие самите. Искуството во работата со деца и нивните родители покажа дека често се случува родителите да испраќаат двојни пораки до своите деца за кои не се свесни. Двосмисленоста обично лежи во фактот дека една порака е испратена вербално, а интонацијата, изразот на лицето, држењето на телото и другите невербални сигнали се сосема спротивна порака. Не е невообичаено да се види мајка која со благ тон, со весело лице додека милува дете, да вели: „Колку си несмасен, не знаеш да заврзиш врвки”. Не е невообичаено да се види татко кој со висок тон, намуртено лице го удира својот син и му вели: ,,Тато те сака и се грижи за тебе”. Во тој момент на детето не му е целосно јасно каков е ставот на неговите родители, добива грешна насока за како се покажува чувството на љубов и грижа. Неколку совети за квалитетна комуникација со вашите деца: Контакт со очи- контактот со очи е од круцијално значење за емоционално воспитување на вашето дете. Претставува средство за изразување на родителската љубов кон детето, особено ако контактот е придружен со пријатни зборови и пријатен израз на лицето. Спуштете се на висина на детето, фатете го за рака, свртете се кон него, само внимателно и без нагли движења. Допирот и физичкиот контакт – се многу значаен дел во комуникацијата со детето. Потребно е физичкиот контакт да биде спонтан, пријатен и природен, а содржината се менува во согласност со возраста на детето. Држење на телото- со навалување нанапред и приближување кон детето , се праќа порака на блискост, почит, разбирање. Расчекорените нозе и раширените раце можe да покажат доминантност и одлучност. Исправеното и цврсто држење на телото упатува на будност и внимание на детето, додека олабавениот став укажува на незаинтересираност и слабо внимание. Начинот на кој родителот комуницира со детето станува модел според кој учи да комуницира со другите луѓе, да решава проблеми, да биде свесно за себе и за другите, да се почитува себеси, но и другите.
КАКО ДА ЈА ЗГОЛЕМАМ КОНЦЕНТРАЦИЈАТА КАЈ МОЕТО ДЕТЕ?
Концентрацијата е способност да се фокусира вниманието на една специфична работа, додека сè друго е занемарено и исклучено од полето на свеста. Претставува способност на една личност ефикасно да ги извршува посакуваните задачи, да ги филтрира само потребните информации и да ги неутрализира сите расеаности во морето на информации и стимули. Повеќето деца имаат потешкотија со концентрацијата. Нивното внимание често се расејува и тие не се во можност долго време да се фокусираат на една тема, што првично доведува до проблеми со учењето, а подоцна, поради недостаток на концентрација, децата можат да станат целосно демотивирани. 1.Обезбедете атмосфера што ја поттикнува концентрацијата. Местото за игра и учење е од исклучителна важност кога зборуваме за подобрување на концентрацијата. Обидете се да ги минимизирате надворешните влијанија кои што претставуваат дистрактор за вашето дете. 2.Сонот е од исклучителна важност Квантитетот и квалитетот на сонот е важен и за возрасните и за децата. Повеќето деца кои спијат помалку од потребниот сон според нивната календарска возраст имаат многу ниско ниво на концентрација. 3.Креирајте дневни рутини Охрабрете го вашето дете секогаш да учи во приближно исто време во текот на денот. Не заборавајте дека детето има потреба од слободно време, кога може само да игра и сонува. Навремено легнување и станување, одржување на хигиенски навики, средување на играчките и училишниот прибор се навики кои што се од голема поддршка и помош во создавањето на рутина. 4.Важноста на играта Преку игра, детето спонтано вежба и ги развива сите аспекти на развој-говор и комуникација, социјални вештини, когнитивен развој и развој на моторни вештини, следење на правилата и со тоа развој на концентрација. Одвојте заедничко време со вашето дете за игра и активности, тоа ќе придонесе за зголемување на концентрација. Еве неколку примери: детално цртање на цртежи со многу детали; вежба за гледање во една точка/предмет од 15 до 20 минути; составување на сложувалки; решавање едноставни мисловни задачи како што се игри за меморија, создавање на приказна од прикажани слики; игри со асоцијација додека се возите во вашиот автомобил; игри со класификација – од чорапи до категории животни, коцки, овошје или пак зеленчук; aктивности со дактиломоторни вештини (прецизни игри со прсти) – оставете ги да соберат играчки, затвараат и отвараат капачиња, нижат перли, редат коцки, играње во песок, игра со тесто или брашно. Чест проблем покрај концентрацијата, е и недостатокот на мотивација кај децата. Детето полесно ќе се концентрира и ќе го одржува фокусот на задачата кога е мотивирано. Објаснете му ги на детето причините зошто активностите од тој тип се од голема важност и обидете се да направите привлечни, интересни потребни материјали за игри кои ги зајакнуваат когнитивните способности на детето.
КАКО ДА ЈА ЗАЈАКНЕТЕ САМОДОВЕРБАТА КАЈ ДЕЦА СО СПЕЦИФИЧНИ ТЕШКОТИИ ВО УЧЕЊЕТО!
Современата училишна концепција е насочена кон когнитивните способности на детето, афективната и социјалната компонента се главно занемарени.Честа појава кај нас е тоа што лошиот успех на ученикот се изедначува со општата вредност на ученикот. За учениците кои што имаат специфични тешкотии во учењето и кои покажуваат помал успех од своите врсници во одредена училишна активност, кај нас многу ретко фокусот е на функционалните способности на детето и неговите позитивни особини, постојано се потенцира секој негов неуспех. Првите години во образованието се период кога детето ја гради сликата за себе и период кога се разрешува конфликтот помеѓу позитивната слика за себе и инфериорноста. Истражувањата покажуваат дека чувството на инфериорност особено се развива околу десетата година. После оваа возраст е многу потешко да се изгради позитивна слика за себе, а со тоа и самодоверба. Дете кое што нема специфични потешкотии во учењето кога ќе покаже успех на училиште, успехот го препишува на своите вложувања, кога ќе се соочи со одреден неуспех, грешка, тоа претставува мотив да се потруди повеќе. Кога детето кое што се соочува со специфични тешкотии во учењето покаже успех, тоа го препишува на среќни околности, наклонетост на наставникот кон него, а кога прави грешка тогаш се појавува голема фрустрација и често пати знаат да се наречат ,,Јас сум глуп/а“. Сликата за себе најмногу е под влијание на родителското воспитување, значајна улога во тоа има и наставникот. Способноста за позитивна комуникација кон децата е од огромно значење за нивната самодоверба и училишни достигнувања. За развој на самодовербата во детството, важни се две компоненти: чувството дека сме способни за нешто и чувството дека сме сакани. Родители, наставници, училишни соработници неколку совети за сите нас, како да ја подобриме комуникацијата и зајакнеме самодовербата кај лицата со специфични тешкотии во учењето: Оставете ги децата сами да ги завршат задачите за кои се способни. Нагласувајте и покажете ја безусловната природа на својата љубов и грижа. Внимателно со критиките! Ако детето добива критика и омаловажување, тоа влијае на неговата слика за себе. Родители, отворено разговарајте за емоциите со вашето дете. Секогаш користете контакт со очи кога го слушате или зборувате. Обидете се да не сте вознемирени кога детето ви зборува за неговиот проблем или потешкотија. Кажете му на вашето дете дека му верувате, дека се однесува добро и дека има прогрес. Постојат повеќе патишта за успех, не е само еден, секоја вештина треба да се вреднува. Секојдневно со вашето дете запишувајте ги неговите успеси во текот на денот, неговите позитивни карактеристики. Не дозволувајте да се заборават успесите и одликите од дневникот. Кога процесот на пишување е завршен, потребно е често да се препрочитуваат на глас, со цел да се зајакне меморијата за позитивните одлики. Вербата во себе како родител е значаен фактор во развивањето на довербата кај детето бидејќи детето чувствува дека личноста што се грижи за него во првиот период, има доверба во себе. Да се научи дете на самопочит, е најголемиот дар кој еден родител, наставник, едукатор може да го подари.