КОЈ Е ВИНОВЕН ШТО МОЕТО ДЕТЕ ОТСТАПУВА ОД РАЗВОЈНАТА МАПА?
Кога родителoт ќе забележи дека детето не се развива како што се очекува, тој честопати прво го поставува прашањето каде направил грешка во воспитувањето и грижата, а на ова прашање честопати следат мисли како на пример: -Зошто ова ми се случува мене/на моето дете? -Можеби не јадев доволно добро или се однесував несоодветно за време на бременоста? -Ова секако значи дека сме лоши родители и дека сум лоша мајка! -Секој ќе ми суди и ќе помисли дека сме невнимателни, незаинтересирани, неинформирани и дека не го сакаме (доволно) своето дете. Овие и слични мисли изгледаат целосно парализирачки, и ги прави родителите да се чувствуваат преплавено. Кога семејството е зафатено од тага, чувство на беспомошност, а понекогаш и меѓусебно обвинување, детето се наоѓа во ситуација да биде запоставено и лишено од потребното внимание, грижа и поддршка, а така ситуацијата дополнително се влошува. Кој е виновен? Ако има отстапување во развојот, причините обично се комбинација на различни околности и фактори. Ако членовите на семејството се фокусираат на расправија за тоа на кого припаѓа вината, многу е веројатно дека детето наскоро ќе почне да се чувствува лошо и виновно за семејните немири и раздори. Во исто време, додека се занимавате со грижа и вина, вашата енергија и ентузијазам не можат да бидат на завидно ниво, па затоа доаѓате во ситуација да немате доволно сила да му дадете на детето љубов и поддршка кои му се најпотребни. ЗАСТАНЕТЕ! Во моментот кога ќе забележите дека развојот на вашето дете не се одвива вообичаено, исполнувајќи ги развојните задачи од развојната фаза, важно е преиспитувањето и родителскиот страв да им отстапат место на стратешките одлуки кои ќе одат во насока на обезбедување соодветна професионална поддршка и не помалку важна – обезбедување емоционална поддршка на детето. Што е важно да се направи во овој момент? Првата најважна работа што можете да ја направите во овој момент е да ги запрете негативните мисли фокусирајќи се на целото знаење, искуства и што ги имате како индивидуи и како семејство. Токму овие ресурси ќе ви помогнат да го обезбедите потребното професионално охрабрување за детето и, како семејство, да се фокусирате на надминување на моменталната состојба на најдобар можен начин. Одвојте време за семејни активности во кои сите уживате, што ќе придонесе за поголемо чувство на блискост и семејна поврзаност, како и опуштење на напнатоста. Разговарајте. Чувството на поврзаност, меѓусебната блискост и чувството дека сте тим во кој сите сте тука едни за други, се скапоцени за сите членови на семејството во сите ситуации, особено во криза. Бидете свесни за тоа што се случува со детето во моментот, обидете се да бидете и објективни. Јасна слика, заедно со информации за силните страни на детето, ќе му бидат од голема важност на експертот да ја обликува работата со детето на најдобар можен начин. Обидете се да ги разгледате развојните предизвици на вашето дете што е можно пообјективно. Бидете свесни, но и истакнувајте ги силните страни на вашето дете. Детето веќе се чувствува различно од другите, не успевајќи целосно да се вклопи во своите врсници или да ги искаже своите мисли, желби и емоции. Поради тоа, тоа се чувствува фрустрирано, неразбрано, луто или тажно, може да се повлече од социјалните ситуации или да предизвика дополнителни неповолни ситуации со своето однесување, за што често се казнува. Од друга страна, кога ќе се фокусираме на тешкотијата со која се соочува детето, може да се случи чувството за постоење на проблемот да надвладее до степен до кој ќе се занемарат многу други аспекти на неговото функционирање, а кои се сосема соодветни. Наместо да се фокусирате исклучиво на проблемот и да и пристапувате на моменталната состојба од перспектива на страв, обидете се да го погледнете вашето дете реално и на тој начин да ги вклучите и вашите и силите на детето во вистинската насока. Свеста за доблестите на вашето дете ќе има корист и за вас и него, бидејќи се соочувате со развојни предизвици. Тоа ќе ви овозможи подобро да го разберете и почувствувате вашето дете и, според тоа, да се позиционирате што е можно подобро, без да очекувате премногу или премалку од него. Запомнете: Кога ги почитувате силните страни на вашето дете и успеете да ги потенцирате на искрен начин, и вербално и преку вашите очекувања од детето, му помагате да го задржи чувството на компетентност, чувство на моќ и гордост во сите други области, како и во групата врсници. Ова е многу важно да се има предвид, бидејќи тоа е силата на детето, она што тоа го знае и може да го направи, што ќе му овозможи на детето да го надмине постојниот проблем. Нагласувајќи го она што детето знае и може да го направи, испраќате многу важна порака до себе, другите и самото дете – дека неговото право на љубов и поддршка останува непречено.
Семејството како поддршка на лицата кои се соочуваат со депресија
Што е депресија? Депресијата е нарушување на расположението кое предизвикува постојано чувство на тага и губење интерес, нарушување во когнитивните процеси и однесувањето, и може да доведе до различни емоционални и физички проблеми. Депресивните знаци и симптоми може да варираат од личност до личност, но постојат карактеристични симптоми за оваа состојба: чувства на тага, празнина, безнадежност, раздразливост или фрустрација, дури и за мали работи; губење интерес или задоволство за повеќето или за сите нормални активности, во кои личноста претходно уживала; растроено спиење, односно несоница, или хиперсомнија-премногу спиење замор и недостаток на енергија, па дури и малите задачи предизвикуваат дополнителен напор; промени во апетитот – намален апетит и губење на тежината или зголемена желба за храна и зголемување на телесната тежина; анксиозност, вознемиреност или психо-моторна агитираност; забавено размислување, зборување или движења на телото; чувство на безвредност или вина, фиксирање на минати неуспеси или претерано себеобвинување; когнитивни потешкотии, односно пад на концентрација, фокус, внимание и меморија; неодлучност и несигурност, и пад на професионалната ефикасност; психосоматски тегоби, болки во глава, грбот, згрченост на телото и слично; социјална изолираност и повлекување; суицидални идеации, односно, често или повторувачко споменување и размислување за бесмисленоста на животот, самоубиствени мисли, па дури и обиди за самоубиство. Многу често луѓето кои се соочуваат со депресија нема да може да ги препознаат знаците, мислејќи дека тоа што им се случува е сосема нормално или пак симптомите ќе ги препишат на некоја друга здравствена состојба. Исто така, често луѓето се чувствуваат засрамени од својата депресија и погрешно веруваат дека треба да можат да ја надминат самите без да побараат помош. Но, депресијата ретко се подобрува без третман од стручно лице, доколку станува збор за некоја од потешките форми и со продлабочена симптоматологија Соочувањето со депресија кај еден член во семејството ќе ги афектира сите останати членови. Можно е да се јават голем број на прашања и измешани чувства, како што се вина, лутина, страв, безволност, загриженост, паника и слично. Навистина е измачувачки да гледате како некој ваш близок минува низ тешки моменти, но добро е да се знае дека вие како блиска и важна личност во нивниот живот, можете да им помогнете да направат позитивни промени кои ќе ја подобрат нивната состојба. Што може да сторите? Разговарајте со личноста за промените кои сте ги забележале и зошто сте загрижени. Објаснете дека депресијата е медицинска состојба, а не личен недостаток или слабост – и дека се подобрува и успешно третира со соодветен третман. Предложете да побарате помош од професионалец за ментално здравје, како што е лиценциран психолог, психотерапевт или психијатар. Изразете ја вашата подготвеност да помогнете со закажување на преглед или сесија, одење заедно со нив и присуство на сесиите доколку тоа и одговара на личноста. Колку повеќе знаете за депресијата толку подобро ќе можете да помогнете, затоа би било од корист доколку се информирате од стручно лице во однос на дијагнозата, симптомите, третманот и прогнозата на вашиот близок. Вие може да играте клучна улога во третманот и закрепнувањето на личноста, бидејќе ја познавате добро и може да ги препознаете симптомите и да видите дали лековите и третманот помагаат, а потоа да го известите стручното лице за сите промени кои ќе ги забележите. Бидете подготвени да слушате. Покажете и на личноста дека сакате да ја разберете како се чувствува, ислушајте ја кога ќе сака да зборува, внимателно слушајте, но избегнувајте да давате совети, мислење и проценки доколку не ви се побарани и не сте сигурни во истите дека би помогнале. Само слушањето и разбирањето понекогаш можат да бидат моќна алатка за лекување. Дајте позитивна рефлексија. Луѓето со депресија имаат тенденција да се престроги кон себе и да најдат грешка во сè што прават. Потсетете ги за нивните позитивни квалитети и колку таа личност ви значи на вас и на другите. Понудете помош. Личноста која се соочува со депресија можеби нема да може добро да се грижи за одредени задачи. Дајте предлог да превземете дел од обврските. Создавање редовна рутина може да помогне личноста да чувствува помал стрес и поголема контрола над својот живот. Понудете да направите распоред за оброци, лекови, физичка активност и спиење, и помогнете во организирање на домашните работи. Направете заеднички планови. Иницирајте заедничка прошетка, гледање филм или некоја друга активност во која претходно личноста наоѓала задоволство. Но, не обидувајте се да ја присилите да прави нешто доколку не сака. Секое инсистирање може да доведе до зголемено чувство на вина и засилен отпор. Бидете трпеливи. Симптомите на депресија се подобруваат со третманот, но тоа може да потрае. За некои луѓе, симптомите брзо се подобруваат по започнувањето на третманот. За другите, тоа ќе трае подолго. Секогаш земете ги крајно сериозно изјавите поврзани со самоубиствени или самоповредувачки мисли и веднаш побарајте помош, дури и тоа да е спротивно со желбата на самата личност! Запомнете, присуството на некој покрај вас додека страдате и се борите, дава чувство на безбедност кое е од исклучителна важност во целиот процес на третман и лекување.