СЕЛЕКТИВЕН МУТИЗАМ-ДОЛГОТРАЕН И МАКОТРПЕН ПРОЦЕС ЗА ЦЕЛОТО СЕМЕЈСТВО
Селективниот мутизам е сложено анксиозно растројство кое се јавува кај децата. Се карактеризира со неспособност на детето да зборува ефективно и да комуницира во некои социјални средини, како што се училиште или градинка. Децата со селективен мутизам можат да зборуваат и да комуницираат во средини каде што се чувствуваат безбедно и опуштено, како што е домот. Секое дете со селективен мутизам ја покажува вознемиреноста на свој специфичен начин. Некои деца имаат целосна комуникативна блокада, други се карактеризираат со тоа што пројавуваат комуникација во присуство на одредени блиски луѓе, во чија близина се чувствуваат безбедно. Помалку вознемирените деца може да „изгледаат“ опуштено, безгрижно и да се дружат со едно или повеќе деца, но не се во можност да разговараат со наставниците и повеќето врсници. Третман на лицата со селективен мутизам? Главните цели на третманот се да се намали вознемиреноста, да се зголеми самодовербата, да се потикне социјалната комуникација. Акцентот не е на „принудување на детето да зборува“ и сите очекувања за вербализација треба да се отстранат од терапевтските и други средини каде што детето не зборува. Со намалена вознемиреност, самодоверба и употреба на соодветни техники, комуникацијата ќе се зголемува како што детето напредува и преминува од една во друга животна фаза. Третманот треба да бидe прилагоден на потребите на секое дете, но повеќето деца се третираат со комбинација на терапија со игра, когнитивно-бихејвиорална терапија, a со консултација со психијатар понекогаш се вклучуваат и медикаменти. Она што е од есенцијална важност е релацијата на детето со терапевтот, и потребно е детето во присуство на терапевтот да се чувствува почитувано, безбедно, да почувствува разбирање и трпеливост во негово присуство. Во целокупниот процес важна е соработката со училиштето, како и голема поддршка на семејството и родителите. РОДИТЕЛИТЕ СЕ ВАЖНА АЛКА ВО ЦЕЛОКУПНИОТ ПРОЦЕС ПОРАДИ ТОА: Покажете трпеливост Селективниот мутизам е сериозно нарушување и потребно е време за да се видат резултатите. Не се откажувајте од третманот, бидејќи на тој начин испраќате порака дека се откажувате од детето, а детето ја усвојува идејата дека нешто не е во ред со него. Зајакнете ја самодовербата Нагласете ги позитивните аспекти на вашето дете. На пример, ако детето е уметнички надарено, коментирајте позитивно и покажете ги неговите уметнички дела! Бидете креативни, изложете ги неговите уметнички дела. На овој начин детето создава позитивна слика за себе, што ја потикнува вербализацијата кај детето! Поттикнете го дружењето Поттикнете колку што е можно повеќе социјализација, но внимателно без детето да чувствува притисок. Организирајте датуми за игра со родителите на другите деца, можеби да остварите мала група интеракција со врсниците што детето добро ги познава, во вашиот дом. Целта е да го поттикнете вашето дете да се чувствува удобно и да вежба да зборува. Градинка и училиште Потребна е дополнителна едукација и насоки за училиштето или градинката.Разговарајте со наставниците дека детето треба да чувствува дека е во ред да не зборува. Невербалната комуникација првично е прифатлива.
РАЗВОЈНА ДИСФАЗИЈА ИЛИ АУТИЗАМ?
Развојната дисфазија е јазично нарушување на способноста за разбирање, изразување и формулирање на јазична мисла. Овие деца покажуваат значително јазично доцнење во однос на нивната календарска возраст и интелектуален капацитет. Степенот на сериозноста на тешкотијата може да биде различен и се движи од целосно отсуство на говор (алaлија) кај дете од две до три години до навидум нормален говор со потешкотии во читањето и пишувањето кај училишните деца. Кај некои деца, потешкотиите во говорот се поизразени, додека кај други се изразува недостатокот на разбирање за јазичните содржини. Развојна дисфазија или аутизам? Симптомите на овие две нарушувања често се преплетуваат, особено кога станува збор за развојна дисфазија од рецептивен тип. За двете состојби карактеристично е неразбирање, не одговара на сопственото име до две години, прекумерна активност и слабо внимание, недостаток на вербална комуникација, често повторување на јазичната содржина, нарушувања во однесувањето. Главната и најважната разлика е во тоа што развојната дисфазија е исклучиво јазично нарушување и има дефицит на вербална комуникација, додека невербалната комуникација и социјализацијата се релативно добри. Аутизмот е нарушување на вербалната и невербалната комуникација, како и нарушување на социјалниот реципроцитет. Карактеристично за деца со развојна дисфазија: Нормални социјални интеракции. Тие ги разбираат намерите и емоциите на другите. Ова се рефлектира во задоволството од создавање нови социјални контакти и со возрасни, и со деца. Прегратките и бакнежите им создаваат позитивни емоции. Тие реагираат нормално на насмевки. Тие покажуваат задоволство кога ќе добијат нова играчка. Тие имаат контакт со очите. Можеби нема да одговорат на повик по име. Учествуваат во играта „кобајаги“. Нивната игра е функционална и креативна. Тие сакаат да играат со разни играчки и со други деца. Нормална употреба на гестови или само мало отстапување во невербалната комуникација. Нивните социјални контакти се адекватни, тие го компензираат отсуството на говор со гестови, и немаат стереотипни обрасци на однесување. Нивните интереси се разновидни, немаат невообичаено однесување како „треперење“ на рацете, кршење прсти, одење по прсти и слично. Карактеристично за децата со аутизам: Оштетување во сегментот на социјалната интеракција. Тие не можат да донесат едноставни заклучоци за намерите на другите. Не можност за остварување на социјални контакти, изгледаат премногу мирни или дури пак „ладни“. Некои деца не реагираат на насмевки на другите и не обрнуваат внимание на гримасите на другото лице. Се случува да го фиксираат своето внимание на предмети околу нив. Децата со аутизам можат да бидат многу селективни при избор на блиски луѓе, избегнуваат контакт со своите врсници. Креативната имагинативна игра доцни или не постои. Децата со аутизам не се обидуваат да имитираат движења или звуци, не реагираат на сопственото име, карактеристичен е недостатокот на соодветен контакт со очи, имаат карактеристичен „стаклен поглед“. Изостанување на невербалниот контакт, не го компензираат отсуството на говор со употреба на гестови. Употребата на јазик е стереотипна и се повторува. Тие често прозборуваат доцна, откако ќе ги изговорат првите зборови, може да се појави фаза на долга тишина. Постои тенденција да се повторуваат зборови или фрази од филмови, реклами, туѓи говори. Децата со аутизам имаат ограничени, повторливи и стереотипни обрасци на однесување, интереси и активности. Може да забележите повторувања на активности како што се вклучување и исклучување на светлата или отворање и затворање на славината и уредување на предметите по ред. Некои деца можат да одат на прсти, да скокаат, да мавтаат или да имаат повторувачки гримаси од возбуда. Може да имаат прекумерна или намалена чувствителност на дразби од околината (бучава, непријатност при сечење коса, избегнување валкање, пребирливост при избор на храна, силна светлина може да им пречи). Намален праг на болка. Сепак, мора да имаме во предвид дека секое дете е сложена индивидуа сама по себе и дека не е можно да се дијагностицира нарушување засновано на неколку препознаени симптоми. Низа на симптоми може да се пројавуваат, но не мора да значат дека детето има нарушување. Исто така, некои симптоми се појавуваат пред, а некои подоцна. Објавените содржини се во психо-едукативни цели, а за професионална проценка и третман, остварете контакт со стручно лице од областа на менталното здравје. Задолжително означување на авторот и изворот, при превземање и цитирање на објавените содржини.
ВАЖНОСТА НА РАНАТА СТИМУЛАЦИЈА ЗА ДЕЦАТА!
Најважниот период за развојот на детето е од раѓање до 6 годишната возраст, а во овој период раната стимулација има есенцијална улога. Потребно е на децата да им се дадат одредени стимулации кои ќе придонесат за нивен здрав раст и развој. Програмата за рана стимулација има за цел да го поттикне сензомоторниот, емоционалниот, социјалниот и интелектуалниот развој на детето и на тој начин да му обезбеди активно, поуспешно и независно учество во социјалниот живот. За детето да ги развие во потполност своите когнитивни потенцијали, најзначајно е да му се дозволи самостојно да манипулира со предметите, да истражува и учи од сопственото искуство. Децата инстинктивно го прават она што е важно за развој на мозокот, па се вртат во круг, скокаат, но се случува родителите да не дозволат такво однесување со цел да ги заштитат. Голема грешка при воспитување и едукација на децата е што децата се казнуваат кога ќе кажат нешто што не е во ред. Таквото однесување предизвикува децата да се плашат да го споделат своето мислење и да имаат несигурност во себе. Целта на стимулацијата не е развојот да се забрзува, поставувајки превисоки цели, форсирајќи го детето да исполнува задачи за кое не е подготвено. Напротив, потребно е да се препознае и охрабри потенцијалот на секое дете, да му се понудат предизвици и адекватни активности за зацврстување на иницијативата, учењето и себевреднувањето. Важни области за рана стимулација: Фина моторика-развојот на фината моторика е од круцијално значење од моментот кога бебето ќе го открие движењето на рачињата. Груба моторика-ги опфаќа другите делови од телото, рацете, нозете и општото држење на целото тело, запознавање на гестикулативен простор. Социо-емоционалниот развој е важен аспект во растот и развојот на едно дете. Препознавање на своите емоции, споделувањето, а не потиснување, препознавање на туѓите емоции, но и воспоставување здрава релација со останатите. Стимулација на говор. Стимулација на вештини од секојдневен живот. Стимулација на когнитивните способности, логичко размислување и способност за решавање на проблеми и донесување на одлуки. Доколку забележите дека вашето детето не се развива како другите деца, веднаш треба да ги контактирате стручните лица кои го проценуваат целокупниот развој на детето (специјален едукатор и рехабилитатор, логопед, психолог, детски невропсихијатар). Раната стимулација е систематски пристап кон ран и континуиран третман спроведен од тим на експерти, кој е фокусиран на потребите на одредено дете и неговото семејство. Тимовите за рана интервенција и стимулација имаат различни задачи насочени првенствено на обезбедување поддршка на детето, а потоа и на семејството. Детето кое учи нови искуства од рана возраст, развива упорност, креативност и имагинација, ќе прерасне во здрава и интегрирана личност која во иднина ќе придонесе и за општеството како целина.