КОЈ Е ВИНОВЕН ШТО МОЕТО ДЕТЕ ОТСТАПУВА ОД РАЗВОЈНАТА МАПА?
Кога родителoт ќе забележи дека детето не се развива како што се очекува, тој честопати прво го поставува прашањето каде направил грешка во воспитувањето и грижата, а на ова прашање честопати следат мисли како на пример: -Зошто ова ми се случува мене/на моето дете? -Можеби не јадев доволно добро или се однесував несоодветно за време на бременоста? -Ова секако значи дека сме лоши родители и дека сум лоша мајка! -Секој ќе ми суди и ќе помисли дека сме невнимателни, незаинтересирани, неинформирани и дека не го сакаме (доволно) своето дете. Овие и слични мисли изгледаат целосно парализирачки, и ги прави родителите да се чувствуваат преплавено. Кога семејството е зафатено од тага, чувство на беспомошност, а понекогаш и меѓусебно обвинување, детето се наоѓа во ситуација да биде запоставено и лишено од потребното внимание, грижа и поддршка, а така ситуацијата дополнително се влошува. Кој е виновен? Ако има отстапување во развојот, причините обично се комбинација на различни околности и фактори. Ако членовите на семејството се фокусираат на расправија за тоа на кого припаѓа вината, многу е веројатно дека детето наскоро ќе почне да се чувствува лошо и виновно за семејните немири и раздори. Во исто време, додека се занимавате со грижа и вина, вашата енергија и ентузијазам не можат да бидат на завидно ниво, па затоа доаѓате во ситуација да немате доволно сила да му дадете на детето љубов и поддршка кои му се најпотребни. ЗАСТАНЕТЕ! Во моментот кога ќе забележите дека развојот на вашето дете не се одвива вообичаено, исполнувајќи ги развојните задачи од развојната фаза, важно е преиспитувањето и родителскиот страв да им отстапат место на стратешките одлуки кои ќе одат во насока на обезбедување соодветна професионална поддршка и не помалку важна – обезбедување емоционална поддршка на детето. Што е важно да се направи во овој момент? Првата најважна работа што можете да ја направите во овој момент е да ги запрете негативните мисли фокусирајќи се на целото знаење, искуства и што ги имате како индивидуи и како семејство. Токму овие ресурси ќе ви помогнат да го обезбедите потребното професионално охрабрување за детето и, како семејство, да се фокусирате на надминување на моменталната состојба на најдобар можен начин. Одвојте време за семејни активности во кои сите уживате, што ќе придонесе за поголемо чувство на блискост и семејна поврзаност, како и опуштење на напнатоста. Разговарајте. Чувството на поврзаност, меѓусебната блискост и чувството дека сте тим во кој сите сте тука едни за други, се скапоцени за сите членови на семејството во сите ситуации, особено во криза. Бидете свесни за тоа што се случува со детето во моментот, обидете се да бидете и објективни. Јасна слика, заедно со информации за силните страни на детето, ќе му бидат од голема важност на експертот да ја обликува работата со детето на најдобар можен начин. Обидете се да ги разгледате развојните предизвици на вашето дете што е можно пообјективно. Бидете свесни, но и истакнувајте ги силните страни на вашето дете. Детето веќе се чувствува различно од другите, не успевајќи целосно да се вклопи во своите врсници или да ги искаже своите мисли, желби и емоции. Поради тоа, тоа се чувствува фрустрирано, неразбрано, луто или тажно, може да се повлече од социјалните ситуации или да предизвика дополнителни неповолни ситуации со своето однесување, за што често се казнува. Од друга страна, кога ќе се фокусираме на тешкотијата со која се соочува детето, може да се случи чувството за постоење на проблемот да надвладее до степен до кој ќе се занемарат многу други аспекти на неговото функционирање, а кои се сосема соодветни. Наместо да се фокусирате исклучиво на проблемот и да и пристапувате на моменталната состојба од перспектива на страв, обидете се да го погледнете вашето дете реално и на тој начин да ги вклучите и вашите и силите на детето во вистинската насока. Свеста за доблестите на вашето дете ќе има корист и за вас и него, бидејќи се соочувате со развојни предизвици. Тоа ќе ви овозможи подобро да го разберете и почувствувате вашето дете и, според тоа, да се позиционирате што е можно подобро, без да очекувате премногу или премалку од него. Запомнете: Кога ги почитувате силните страни на вашето дете и успеете да ги потенцирате на искрен начин, и вербално и преку вашите очекувања од детето, му помагате да го задржи чувството на компетентност, чувство на моќ и гордост во сите други области, како и во групата врсници. Ова е многу важно да се има предвид, бидејќи тоа е силата на детето, она што тоа го знае и може да го направи, што ќе му овозможи на детето да го надмине постојниот проблем. Нагласувајќи го она што детето знае и може да го направи, испраќате многу важна порака до себе, другите и самото дете – дека неговото право на љубов и поддршка останува непречено.
Соопштување на деца за болест и смрт на близок член од семејството
Дали е правилно да ги премолчуваме непријатните ситуации, болести и проблеми пред децата? Криењето на одредена болест во тајност само го отежнува соочувањето на детето со истата. Мора да се знае дека е невозможно и не е препорачливо да се задржи тајна за постоење и лекување, или пак можен фатален исход, дури и пред децата. Треба да се соопшти вистината, секако со ублажено и пристапно објаснување соодветно на возраста. Исклучително е важно родителот да ја сподели информацијата со своето дете, но секако на начин на кој тоа ќе може полесно да го разбере, за да не се чувствува отфрлено и исклучено. Доколку не се разговара со децата, не им се даваат одговори, тие ќе креираат фантазматски сценарија во својата глава кои некогаш се далеку пострашни од реалноста или пак вистината, а нивото на стрес и анксиозност ќе им се зголемува. Децата секогаш знаат и чувствуваат повеќе од колку што мислат возрасните. Траумите секако имаат влијание врз развојот, но какво влијание имаат премолчените работи кои порано или подоцна ќе излезат на виделина? Децата на кои родителите им ја премолчеле својата борба, и го завршиле својот живот оставаат вечно неодговорени прашања, чувство на казнување, чувство на вина и отфрленост, но и интензивна лутина и мисла дека се немало шанса да се направи доволно за нив. Дали може да се измери силината на траумата, кој повеќе страда и кој полесно преболува, оној што знаел за болеста на родителот или оној што се соочува со вистината на анеговата смрттна постела? Полесно преболува тој кој со време знаел за болеста на родителот и има повеќе одговори, нема момент на изненадување и има шанса за повеќе контакт и збогување со него. Дали секогаш треба да се оди на опција чиста вистина, во смисла брутално да му се прикаже сликата на детето дека неговиот родител најверојатно ќе умре за некој месец, или подобро е да се маскираат нештата, со доза лажна надеж постепено да се дојде до фаталната вистина? Лажна надеж не препорачувам во никој случај, само реална слика во која би се објаснило најдобриот и најлошиот можен тек на болеста со последиците. Децата немаат когнитивни способности како возрасните и мора да им се помогне во процесот на разбирање на ситуацијата, а треба да се одвива во сетинг со заштитеност и сигурност. Јасни објаснувања без апстрактни поии, да нема можност да се фантазира доколку недостасуваат информации. Кој е можеби најсоодветен начин за детето да се подготви за фактот дека некому е загрозен животот? Тешки болест со ризик за најнепосакуваниот исход со завршување на човечки живот никогаш не треба да се премолчуваат. Огромен процент од родителите кои премолчувале за започнувањето на болеста, во подоцните периоди, кога аспектите на болеста кај родителот ќе станат поинтензивно видливи, жалат за затвореноста и исклучувањето на своето дете. Како што постојат фази во оджалувањето на настанување на смрт кај ближен, така има и фази на прифаќање на одредено тешко заболување или состојба. Како кај возрасните, така и кај децата. Зборување за истото го спречува изненадниот шок во некои ситуации, му дава на детето можност за делумна припрема на следствените непријатни и болни настани. Мора да се напомене дека соопштување на болни информации на детето и негово прифаќање на истите, многу зависи од пристапот на возрасниот/родителот. По искажување на информацијата со зборови кои треба да се одберат согласно возраста на детето, треба да му се даде простор и поттик да ги искаже своите емоции и да ги постави сите прашања на кои сака да има одговор. Истовремено треба да постои систем на поддршка на детето и да се чувствува дека има кој да го заштитува и да се грижи за него. Информациите секогаш треба да се едноставни, вистинити, јасни и кратки. Што треба да ни влијае при пристапот како и дали ќе ја соопштиме вистината за болеста? Дали возраста прави разлика? Секако дека возраста е значаен фактор. На мали деца од 2-8 години не им требаат многу детални податоци, но деца над 9 год и тинејџери треба да знаат повеќе за било која непријатна ситуација, настан или болест. Што и да се случува во семејството, детето треба да знае за промената на организацијата и динамиката во домот. Доколку станува збор за хоспитално лекување на родителот, кај детето може да се очекува да се развие сепарациона анксиозност. Малите деца тешко ја поднесуваат сепрацијата од родителот и во нормални околности, а уште потешко пак кога родителот заминува во болница.Мора да му се објасни кој ќе се грижи за него во тој период, тоа да биде блиска личност во која детето има доверба, и колку што може повеќе да му се покажува грижа, внимание и достапност за разговор во процесот на адаптација при сепрацијата со родителот. Ако постои можност за посети и телефонски разговори, секако да се прават. Ако родителот кој е болен и се чувствува емотивно преплавено од помислата за соопштување на таква информација на своето дете, подобро е тоа да го направи друг член од семејството. Тоа не значи дека родителот е лош, туку дека одбрал помалку стресен начин за своето дете и за него во тешките моменти. Децата реагираат различно на болести и смрт, но секако треба да се очекува интензивна тага, збунетост и страв. Важно е да се знае дека на детето му е потребен период на адаптација и дека за процесот е потребно време. Односно, ќе бидат потребни повеќе од еден разговор со него. Никогаш не треба да се го игнорира слонот во собата. Ако детето не зборува на глас, не значи дека не е преплавено од тага. Во ред е да се плаче пред него, и да се покажуваат и изразуваат емоциите,така му се покажува дека не е само во својата тага. Тоа овозможува заедничко тагување, и за тешка болест или несреќа во семејството, а особено за смрт на близок. Кај децата и тинејџерите во вакви периоди може да се очекуваат и забележат отстапки во однесувањето на училиште, затвореност во комуникацијата, попуштање со оценките, конфликти и агресивно однесување и слично. Тие често и помислуваат дека имаат накаква вина или удел во разболувањето или смртта на родителот, и таа мисла мора
ДЕЦАТА НИЗ РАЗВОДОТ
Разводот создава емотивни предизвици и промени за целото семејство, но за децата, ситуацијата може да биде прилично застрашувачка, збунувачка и фрустрирачка. За некои деца, разделбата на родителите не е најтешкиот дел. Наместо тоа, придружните стресови и големи промени се оние што го прават разводот тежок. Промена на училиштата, преселување во нов дом и живеење со самохран родител кој се чувствува исцрпено, се само неколку од дополнителните стресни фактори кои го отежнуваат процесот. Финансиските тешкотии се исто така чести по разводот. За малите деца ќе биде особено тешко да разберат зашто мама живее на едно место, а тато на друго. Кај нив е можно да се јави страв и загриженост, дека ако нивните родители можат да престанат да се сакаат еден со друг, тие би можеле да престанат да ги сакаат и нив. Децата на школска возраст може да чувствуваат како разводот да е нивна вина. Тие може да се плашат дека се однесувале лошо или направиле нешто погрешно што довело до тоа да нивните родители се разделат. Вината често го зголемува притисокот, и може да доведе до анксиозност, депресивност, стрес и други придружни здравствени потешкотии. Адолесцентите може да станат и лути во врска со разводот и промените што следат. Тие можат да го обвинат едниот родител за раскинување на бракот или може да им замерат и на двајцата родители за конфликтите во семејството. Во одредени околности, детето може да чувствува олеснување ако разводот значи помалку расправии и помалку стрес, или и физичко насилство во некои случаи. Често се случува децата поради стресот кој го чувствуваат, да имаат намалена концентрација, а со тоа и намалување на училишниот успех. Може да се појави и чувство на загуба кај децата, конфузија па дури и лутина кои придонесуваат и емоционална хиперсензитивност кај децата. Кај децата кои ќе бидат преплавени од различните чувства, поради неможноста да ги препознаат и соодветно да ги искажат, можно е да се јави и раздразливост, опозиционалност, па дури и гнев кој може да биде насочен кон родителите, но и себеси, другарчињата и останатите најблиски. Родителите играат голема улога во тоа како децата ќе се прилагодат на разводот. За родителите е важно да изградат еден пријателски меѓусебен однос и да го изедначат својот воспитен стил, како не би праќале двојни пораки на своите деца. Воспоставувањето на правила соодветни на возраста до кои доследно ќе се држат двата родитела, им помага на децата да не се чувствуваат збунето и несигурно. Да се бара од децата да изберат кој родител им се допаѓа повеќе, или да им се праќаат негативни пораки за еден од родителите е крајно несоодветно и непрепорачливо. Децата кои ќе се најдат фатени во средина, имаат поголема веројатност да доживеат депресија, вознемиреност и други долготрајни промени во нивната личност. Важно е да се знае дека здравата врска родител-дете помага децата да развијат поголема самодоверба, затоа е важно тие да поминуваат доволно квалитетно време и со двата родитела. Децата кои се сомневаат во нивната способност да се справат со промените, да се адаптираат и се чувствуваат како беспомошни жртви, имаат поголема веројатност да доживеат тешкотии во менталното здравје. Охрабрете ги вашите деца да кажат што мислат и што чувствуваат, уверете ги дека нивните чувства се важни, валидни и нормални и дека вие сте тука секогаш спремни за разговор. За време на овие разговори, избегнувајте да влијаете на промена на чувствата на детето, наместо тоа, фокусирајте се на слушање и заблагодарете им се за нивната искреност. Научете го вашето дете како да управува со своите мисли, чувства и однесување на здрав начин. Можеби најдобро би било кога би почнале да зборувате за тоа дека и вие понекогаш чувствувате лутина, тага, страв. Кажете им конкретен пример како вие се справувате со одредена емоција. Исто толку е важно да ја кажете вистината. Ако, на пример, едниот сопружник се исели или го напушти семејството, опишете што се случило, на јазик разбирлив за нив, но не со премногу детали. Тајните можат да донесат големи повреди во иднина. Ако вашите деца ви поставуваат прашања, важно е да одговорите што е можно повеќе неутрално и вистинито. Стравот од напуштање и загриженоста за иднината може да предизвикаат голема вознемиреност, помогнете му на вашето дете да се чувствува сакано и безбедно. Доколку се чувствувате прeплaвeно со негативни емоции, имате дилеми во однос на постапките во целиот процес, кој во суштина трае многу подолго од формално-правниот дел на разводот, не се двоумете да побарате психолошка поддршка.
Детски тантруми
Убав, но и предизвикувачки период за секој родител.